Гасификацијата на Неготино треба допрва да се спроведува

Неготино Фото: mk.wikipedia.org

 

Гасификација на Општина Неготино

Со вклучувањето на Република Македонија во проектот „Јужен поток“ и проектот за изградба на националната гасоводна мрежа, ќе се овозможи гасификација на општина Неготино. Со изградбата на секундарната и на терцијалната мрежа ќе се овозможат пониски трошоци за греење за домаќинствата и за компаниите, како и пониски трошоци за енергенти на производствените капацитети што ќе го користат гасот. (Рок: декември 2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Гасификација на Општина Неготино“   е  еден од приоритетните проекти наведени во изборната програма (стр.10) на градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов, со која тој (како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ) излезе на локалните избори 2013 година.  Во делот „Локален економски развој, (стр.16)  од програмата насловена: „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Неготино!“ Апостолов  посочува дека краен рок за реализација на проектот е декември 2016 година. Мандатот на Апостолов заврши во мај (2017) и ова негово ветување е неисполнето. Независно што за тоа има објективни причини, бидејќи споменатиот проект е  директно поврзан со изградбата на магистралната гасоводна делница Штип –Неготино ( како  дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем во Република Македонија, што го спроведува Владата), чие завршување, пак,  се најавува за крајот на 2017 година.

И во Отчетот  за сработеното за 2016 година, градоначалникот Апостолов кажува дека овој проект треба допрва да се реализира :

 Гасификацијата до крајот на 2017 година треба да стаса и до Неготино.  Гасоводот Штип – Неготино во должина од 36 километри е во вредност од 16.000.000 евра обезбедени од Владата, и според најавите, овој крак ќе биде завршен до крајот на оваа година. Тоа значи дека нашиот регион ќе добие поевтин и еколошки енергенс, кој ќе овозможи гасификација на домаќинствата која ќе се одвива постепено, а бенефитите ќе ги користат и стопанските капацитети во трите нови индустриски зони, како и постојните капацитети кои функционираат на територијата на општина Неготино. Пресметките покажуваат дека економските бенефити за нашите граѓани и за стопанствениците ќе бидат огромни, па токму затоа ние како локална самоуправа веќе сме во фаза на изготвување на неопходната техничка документација за создавање услови за секундарно приклучување на гасоводната мрежа.

Инаку, магистралниот гасовод  Штип –Неготино  почна да се гради на 30 август минатата година (2016). На 17 март оваа година (2017)  медиумите информираа дека владини претставници направија увид во градежните работи на гасоводот, при што беше соопштено дека „околу 60 проценти е готова изградбата на гасоводната мрежа од Штип кон Неготино, кој се очекува да биде готов до крајот на годината (2017г. н.з.)“.

Што значи изградбата на секундарната и терцијалната мрежа во Неготино би била можела да почне дури наредната година (2018 г.), а имајќи предвид дека мандатот на Апостолов е веќе  истечен, ова негово изборно  ветување го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска