Гасификацијата – најголем предизвик за градоначалникот на Охрид

Градоначалникот на Општина Охрид, професор д-р Јован Стојаноски Фото: Општина Охрид

Во првите шест месеци од мандатот успеавме да реализираме околу 20 – на проекти од областа на инфраструктурата, реконструкција и изградба на патишта, детски градинки и училишта. Го отворивме новото општинско крило во кое сега функционира најголемиот дел од општинската администрација. „Општина за сите“, е оној проект којшто го зацртавме, го ветивме и ги отворивме вратите за сите граѓани на Општина Охрид, вели градоначалникот на Општина Охрид, професор д-р Јован Стојаноски

 

Во првите шест месеци од мандатот успеавме да реализираме околу 20 – на проекти од областа на инфраструктурата, реконструкција и изградба на патишта, детски градинки и училишта. Го отворивме новото општинско крило  во кое сега функционира најголемиот дел од општинската администрација.  „Општина за сите“, е оној проект којшто  го зацртавме, го ветивме и ги отворивме  вратите за сите граѓани на Општина Охрид, вели градоначалникот на Општина Охрид, професор д-р Јован Стојаноски во интервјуто направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED ( National Endowment for Democracy) 

 

Интервјуто го правеше: Веле Митаноски

 

Кои беа главните ветувања, најважните проекти за реализација, откако ја добивте довербата на граѓаните?

Со самото кандидирање за градоначалник на Охрид се обврзав преку посветено , одговорно и домаќинско работење заедно со мојот тим да ги подобриме условите за живот на  сите граѓани. Да ги зголемиме можностите за социјален и економски развој и да ги зачуваме природните, културните и духовните обележја на Охрид на задоволство на сегашните и идни поколенија. Најзначаен меѓу проектите што им ги ветив на охриѓани  во изборната кампања најверојатно е проектот за гасификација на Охрид. Гасификацијата значително ќе го подобри стандардот на граѓаните, ќе ја зголеми конкурентноста на домашните компании и позитивно ќе влијае врз атрактивноста на Охрид. Крајниот рок за реализација на овој проект е 2020 година. Исто така, еден од позначајните проекти што ги ветивме пред охриѓани е санација и доизградба на колекторскиот систем. Станува збор за проект којшто е од витално значење  за еколошката заштита на Охридското Езеро, како и неговиот растителен и животински свет. Краен рок за реализација на проектот е 2019 година.

„Сите за Охрид“ е проект кој подразбира изградба на стратегија за развој на Охрид до 2023 година. Стратегијата треба прецизно да го дефинира патот за негов долгорочен  одржлив развој и правилно позиционирање на нашиот град на мапата на европски и светски културни центри и градови на езера

Во делот  на инфраструктурата градиме по план. Потоа се обврзавме постојано и навремено да ги чистиме депониите и каналите, вложуваме во колекторскиот систем, во пречистителни станици, а работиме и на можноста за изградба на регионални фабрики за третман на цврстиот комунален отпад и во енергетски ефикасни објекти. Во изминатиов шестмесечен период  ја отворивме локалната самоуправа за да може  секој граѓанин да добие навремени и квалитетни услуги. Ја вративме моќта на месните и урбаните заедници во однос на нивно учество при донесување одлуки од општ – јавен интерес. Ги вклучивме граѓаните во креирање на буџетот, во носењето одлуки и  контрола на власта. Во насока на пообрување на условите за развој на децата и младите имаме предвидено изградба и реконструкција на детски градинки и училишта и училишни сали. Предвидена е и модернизација на Спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“.

 

Какви чекори и постапки имате намера да спроведете за да ја зголемите отчетноста во своето работење?

Изминатиов шестмесечен период  ја отворивме локалната самоуправа  за да може секој граѓанин  да добие навремено квалитетни и евтини услуги. Со навршување на 100-те дена од мојот мандат дадов Отчет пред охриѓани за сработеното. За секој потрошен народен денар којшто бил слеан во општинската каса, за сè што општинската администрација работи, за секој реализиран проект охриѓани се навремено информирани, а сето тоа оди во насока на моето отчетно, транспарентно и чесно работење. Јас како градоначалник  сум секогаш отворен и достапен за новинарите.

 

Да издвоите три или повеќе најрелевантни предизвици/проблеми/ветувања во општината за кои беше ветено дека ќе бидат разрешени, односно исполнети.

Меѓу трите најголеми предизвици кои настојувам и би сакал да се реализираат во мојот мандат, а се предизборно ветување, се:

  • целосно раздолжување на Општина Охрид
  • гасификација на  градот
  • реконструкција и доизградба на колекторскиот систем.

 

Да не потсетите на 3-5 најдоминантни прашања во изборната кампања или, уште побитно, кои се најважни за граѓаните, кои разрешуваат некој горлив, важен или итен проблем со што ќе се придонесе кон значително подобрување на квалитетот на животот и зголемување на добробитта и благосостојбата на граѓаните, односно кои претставуваат причина и предуслов што вие, како кандидат бевте избран за градоначалник.

