Формирана е Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе

Сириски мигранти минуваат од Грција во Македонија, август 2015 година Фото: flickr.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Формирање специјална единица (task force) за борба против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти, составена од претставници од Основно јавно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција и МВР.

[Извор: Влада на РМ – План 3-6-9, стр.7, датум: јули 2017 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на Владата дадено во јули минатата година (2017) во  Планот 3-6-9, посветен на делот на миграциите (стр.7) за „формирање специјална единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти“,  е исполнето. Дека е формирана ваква  Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, за „Вистиномер“ потврдија од МВР, а  дека ветување е исполнето се гледа и од деталниот Фактографски извештај (стр.62 -63) за имплементација на Планот 3-6-9 за периодот од 04.07.2017 до 17.04.2018, кој СЕП го објави на 17.04.2018 година.

Владата на 39-та седница одржана на 17.11.2017 година, како што беше објавено на нејзината официјална веб – страница, ја разгледала и усвоила информацијата за формирање на национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, со склучување на меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на Република Македонија, во областа на сузбивање на организирани форми на криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

Според наведеното во Фктографскиот извештај (стр.62), Меморандумот за соработка помеѓу Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи во областа на сузбивање на организирани форми на криумчарење мигранти и трговија со луѓе бил потпишан на 03.01.2018 година.

Со овој Меморандум е предвидена соработка меѓу страните преку спроведување на анализа на информациите за активностите на организираните криминални групи, креирање адекватни механизми за покренување и успешно спроведување истраги, водење проактивни и реактивни истраги, разузнавачка дејност насочена кон идентификација на криминалните групи, собирање сознанија за финансиските средства и имот стекнати преку криумчарење мигранти и трговија со луѓе заради спроведување финансиски истраги, размена на информации, учество во заедничките истражни тимови, унапредување на меѓународно-правната соработка, идентификување на жртви на трговија со луѓе меѓу ранливите категории мигранти, иницирање и организирање заеднички обуки.

Потоа, како што се вели во  Фактографскиот извештај (стр.63) со цел спроведување на соработка помеѓу Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи во областа на сузбивање на организирани форми на криумчарење мигранти и трговија со луѓе,  формирана  е Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

Националната единица е составена од: раководител, заменик на раководителот, помошник раководител и негов заменик, постојани членови и контакт лица. Постојаните членови и контакт лица се овластени службени лица од Министерството за внатрешни работи. Со Националната единица раководи Раководител кој го назначува Јавниот обвинител на предлог на Основниот Јавен обвинител на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Активностите на претставниците од Министерството за внатрешни работи ги координира Помошник раководителот кој е началник на надлежната организациска единица за трговија со луѓе и криумчарење мигранти во Министерството за внатрешни работи.

Од МВР, во изјава за „Вистиномер“, потврдуваат дека е формирана Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

На 27.03.2018 година,  Сител телевизија јави дека државниот секретар на МВР, Магдалена Несторовска, се сретна со раководителот на Европскиот центар за борба против криумчарење мигранти, при што ја посетиле новофомираната Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе на Република Македонија и Секторот за меѓународна полициска соработка.

Црепинко ја поздравил одлуката за формирање Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе и изразил подготвеност за натамошна соработка.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Владата за формирање специјална единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти, е исполнето .

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.