Фабриката за етанол со нови 1.000 работни места „испарува“?

Рокот истекува, инвестицијата замрзната. Фото: Влада на РМ

Нема дилеми дека инвестицијата е навистина сопрена, бидејќи ниту еден медиум повеќе од една година не пишувал за оваа фабрика. Но токму објаснувањето на ирската компанија на нејзиниот веб-сајт го дава и одговорот на прашањето зошто инвестицијата сопира.
Имено, еден од партнерите во проектот е американскиот гигант „ДуПонт“, еден од светските лидери на полето на генетското преработување, односно модифицирање, на различни организми.

 

Проектот предвидува изградба на современа биорафинерија со капацитет од 100 милиони литри, а производството ќе биде наменето за светскиот пазар. Вкупната инвестиција за период од пет години ќе изнесува над 250 милиони евра и ќе се креираат 1.000 директни вработувања. Градбата на фабриката би започнала во 2016 и би траела две години, рече министерот Павлевски по потпишувањето на Меморандумот. (Рок за почеток на изградбата: 2016)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На 16 октомври 2014 година, по потпишувањето на Меморандумот за соработка од страна на министерот за странски инвестиции Бил Павлески,  претседателот на „Етанол Јуроп Рињуабл“, Марк Тарли и директорот на „ДуПонт“, Јан Конинг, за изградба на фабрика за производство на целулозен етанол во Прилепскиот регион од страна на ирската компанија „Етанол Јуроп Рињуабл“ и американската „ДуПонт“, министерот за странски инвестиции наведува дека фабриката ќе почне да се гради во 2016 година и ќе биде изградена две години потоа.

Како што утврдивме, ова ветување на министерот за странски инвестиции Бил Павлески, кое опфаќа и 1.000 нови работни места досега, на самиот крај на претпоследниот квартал на годинава, е неисполнето, а според најавите од „Етанол Јуроп Рињуабл“, не се знае кога би почнала изградбата. Дополнително, во приказната се вмешува и една многу контроверзна тема – генетски модифицирани организми.

Како што тогаш, на денот на потпишувањето на меморандумот за соработка, 16 октомври 2014 година, се кажува, идејата била во фабриката да се произведува етанол од суровини, односно растенија што ќе се одгледуваат на околу 20.000 хектари напуштено и деградирано земјиште во Пелагонија и Мариово, како што вели Тарли, сопственикот на ирската компанија.

На веб-сајтот на Етанол Јуроп Рињуабл (во делот Investments) сега пишува дека инвестицијата во фабриката „Пелагонија Етанол“ е сопрена поради „спреченоста на Европската комисија да воспостави регулаторна рамка која што ќе го овозможи инвестирањето во целулозен етанол“.

This investment is now suspended due to the inability of the European Commission to introduce a regulatory scheme that makes investing in cellulosic еthanol in Europe possible.

Нема дилеми дека инвестицијата е навистина сопрена, бидејќи ниту еден медиум повеќе од една година не пишувал за оваа фабрика. Но, токму објаснувањето на ирската компанија на нејзиниот веб-сајт го дава и одговорот на прашањето зошто инвестицијата сопира.

Имено, еден од партнерите во проектот е американскиот гигант „ДуПонт“, еден од светските лидери на полето на генетското преработување, односно модифицирање, на различни организми. Сомнеж дека идејата е фабриката да користи генетски модифицирани организми како суровина ја изнесе и партијата ДОМ на 20 октомври 2014 година, односно само четири дена после потпишувањето на меморандумот за соработка.

Oваа американска фирма има фабрики за производство на биогориво низ целиот свет и секаде се работи со генетски модифицирано семе, заради поголеми приноси. Дали во Македонија ќе направат исклучок и ќе употребат природно семе? – праша женскиот портпарол на ДОМ Маја Морачанин.

Македонија мора да остане земја во која нема да се произведува ГМО за никакви цели, а трајна определба да биде производство на здрава храна и заштита на животната средина како услов за која и да е инвестиција – рече машкиот портпарол на ДОМ Тони Ристов.

Можеби дел од причините што инвестицијата сопира е токму фактот на веб-сајтот на ирската компанија, но и фактот дека со македонскиот Закон за безбедност на храна, во Македонија се забранети увозот, производството и пуштање во промет на генетски модифицирана храна додека земјата не стане членка на Европската унија. Но, од друга страна, на веб-сајтот на  компанијата од Ирска „Ethanol Europe Renewables“, во делот Investments, гледаме дека таа во својата фабрика во Унгарија, „Панониа Етанол“, најголемиот производител на етанол во Европа, секоја година произведува 450 милиони литри етанол.

Како и да е, според сегашната ситуација, јасно е дека ветувањето на министерот Бил Павлески, е неисполнето.

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

ИЗВОРИ

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.