Експропријацијата на земјиштето ја закочи изградбата на градинката во с. Стајковци

Село Стајковци Фото: mk.wikipedia.org

 

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на градинка во с. Стајковци и во с. Синѓелиќ. Во првата година од мандатот, ќе бидат изградени две детски градинки и тоа, една во с. Стајковци и една во с. Синѓелиќ. Овој проект е реална потреба на населението на с. Стајковци и с. Синѓелиќ. Како одговор на нивната потреба, овие две градинки ќе бидат изградени во првата година од мандатот со инвестирање на 18-20.000.000,00 денари. Целна група: Деца на возраст од 1-6 години. Рок: 2018 година

[Извор: Изборна програма на Борис Георгиевски за локални избори 2017 година, „Живот во Гази Баба! За сите!“ (стр. 17), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изградба на детски градинки и реновирање на постојните детски градинки според моделот на самоодржливи и енергетскоефикасни објекти, е еден од клучните проекти на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски. Тој во неговата предизборна програма за локалните избори во 2017 година, насловена како „Живот во Гази Баба! За сите!“, вети дека во првата година од мандатот, односно до крајот на 2018 година, на територијата на Општина Гази Баба ќе бидат изградени две градинки, една во с. Стајковци и една во с. Синѓелиќ (стр.17). Реализацијата на овој проект е во тек.

Градинките ќе бидат изградени според моделот на самоодржливи и енергетскоефикасни објекти, кои ќе ги задоволат потребите на сите деца. Ќе биде овозможено сместување на децата од најмала возраст – јасли, па с до предучилишна возраст. Во воспитно-образовниот процес, ќе бидат имплементирани најдобрите светски практики кои овозможуваат создавање просперитетна младина, а воспитниот процес ќе ја развива свеста кај младите за грижа за околината. Преку овој проект, младите брачни парови ќе бидат задржани во своите домови, во с. Стајковци и во с. Синѓелиќ, а исто така, ќе биде поттикнато создавањето на семејство со повеќе деца, се наведува во програмата.

Ветувањето за изградба на градинка во с. Стајковци се провлекува уште од времето на поранешниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски. „Вистиномер“ ова ветување на Трајковски го оцени како неисполнето кон крајот на неговиот мандат.

Според информациите кои ги имаме објавено, на 12.07.2016 година, ВМРО-ДПМНЕ на својата официјална веб – страница објави дека Општина Гази Баба е во фаза на изнаоѓање на земјиште на кое ќе биде изградена нова градинка во Стајковци.

Градоначалникот на Општината Тони Трајковски на денешниот состанок на кој се разгледуваше прогресот на решавање на барањата на граѓаните кои произлегоа од теренските посети кои се реализираат истакна дека нашле приватно земјиште за кое сопственикот се согласил, а на општината и одговара локацијата.

На официјалната веб – страница на Општина Гази Баба и сега не може да се најде никаква вест поврзана со текот на активностите за изградба на градинка во с. Стајковци. Токму затоа се обративме во кабинетот на градоначалникот на Гази Баба, од каде ни потврдија дека земјиште е најдено од претходната власт, но дека тоа решение е незадоволително.

Земјиштето кое е најдено од претходната власт е приватно, но тоа не ја опфаќа цела парцела за изградба на градинката и токму поради тоа сме заглевни. Во моментов во тек е експропријација на останатиот дел од земјиштето по што ќе следи изработка на проект за изградба на градинката – изјави Марко Даниловски, шеф на кабинетот на градоначалникот Георгиевски.

Даниловски ни посочи дека до крајот на годината, ќе биде изградена оваа градинка. Што се однесува до ветувањето за изградба на градинка во с. Синѓелиќ, Даниловски вели дека просторот на старото основно училиште во селото ќе се приспособи за градинка, за што веќе се подготвуваат проекти.

Имајќи го предвид фактот дека Општината веќе презела активности за реализација на изградбата на двете градинки, може да се заклучи дека ветувањето на Георгиевски за изградба на градинки во с. Стајковци и во с. Синѓелиќ, е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција