Европската комисија со критички оценки за Македонија во многу сегменти

Недостигот од политичка волја за оставрување напредок на многу полиња се протега низ целиот извештај на Европската комисија. Фото: Гугл/обработка: Вистиномер

Извештајот на ЕК за Македонија покажува дека земјата назадувала во основните критериуми што се абецеда за секоја либерална демократска земја – судство, слобода на изразување и човекови права, функционална пазарана економија. Со вакви оценки станува јасно дека Грција е само дел од проблемите на патот на Македонија кон ЕУ

Извештајот на ЕК за Македонија покажува дека земјата назадувала во основните критериуми што се абецеда за секоја либерална демократска земја – судство, слобода на изразување и човекови права, функционална пазарана економија. Со вакви оценки станува јасно дека Грција е само дел од проблемите на патот на Македонија кон ЕУ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Прогрес извештајот за напредокот на Македонија во европските интегративни процеси за 2016 година е јасен – нема прпорака за преговори доколку не се исполнат во целост обврските од Договорот од Пржино и итните реформски приоритети, кои преведено се однесуваат на Извештајот на Рајнхард Прибе.

Ова е втора година по ред како Македонија добива условена препорака, т.е. таа де факто е одземена, по шест години позитивна препорака и ланската, прва која беше условена. Извештајот со анексите има 87 страници и тој е стандарден во поглед на шаблонот на кој беа подготувани и претходните извештаи.

Во клучните наоди кои се запишани во извештајот, главните забелешки се однесуваат на дел од т.н. Копенхашки критериуми, кои секоја земја мора цврсто да ги исполни за да има амбиции да влезе во европското семејство. Дел од нив се владеење на правото и основни човекови права и слободи, какви што се и слободата на медиумите и правото на слободно изразување.

Забелешките се групирани во политички и економски, а иако економските досега беа подобриот дел од извештаите на ЕУ за напредокот на земјава, во овој има забелешки дури и за основнот економски критериум – функционална пазарна економија.

 

НЕМА НЕЗАВИСНО СУДСТВО, ИМА СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА

Една од забелешките е судството и неговото функционирање како независна трета власт. Иако се повторува оценката дека Македонија има извесен степен на подготовки за европските стандарди во судството – главната оценка е дека судството назадувало.

Состојбата е уназадена од 2014 година и постигнувањата во реформскиот процес во претходната декада се поткопани од повторното политичко мешање во судството. Властите не успејаа да покажат неопходно политичка волја за да се справат со прашањата што беа дефинирани во Итните реформски приоритети (се мисли на судството – н.з.). Попречувањата со кои се соочува новото Специјално јавно обвинителство покажаа дека е потребно ефективно справување со недостигот од независност во судството и со селективната правда.

Ваквата директна оценка за третата власт со потсетувањето на Итните реформски приоритети, е со цел да се потсети на Извештајот на Прибе од кои тие произлегоа и кои Груевски на два пати ги ветува. Една од петте забелешки во Извештајот на Прибе, беше токму лошата состојба во судството.

 

ЗАГРОЗЕНИ ЧОВЕКОВИ ПРАВА, НЕДОСТИГ НА ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА

ЕК констатира дека човековите права во земјава се исполнети според европските стандарди, ама само законски.

Во практиката се потребни повеќе напори за да се обезбеди почитувањето на човековите права на ранливите групи, вклучувајќи ги и бегалците и мигрантите. Воедно недостасува политичка волја и соодветни ресурси за да им се овозможи на надзорните и регулаторните тела целосно, независно и ефективно да го исполнат својот мандат. Најмаргинализираните категории на населението сè уште не се под целосна заштита.

Европската комисија негативно оценува уште едно поле што требаше да биде опфатено со Итните реформски приоритети, т.е. со препораките од Извештајот на Прибе – медиумите.

Во областа на слободота на изразување, земјата има извесен степен на напредок. Но, слободата на изразување и состојбата во медиумите остануваат сериозен предизвик во сегашната политичка клима.

 

НЕМА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА ПОРАДИ ПОЛИТИКАТА

Како и за други области каде има бројни забелешки и во областа на борбата против корупцијата се вели дека има извесен напредок, ама на хартија, во законите и другите прописи, а не во пракса. Тоа резултира со оценката дека корупцијата е високо распространета, а главен виновник за тоа е политичкото мешање, односно немањето волја.

 Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да биде сериозен проблем. Законодавната и институционалната рамка е развиена. Сепак, структурните недостатоци на Државната комисија за спречување на корупцијата и мешањето на политиката во нејзината работа ги минимизираа ефектите од претходниот труд на ова поле. Се уште има потреба да се покаже убедлив напредок, особено кога станува збор за случаи на висока корупција.

Нешто подобри се оценките за борбата против организираниот криминал, каде исто така се констатира напредок и во законите и во стратегијата. Но, забелешката е дека не постојат ресурси:

Капацитетот на институциите за спроведување на законот, во однос на финансиските истраги, како и за конфискација на имотот, треба и натаму да се развиваат.

 

КРИТИКИ ЗА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

Јавната администрација, иако е општ проблем за сите земји, во Македонија се поврзува со термините политичка алатка, со недостиг на отчетност, со политизација и со неконкуретност.

Земјата умерено се поготвува во полето на јавната админстрација. Има извесен, многу ограничен прогрес во текот на изминатите неколку години. Имплементацијата на законската рамка што се однесува на човечките ресурси почна да се применува…

Но, нема напредок во примената на препораките на Комисијата од претходно. Наместо да бидат укинати, привремените договори за вработувања се претворија во трајни, без конкурентност. Неефективната отчетност, употребата на јавниот сектор како политички инструмент, обвинувањата за притисоци врз вработените во јавниот сектор и обвинувањата за политизација на јавната администрација во изборната година и натаму остануваат загрижувачки.

И тука се детектира недостиг на политичка волја, иако постои искажана намера за стратегија за справување со овие проблеми.

Неоправдано се доцни со сеопфатната реформската стратегија за ова прашање за периодот 2017-2022, која сè уште е во подготовка. Недостигот, пак, од политичка волја за да се испорачаат неопходните реформи во управувањето со јавните финансии, доведоа до значително намалување на финансиската помош на Европската унија во 2016 година.

 

НЕМА ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА, ЈАВНИОТ ДОЛГ СЕ ЗГОЛЕМУВА

Европската комисија со години по ред изнесува доста добри оценки во однос на исполнувањето на економските критериуми. И оваа година се набројани законски измени во полето на економијата и напредокот постигнат од тој аспект.

Не се заборавени ниту „макроекономската стабилност и опкружувањето“, кои дополнително се засилени во однос на 2015 година, појаснувајќи притоа дека „јавните инвестиции во инфраструктурата и странските инвестиции придонеле“ кон оваа макроекономска стабилност, иако првите знаци на слабост се виделе во првиот квартал од 2016 година.

Но, двете клучни реченици се следниве:

  • Севкупно гледано – нема напредок кон функционална пазарна економија за време на периодот за кој се известува (т.е. од ланскиот извештај)
  • Менаџирањето со јавните финансии не е подобрено, а јавниот долг дополнително е зголемен.

 

КРИТИКИ ДУРИ И ЗА ЗДРАВСТВОТО

Европскиот извештај за напредокот на Македонија во 2016, сосема јасно, под сериозна критика ги изложува дел од главните Копенхашки критериуми од 1993 година. Со овој извештај де факто се потврдува уште еднаш она на што предупредуваа срамежливо од ЕУ и досега во последниве две години, а гласно, дел од домашните аналитичари и грчките политичари – дека не е само Грција веќе пречка за отпочнување на преговорите.

Во извештајот има доста критики и за други сегменти од јавните политики во Македонија и за тековната состојба, меѓу другото и за еден од адутите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е здравството. Покрај најновите забелешки за политиката кон справување со заразните болести ХИВ/СИДА, еве ја оценката за инвестициите во здравството:

Иако, постојат инвестиции и обуки во јавното здравство, тоа не се прави на системски начин: на пример, нова опрема се инсталира во субстандардни објекти, додека во други здравствени објекти, пак, недостасува соодветно обучен кадар.

Воспоставувањето на електронски здравствен регистар е започнато, но електронската здравствена картичка останува само делумно функционална – се вели во делот на извештајот за јавното здравство на 76-тата страница од Извештајот.

Патем, овој Извештај за Македонија ќе биде на сила до 2018 година, а можни се мали измени од Советот на ЕУ во средината или при крајот на декември. Според новите правила на ЕУ, како што јави дописникот на МЕТА од Брисел, отсега Комисијата ќе излегува со Прогрес извештаи за земјите кандидати на секои две години, така што следниот е најверојатно на пролет во 2018 година.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција