Експерти: Со предметите на СЈО во постапка се можни застои и застарувања

Евентуалната вмешаност на Катица Јанева во скандалот со „Рекет“, нема да предизвика правен проблем со предметите на Специјалното јавно обвинителство што се во тек во судовите, но може да предизвика застои и одложувања, кои можат да доведат до застарување кај некои од предметите, тврдат експертите што ги консултиравме

 

Евентуалната вмешаност на Катица Јанева во скандалот со „Рекет“ нема да предизвика правен проблем со предметите на Специјалното јавно обвинителство што се во тек во судовите, но може да предизвика застои и одложувања, што, пак, може да доведе до застарување кај некои од предметите, тврдат експертите што ги консултиравме

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По скандалот со приведувањето и отворањето истрага за две осомничени лица за изнудување рекет, при што со овој случај се поврзуваат и две обвинителки од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се наметнува прашањето што ќе се случува со предметите што веќе се во постапка пред судовите. Не само за оние после 30 јуни 2017, туку за оние за кои СЈО постапуваше до 30 јуни, односно за дваесетината случаи од кои за 15-тина сè уште се суди.

Прашањето е актуелизирано од политички и од правен аспект. Главната опозициска партија со која власта досега не може да најде заеднички јазик за новиот закон за Јавно обвинителство, во кој треба да биде решен и статусот на СЈО, веќе излезе со тврдење дека овој скандал покажувал и докажувал дека СЈО е само еден инструмент на СДСМ и дека сето она кое што го работеше СЈО во моментов паѓа во вода.

Одговор на ваквото тврдење даде обвинителката од СЈО Ленче Ристовска:

Сакам да потенцирам дека ние стоиме зад работата што сме ја завршиле досега, ве уверувам дека сите постапки што досега биле отворени и за кои имаме обвинителни акти и судења не се доведени во прашање од причина што и јас и моите колеги можеме да потврдиме дека нашето постапување во нив било во рамките на законските прописи – изјави Ристовска на брифингот со новинарите.

Сето ова упатува на прашањето дали може да има правни последици по предметите на СЈО што сè уште се водат пред судовите. Според одговорот на правните експерти, поголеми последици не би требало да има, но, застои и застарувања се можни.

 

ЗКП НЕМА ОДРЕДБИ СО КОИ БИ СЕ ЗАКОЧИЛЕ ПОСТАПКИТЕ

Професорот на Правниот факултет од Скопје „Јустинијан Први“,  Гордан Калајџиев, смета дека од аспект на Законот за кривична постапка (ЗКП) проблеми нема, а дека може да дојде застој само од аспект на Законот за СЈО (ЗСЈО):

Mислам дека случувањата не треба посебно да се одразат врз предметите што се во тек. Во ЗКП нема некоја посебна одредба што регулира вакви ситуации. Таму е регулирано како би требало да постапи судот ако судија е на некој начин инволвиран во предметот, а по истата аналогија тоа се однесува и на јавен обвинител. Ако има некаков проблем, јавниот обвинител се иззема од предметот и на негово место доаѓа друг јавен обвинител. Но, бидејќи Специјалниот јавен обвинител е единствен застапник на предметите на СЈО, според законот за СЈО, сметам дека би можел да дојде од извесен застој доколку специјалната обвинителка биде опфатена со истрагата. Но, тој застој не би бил од подолг период ако се донесе новиот закон за обвинителство, во чии рамки ќе биде опфатено и сегашното СЈО – изјави Калајџиев.

 

„ЗА ОЧЕКУВАЊЕ  Е ОДБРАНАТА ДА БАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА СПЕЦИЈАЛНАТА…

Слично мислење има и Натали Петровска, адвокат и директорка на невладината организација Коалиција – Сите за правично судење. Таа не очекува проблеми од аспект на законот, туку повеќе од морален апсект што би го ползувала одбраната:

Прашањето за влијанието на евентуалната истрага над споменатиот обвинител (Катица Јанева-н.з.) врз постоечките предмети на СЈО се врзува повеќе со морално-етички аспект и пристап, отколку со процесно-технички. Ова од причина што ЗКП не предвидува специфични одредби со кои се утврдува оваа проблематика, „интервенција” на самиот застапник на обвинение во предметот кој го застапува и негово санкционирање за таквото поведение. Меѓутоа, неспорно е дека одбраната ќе ја искористи оваа прилика и ќе го доведе во прашање секое индивидуално преземено дејствие во овие предмети.

