Галиите и другите објекти навистина го зголемуваат ризикот од поплави во Скопје

 

Градоначалникот Петре Шилегов, гостувајќи на ТВ Алсат во емисијата „360 степени“ ја даде следната изјава која ја оценуваме како вистина:

Студијата која што ја има направено УНДП зборува за три нивоа на поплави на градот Скопје. Првата која што би ја донела само реката Варадар и која се дели на поплава од мали размери. Можна штета настаната врз имотот на граѓаните на Скопје и општо на градот е околу 50 –тина милиони евра. Втората, средна кога се спојуваат водите на две од трите реки во сливното подрачје на Градот Скопје – студијата покажува дека е можна штета од 250 милиони евра. И третата е ако се спојат сите три река во дадена критична ситуација, материјалната штета која би била нанесена на градот Скопје е околу 500 милиони евра. Тоа е она што јас морам да го имам предвид кога ги носам одлуките, бидејќи недозволиво е, никаде не се градат објекти во мајнор коритото… Не станува збор за каприц на Шилегов дека сака да го руши Скопје 2014… Станува збор за безбедност на граѓаните на градот Скопје. (28 мин од видеото)

[Извор: 360 Степени – разговор со Шилегов, датум: 23.02.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, одговараше на прашање на уредникот на емисијата дали се вистинити изјавите дека ќе се потрошеле меѓу 5 и 8 милиони евра за отстранување на галиите и дел од недоизградениот пешачки мост во коритото на Вардар во центарот на Скопје и за причините зошто тоа се прави, при што одговори дека станува збор за безбедносен ризик, што го оценуваме како вистина.

Шилегов се повика на оценка направена од УНДП (заборави да прецизира дека станува збор за Анализа направена во соработка со Град Скопје), која била презентирана при крајот на минатата годин во Собранието на Град Скопје. Документот се вика „Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во скопскиот регион“ и во него навистина се наведуваат три опции за можни поплави во Скопје – три сценарија, со проценки на штетите во урбаниот и во руралниот дел на градот. Бројките од проценките на штетата при симулирани три сценарија навистина се големи и се во десетици и стотици милиони евра, иако не можевме да ги најдеме баш прецизно бројките што ги искажа Шилегов во емисијата.

И во други документи се констатира зголемена опасност и ризик од поплави особено во централното градско подрачје поради намалената проточност на коритото на Вардар, што е последица на повеќе градби во самото корито на релативно мал должински простор.

Само 10 месеци пред споменатата анализа, Градот Скопје промовираше Стратегија наречена Отпорно Скопје – стратегија за климатски промени.

Во делот Поплави, во стратегијата се наведува и следната оценка:

Коритото на Вардар низ централното подрачје на Скопје во текот на изминатите неколку години е предмет на антропогени промени, кои ја намалија максималната проектирана пропусна способност на регулираното корито за околу 25-30%. Градежните работи поврзани со поставување три статички бродови во речното корито, два пешачки мостови, а уште еден мост на кој ќе биде поставено панорамско тркало моментално е во фаза на изградба, покрај тоа што ја намалуваат пропусната способност на коритото, се причини и за големи количини седимент депонирани во самото корито на реката. (стр.42)

И оваа стратегија е финансиски и технички помогната од УНДП. Но и во претходни документи што ги изработил Град Скопје или се проценки направени по сила на закон, се наведуваат опасностите од поплави во Скопје и се правени разни безбедносни проценки, за што „Вистиномер“ пишуваше  неколку пати по катастрофалните поплави во околината на Скопје кај село Стајковци, при што загинаа над 20 луѓе, а материјалната штета и според УНДП изнесува околу 30 милиони евра.

Поради погоре наведените аргументи, изјавата на Шилегов дека издал наредба да се отстранат галиите во коритото на река Врадар од безбедносни причини за граѓаните и градот Скопје, ја оценуваме како вистина.

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *