Експерти: Трошењето јавни пари во медиумите останува нерешено прашање

Со членот 102, од Законот за ААВМУ кој порано регулираше „информирање на јавноста“, а сега „забрана за рекламирање“, сепак,  се овозможува евентуална злоупотреба и повторна корупција на медиуми со јавни пари. Се бара или отстранување на членот или негова преформулација

 

Со членот 102, од Законот за ААВМУ кој порано регулираше „информирање на јавноста“, а сега „забрана за рекламирање“, сепак,  се овозможува евентуална злоупотреба и повторна корупција на медиуми со јавни пари. Се бара или отстранување на членот или негова преформулација

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во претпоследниот работен ден од 2018 година Собранието на РМ по скратена постапка го усвои „Дополнет Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, во кој што, освен некои други дилеми, беше вградена и дилемата дали на власта ѝ е скратена можноста да одлева јавни пари во приватни медиуми.

Станува збор за членот 102 од досегашниот закон донесен во 2013 година, со кој таквата можност експлицитно беше дозволена. Сега, после толку време чекање на овој закон, во последен момент, со амандманска расправа, едногласно е поддржан амндманот со кој членот 102 останува на истото место во законот, но со наслов, „Забрана за рекламирање“ и со текст, кој што за експертите што ги консултиравме и за главното новинарско здружение, е двосмислен и ризичен:

Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери гласи текстот на членот 102

Генерлно, забелешките се движат околу тоа дека двосмисленоста е во формулацијата „не смеаат да предвидуваат“, но и околу тоа дека ваква одредба воопшто не треба да има место во главниот медиумски закон, туку во други закони.

 

ЧАДИКОВСКИ: БАРАМЕ ИЗМЕНА НА ЧЛЕНОТ

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) промптно реагираше на усвојувањето на измените и дополнувањата на законот, без оглед на „глувото доба“, предновогодишните празници, кога измените беа усвоени во Собранието. ЗНМ, во врска со членот 102, ја упати следната забелешка преку соопштение до јавноста:

Покрај позитивните измени на законот, кои во изминатиот период беа усогласени со новинарската и медиумската заедница, загрижени сме околу содржината на членот 102 од законот, кој се однесува на забраната за рекламирање со јавни пари. Наместо јасна одредба со која ќе се забрани трошење јавни пари во медиумите, во овој член се вели дека „институциите нема да предвидат средства“ во буџетите за трошење во медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, запрашан за попрецизно толкување на ставот од соопштението, ни изјави дека ЗНМ е апсолутно цврст по ова прашање и нема намера да отстапи.

Ние уште веднаш предупредивме дека непрецизноста на формулацијата остава можност за пренамена на други ставки од буџетите на посочените во членот. Ако овој член остане во Законот, ЗНМ, сами или во координација со други новинарски организации бара и ќе бара и иницира негова измена. Овој член мора да се дообјасни и да се прецизира за да се отстрани секоја можност или сомнеж дека ќе биде злоупотребен од кого било, дека јавните пари во медиумите можат повторно да служат за корупција во медиумскиот простор, каква што гледавме со години. Ние добро ги знаеме последиците по јавноста од таквата практика и токму затоа медиумските организации беа толку многу против овиј член 102 од ЗААВМУ кој во една верзија, што беше во Собранието, беше и избришан – вели Чадиковски.

 

ТРПЕВСКА: ДА НЕ СЕ КОРИСТАТ ЧУДНИ ФОРМУЛАЦИИ

Дека не станува збор за „престрого“ читање на законот, т.е на посочениот член, ни потврдува и медиумскиот експерт, д-р Снежана Трпевска, прв човек на невладината организација РЕСИС институт:

Претпоставувам дека измената на овој член, кој е повторно нејасен, e со цел да се забрани т.н. државното рекламирање во медиумите. Но, вака срочената забрана се однесува на државните и локалните институции, не на медиумите. Чудно е во закон што ја регулира работата на аудиовизуелните медиуми да забранувате нешто на институциите. Забраната требало да биде експлицитна за медиумите – и тоа не само за државното, туку и за вкупното политичко рекламирање. 

Трпевска вели дека и во претходниот член 102, кој беше злоупотребуван, се користеле „чудни формулации“:

Проблемот беше и што се користеа чудни формулации за да се прикрие дека тоа е, всушност, рекламирање. Терминот „информирање на јавноста“ (во претходниот текст на членот 102 -н.з.) повеќе асоцира на ПР-от на државните институции и тела, но тој не е рекламирање и не се врши како платена активност. Впрочем, основната разлика меѓу ПР-от и рекламирањето е токму во поглед на плаќањето на услугата, бидејќи првиот настојува медиумите да ги „храни“ со добро подготвени информации, наместо да им плаќа за подготвување или продукција на информативни содржини. Информирањето на јавноста за работата на државните органи е, всушност, функција на новинарството и во никој случај не треба да се одвива со буџетски пари, бидејќи ја поткопува негова критичка улога на заштитник на јавниот интерес – вели Трпевска.

 

ТАСЕВА: АПСОЛУТЕН РИЗИК ОД КОРУПЦИЈА

Бидејќи недвосмислено станува збор за проблем кој се однесува на можна корупција на медиумите, ја запрашавме и д-р- Слаѓана Тасева, експерт за антикорупција и претседател на „Транспаренси интернешенл Македонија“, за нејзино толкување на членот и формулациите.

Прво, вели Тасева, ваквата формулација апсолутно носи ризик од корупција.

Второ, местото на ваков член, каков што е 102, не му е во главниот медиумски закон, туку во законите за влада, за локална самоуправа, за јавни претпријатија, и т.н. Утре, кој било градоначалник, директор и слично, може да предвиди или да пренамени средства и да се правда дека не го видел законот за ААВМУ, бидејќи тоа не е негов матичен закон.

Трето, ако веќе останува ваквиот член во овој закон, не е доволно само да се каже дека „не смее да предвиди“ (средства-н.з.), туку и дека „не смее да пренамени и не смее да троши“ во приватните радија и телевизии.

Конечно, во казнените одредби од законот мора да постои член поврзан со овој член, со кој се одредува некоја санкција за оној што нема до го почитува принципиелното барање да не се трошат јавни пари во медиумите – вели Тасева.

 

ЈАВНИ ПАРИ ЌЕ СЕ ТРОШАТ И ЗА ИЗБОРИ

Историјата на трошење јавни пари во медиумите во Македонија е сурова и токму затоа толку упорно се бараше забрана на таквата пракса, бидејќи искуството покажа дека така практично се купува уредувачката политика, особено на највлијателните медиуми во земјава, какви што се телевизиите.

Ваквото барање беше поставено уште за време на „Пржинските преговори“, но претходната владеајачка гарнитура беше глува за ова. Откако коалицијата на чело со СДСМ стапи на власт, таа начелно и во старт се согласи со барањата на медиумските организации. Владата, најпрвин декларативно, сооопшти дека нема да планира средства за рекламирање, со исклучок на социјалните мрежи.

Потоа, во предлог-законот кој долго време се усогласуваше со сите засегнати страни, беше целосно избришан членот 102, што може да се види и од верзииите разгледувани во Собранието. И сега, одеднаш, со амандман кој што е поддржан од сите пратеници во текот на комисиската расправа, тој е вратен во законот во форма која што се смета за дубиозна и за ЗНМ, и за експертите.

Но, дека можеби ова не е случајно зборува и една измена на друг закон, Изборниот, направена пред референдумот. Со вметнување нов член регулирано е дека медиумските кампањи на политичките партии, кои што учествуваат на избори, ќе бидат платени од Буџетот на РМ преку Министерството за финансии. И тогаш ЗНМ и другите медиумски организации жестоко реагираа, но наидоа на ѕид, па дури и на отпор од сопственици или уредници на медиуми, а овој нов член не се смени ниту со следните измени на ИЗ, иако власта тоа го ветуваше пред меѓународната заедница.

Зборувајќи за овој проблем, кој што во зависност од изборите може да „тежи“ и неколку милиони евра по изборен циклус, д-р Трпевска вели:

Барањето на ЗНМ, со кое јас целосно се согласувам, е да се воведе целосна забрана за политичкото огласување во аудиовизуелните медиуми и надвор од избори, и за време на избори. Тоа значи дека треба да се укинат и спорните одредби од членот 76-д од Изборниот законик, според кои медумите можат да добиваат средства директно од Буџетот на РМ во замена за рекламите емитувани за политичките субјекти во изборната кампања. Ова е едно од клучните барања за системски реформи, кои што произлегоа и од извештаите на Прибе за да се раскине финансиско-клиентелистичкиот триаголник во кој се ставени медиумите – меѓу големите политички партии, државата и медиумските сопственици.

Ова, како што вели Трпевска, е многу важно за да не се случи „медиумите повторно да се претворат во идеолошки институции, кои, наместо да го бранат јавниот интерес, ќе имаат пропагандна функција што го поддржува воспоставениот систем на моќ“.

Тоа им е јасно и на медиумските организации и оттука реалната чувствителност за членот 102 од изменетиот и дополнет закон за ААВМУ. Зашто, не се само парите на централно ниво, туку станува збор за големи суми што се трошат и на локално ниво и на ниво на јавни претпријатија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.