Елена Гошева: Кариера која чекаше пензионирање за да добие забрзување

Фото: Мета

 

Доскорешната претседателка на Уставниот суд и претходно претседателка на Советот на јавни обвинители излезе од повеќедецениската анонимност дури кога претходната гарнитура на власта ненадејно ѝ даде  висока позиција во правосудниот систем

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Нашиот правосуден систем изобилува со поединци за кои јавноста била поделена на оние кои ги напаѓаат таквите личности, обично заради некоја нивна одлука или постапка, или пак, ги поддржуваат. Судијката Елена Гошева во најголем дел од својата кариера беше невидлива, минувајќи ги годините како незабележлив дел од механизмот во обвинителската фела. Дури на самиот крај на работниот стаж, токму во последните години пред пензија, нејзиното име стана видливо, ама за јавноста стана контраверзна дури тогаш кога беше вратена назад во професијата. По тој повод забелешките одеа кон тоа дека својата позиција во Уставниот суд ја жртвува на одарот на една партија, пред сè, онаа која беше на власт тогаш кога неа во кариерата конечно ѝ тргна.

Да се потсетиме дека Гошева со низа одлуки во таа институција, што се дел од нејзиното одлучување или процесуирање кај јавноста, пред сè стручната, предизвика вртење со главата. Тука влегува и последната актуелност врзана со нејзиното име, кога во самото предвечерие на референдумот со кој се одлучува за иднината на земјата и за нејзино приклучување на евроатланските сојузи, а по повод поднесени барања од странки, му предложи на Уставниот суд да изрече времена мерка – стопирање на сите активности за одржување и спроведување на референдумот.

Имено, Гошева беше судијата известител за иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување референдум и таа во изготвениот реферат предложи судот да поведе постапка.на седницата (19.09.2018) на која ќе се разгледува оваа иницијатива. Познат е резултатот од произнесување на судиите – седуммина од нив не гледаа прекршување на уставните одредби во одлуката за распишување на референдумот, наспроти предлогот на судијката известител за иницијативата Гошева, која зад себе имаше само еден судија кој ја поддржа (Јован Јосифовски).

Оваа кочанчанка денес има 70 години. Дипломирала во 1975 година и ова своевремено, при нејзиниот избор во Собранието на РМ во мај 2012 година, предизвика доста полемики, не само заради нејзиниот кам-бек од „мировината“. На пример, пратеничката Ана Павловска Данева, професор на Правниот факултет и со можен контакт до досиејата на поранешните студенти на истиот, тогаш подвлече дека Гошева сокрила дека студирала 9 години и имала просек од само 6,4. Затоа тогашната опозицијата жестоко ја напаѓаше Гошева како неквалитетен кадар на ВМРО-ДПМНЕ, додека со иста жестина пратениците од ВМРО-ДПМНЕ  ја бранеа како кристално чиста и политички неизвалкана.

Инаку, Гошева по дипломирањето се вработува како приправник во Окружното јавно обвинителство Скопје, на која позиција работи по кривични пријави и предмети од прв и втор степен, се до 1977 година кога по положен правосуден испит работи како стучен соработник. Во 1984 година е избрана за заменик на Општинскиот јавен обвинител во Скопје каде се до 1997 година работи по кривични пријави и предмети.Истите работни задачи ги извршува и во рамките на Основното Јавно Обвинителство како заменик на обвинителот се до 2002 година кога е избрана за заменик на Вишиот Јавен Обвинител во Скопје.

Може да се каже дека практично 25 години била доста „статична“ во Обвинителството, каде имала прво вработување, се до 2008 година кога настанува „пресврт“ (патем, тоа е годината кога новата власт на премиерот Никола Груевски ја зацврсти својата позиција). Гошева тогаш е избрана за член за Советот на Јавните обвинители на Република Македонија, прилично моќна функција која ја добила по предолгото студирање и стереотипното, споро движење во кариерата. И од таа позиција добила можност да управува со изборот и разрешувањето на јавните обвинители, со утврдување на бројот на јавни обвинители во јавните обвинителства, нивната евентуална прераспределба, изработка на план за организација на работата во јавните обвинителства …

Во таа година, кога имала 60 години од животот и веќе можела веќе да размислува за пензија, Гошева од страна на членовите на Советот на Јавните обвинители на Република многу бргу е избрана и за претседател на оваа институција, функција која ја вршела до 2010 година. За судија на Уставниот суд на Република Македонија е избрана во мај 2012 година. Тогаш падна во очи и дека постои добра семејна поврзаност со партијата која тогаш беше на власт.

Таа е мајка на Слободанка Гиевска, во чиј мандат како претседател на Пописната комисија беше поништен пописот кој што почна да се реализира во 2011 година. Уште во 2004 година Гиевска е директор во моќниот „Телеком“ и го води секторот на човечки ресурси.

Зет на Гошева е Игор Гиевски, поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Тој најпрвин остана верен на претходниот претседател на партијата Љубчо Георгиевски, дури стана и член на Советот на град Скопје како негов следбеник. Како таков влезе и во Холдингот на австриската ЕВН, која беше, да се потсетиме, во војна со Груевски и неговата екипа кога тие дојдоа на власт и не ја признаваа приватизацијата на делот од ЕСМ. 

Во тоа време, додека Гошева влезе во Уставен и брзопотезно стана и претседател на истиот, беше донесена забрана за снимање на камери за време на седниците, а без образложение беше донесена одлука да се затворат вратите за новинарите и кога се одлучуваше за помилувањата на претседателот Иванов.

Да се потсетиме дека  тогаш  уставната судијка Гзиме Старова  јавно констатира : „тешко на земјава додека на чело на Уставниот суд е Елена Гошева“.  И тоа не само заради она што претседателката го стави на дневен ред на таа расправа (брзата постапка со која се поведе постапка за укинување на измените на Законот за помилување кои му забрануваа на Претседателот на државата да помилува лица за одредени кривични дел), туку и заради фактот што, на пример и забрани на една судијка (!) да го издвои записнички своето мислење, или да се исправи записникот во кој погрешно е утврдена нивната волја при гласањето на четворица судии (не биле, да појасниме, за предлогот на Гошева, ама таа тоа не го видела). Ова се слики од секојдневието во текот на постапките во тој Суд што се обележје на нејзината кариера, веќе опишани во повеќе новинарски анализи (види поопширно).

Она што секако мора да се има  предвид  при сите овие констатации за начинот на кој суди Гошева, е фактот дека мандатот на еден уставен судија е девет години и таа практично останува на функцијата уште три години. Кога ќе ја напушти својата фотелја ќе има 73 години.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.