Петровска очекува дека одбраната така и ќе постапи, ќе бара изземање на Специјалниот јавен обвинител и ќе се надева на „застој во постапката и ќорсокак“:

За почеток, може да се очекува одбраната да бара и инсистира на изземање на ЈО кој раководи со ова обвинителство, со цел да се отстрани сомневањето за евентуалната непристрасност, или поконкретно професионалност во постапувањето во делот од постапката, со што би се нашле можеби во еден ќорсокак и застој на постапките. Еве зошто: чл.38 ст.3 од ЗКП предвидува дека Јавниот обвинител на Јавното обвинителство одлучува за изземањето на јавните обвинители во конкретното Јавно обвинителство, додека пак за изземањето на јавниот обвинител на јавното обвинителство одлучува јавниот обвинител на непосредно повисокото јавно обвинителство. Во конкретниов случај, непосредно повисоко јавно обвинителство од специјалното нема, па така, во ЗСЈО е предвидено дека Јавниот обвинител ќе биде професионално одговорен за стручните и законските десјтвија при неговата/нејзината работа пред Советот на јавни обвинители. (чл. 7 ст. 3).

Според Петровска, постапката за разрешување на Специјалниот обвинител предвреме, поради нестручно и несовесно работење, ако се поведе од Советот на јавни обвинители, повторно мора да помине во собраниска процедура, прво на мислење, па потоа на одлучување по предлог на Советот. Но, тоа вели Петровска, е помалку веројатно, бидејќи партиите попрво ќе го донесат новиот закон за обвинителство во кој би било решено и прашањето на СЈО.

 

„ИМПЕРИЈА“ Е НАЈЗАШТИТЕН ПРЕДМЕТ ВО МОМЕНТОВ

Јавноста не се занимаваше многу со судбината на другите предмети, туку најмногу со „Империја“, бидејќи околу овој предмет се врзува и сомневањето за рекет, со кое се товарат лицата кои се под истрага и евентуално инволвираната Јанева. И додека очкувањата и пишувањата по социјалните мрежи одат во насока дека предметот паѓа во вода, Петровска смета дека овој предмет во моментов е најзаштитен:

Овој предмет е можеби најзаштитениот, бидејќи сè уште се наоѓа во фаза на истрага. Кое обвинителство и да го преземе овој предмет на понатамошно постапување, дали ќе биде тоа „новото“ СЈО согласно статусното позиционирање со новиот ЗЈО или пак ОЈОГОКК, ќе има прилика да ја продолжи истрагата и да ја „исправи“ евентуалната штета, доколку се утврди дека таква постои. Што се однесува до останатите предмети, сметам дека ни претстојат одредени застои во постапките, кои воопшто не одат во прилог на резултатите кои се очекуваат од СЈО, а особено не во оние предмети кои се пред застарување, со што дополнително се отвора можност за продолжување на политиката на неказнивост во државава.

 

ВМРО-ДПМНЕ „ЈА ТЕРА ВОДАТА НА СВОЈА ВОДЕНИЦА

Оттаму, тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека сè што работело досега СЈО паѓа во вода, не е ништо друго туку наметнување погрешен став во јавноста со која „водата ја тераат на своја воденица“, бидејќи речиси сите предмети што се водат, опфаќаат обвинети високи функционери од оваа партија.

Се разбира, друго е прашањето што понатаму со СЈО како институција. Дури и самото индицирање дека Катица Јанева и Ленче Стефанова можеби биле вмешани во случајот со осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски, оставаат горчлив вкус кај јавноста. Особено кај онаа иста јавност која за време на „Шарената револуција“ и во времето кога екс-претседателот Ѓорѓе Иванов прогласи аболиција за 50-тина лица, секојдневно, со недели, во 17 часот се собираа пред тогашното седиште на СЈО и протестно маршираа низ улиците на Скопје, изразувајќи поддршка на институцијата, врз која сега е падната длабока сенка.

Тоа можеби најпрецизно го изрази поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски, кој во изјава за Фактор не можеше да го скрие чувството на резигнираност:

„..Лично морам да кажам дека жалам што излезе вака. Бевме, како и повеќето поддржувачи, за тоа обвинителство и некако и мене лично ми е пораз“, вели Трпеновски. 〈♦〉

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.