Економскиот амбиент не е „нула“ – изјавата на Гордана Силјановска-Давкова повторува дезинформација

 

 

На вечерашниот дуел меѓу тројцата претседателски кандидати, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, ја даде следната изјава, која ја оценуваме како невистинита:

Економијата најдобро ја оценуваат економистите однадвор, нашиот најголем економски партнер, Германија, односно претприемачите го оценија економскиот амбиент со нула.

[Извор: ТВ дуел на претседателски кандидати, МРТ1 – датум: 12.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава се темели врз основа на новинарски напис, објавен на еден од македонските информативни портали. Овој напис беше рецензиран од страна на сестринскиот портал на „Вистиномер“, кој се издава во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“ и кој, исто така, го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“, при што беше оценет како целосно неточен.

Инаку, главна цел на проектот „Критинк“ е ширење на медиумската писменост и во неговите рамки една од активностите се однесува на објавување рецензии на новинарски производи (написи, прилози и други).

Во рецензијата на овој напис, рецензентот се повикува на соопштението издадено по повод анкетата што во февруари годинава ја спроведе Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.

Анкетата содржи оценки на стопанственици и во соопштението до јавноста уште во поднасловот стои дека „76% од инвеститорите повторно би инвестирате во Северна Македонија. Компаниите оптимисти очекуваат дека деловната 2019 ќе биде многу подобра од минатата година“.

Кога станува збор, пак, за самата анкета, како пример во рецензијата се цитира прашањето како компаниите ја оценуваат ситуацијата од аспект на својата работа и таа во браншата, при што 61% од испитаниците се задоволни со моментната состојба во сопствената компанија, 29% ја оценуваат како добра, само 10% ја оценуваат како лоша.

Со оглед на ваквата содржина на соопштението, рецензентот дава заклучок со следниве зборови: „каква и да е генералната оценка, таа секако не е „нула“.“ Тој истакнува и дека насловот на написот, кој гласи „Владата на Заев доби оценка нула од германски инвеститори“ и е сосема сличен на изјавата на Силјановска-Давкова дека „претприемачите го оценија економскиот амбиент со нула“ е „тенденциозен и пласира невистина“.

И, како што тоа се случува често кога станува збор за дезинформациите, ваквата невистина потоа беше преземена од други портали блиски од опозицијата, за на крај да стигне и до претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во форма на нејзина неточна и невистинита изјава преку ТВ дуел на тројцата претседателски кандидати.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Владимир Петрески

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.