Гасификацијата на Охрид  како и реконструкција и доизградба на колекторскиот систем се најверојатно најбитните проекти од кои полза ќе имаат сите охриѓани. За првиот проект крајниот рок на реализација е 2020 а за вториот  2019 година. Меѓу побитните проекти е и проектот за спас на Студенчишкото блато кое како природен феномен е од особено значење за Охридското Езеро  и претставува негов интегрален дел поврзан со многубројни канали. Потоа изградба на фабрика за отпад. Планот ни е таа да биде опремена  и ќе работи во согласност  со стандардите на ЕУ. Нејзината градба би значела затворање на депониите оценети  како ризични  за здравјето на луѓето, намалување на загадувањето на воздухот, искористување на енергетската вредност на отпадот, зголемување на приходот и создавање нови работни места. Настојуваме да изградиме модерен туризам, целна група на проектот се сите охриѓани , а во полза на земјоделците  ќе имаме организиран откуп и дистрибуција на земјоделски производи и развој на оранжериско производство.

 

Што друго би издвоиле од предизборната програма, ваша и на вашата партија?

Имаме проекти кои се однесуваат на  најмладите охриѓанчиња, учениците и младите. Тука се доизградба на постоечките  детски градинки, зголемување на капацитетот на централната детска градинка, изградба на современи детски  игралишта и спортски сали во училиштата. Обновување на училниците и тоалетите  во училиштата , изградба на младински културен центар како и канцеларија и Совет за млади. Што се однесува до највозрасните охриѓани- пензионерите имаме многу проекти меѓу кои обнова на пензионерскиот дом , уредување на парк за пензионери , бесплатен градски превоз за пензионерите со ниски месечни примања. За лицата  со посебни потреби работиме на добра физичка и техничка достапност на сите јавни институции, превозот, улиците…

 

Каква ситуација затекнавте во Општината, дали сте задоволни од сработеното во првите 6 месеци од мандатот, дали имавте непредвидени ситуации?

Да, задоволен сум од сработеното во првите шест месеци од мандатот. Успеавме да реализираме околу 20 –ина проекти од областа на инфраструктурата, реконструкција и изградба на патишта, детски градинки и училишта. Го отворивме новото општинско крило  во кое сега функционира најголемиот дел од општинската администрација.  „Општина за сите“, е оној проект којшто  го зацртавме, го ветивме и ги отворивме  вратите за сите граѓани на Општина Охрид. Прибавивме документи за реализација  на неколку  инфраструктурни проекти кои се од витално значење за Охрид.  Секое барање на граѓаните кое е од јавен интерес и е за доброто на охриѓани, а е финансиски оправдано,  настојуваме да го преточиме во проект.

 

Затекнавте започнаи недовршени проекти, како болници, пливачки базен и слично. Дел се надлежност на централната власт. Имате ли споделени надлежности и каква ви е соработката?

Да, затекнав започнати недовршени проекти кои имаат капитално значење. Меѓу нив е затворениот пливачки базен во Охрид кој е во тек на доизградба и е во рамки на Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“.  Во тек на изградба го затекнавме и затворениот зелен пазар и меѓуградската автобуска станица во Охрид. Секако тука е и започнатата изградба на новото болничко крило во Болницата за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо.“ Во ова ново  крило неизвесно е сместување на дел од Центарот за кардиологија од Охрид.

 

Има ли одрдени зафати во вашата програма, кои во помала или поголема мера зависат од соработката со централната власт? На пример: Статусот на UNESKO, осцилациите со водостојот на Охридското Езеро, автопатот Кичево-Охрид, туристичката промоција и слично.

Соработката со централната власт е важна и неопходна во насока на навремено и целосно реализирање на проекти од особено значење за Охрид и охриѓани. Секако добредојдена би ни била и ја очекуваме поддршката од централната власт во однос на раздолжување на општина Охрид, доизградба и реконструкција на колекторскиот систем и гасификација на градов.

 

 

ТЕСТ ПРАШАЊА – ПРАШАЈТЕ ГО ПОРТПАРОЛОТ: ШТО ЈАДЕ И КОЛКУ ТРОШИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ? 

Дали имате портпарол, дали се јавни неговите/нејзините контакт детали?

Портпарол на Општина Охрид е Томе Џамтоски, дипломиран новинар. Во насока на транспарентно  и отворено работење  на Општината неговите контакт детали се јавно објавени.

Дали се јавувате на телефон кога ве бараат новинарите и цивилното општество?

Вработените во Секторот за поддршка на градоначалникот од Одделението за односи со јавност, вклучувајќи го и портпаролот  на  институцијата, се секогаш отворени и достапни за соработка со новинарите и цивилното општество.

Дали ги објавувате сите одлуки на градоначалникот и на општинскиот Совет?

Сите одлуки на градоначалникот и на општинскиот Совет се објавени на  официјалната страница на Општина Охрид

Дали сте ја објавиле административната структура на Општината: секторите и раководителите на секторите, листата на вработените во Општината и нивните контакт детали?

Правилникот и систематизацијата на раководители и вработени лица  во локалната самоуправа се објавени на официјалната страница на Општина Охрид како и листата на советниците од градскиот Совет  со нивни контакти имејл адреси.

Дали сте го објавиле општинскиот буџет?

Да, на официјалната веб-страница редовно се објавува општинскиот буџет.

Дали сте ги објавиле проектите и трошоците за истите?

Проектите и трошоците за истите се тема на дискусија на советниците од Советот на Општина Охрид кои даваат зелено светло за нивно реализирање.

Дали ги објавувате трошоците на Општината: што купувате, што јадете, колку трошите за бензин/нафта и колку трошите за телефон?

Тие информации се лесно достапни за секоја медиумска куќа, портпаролот на Општина Охрид дава изјави од таков карактер доколку овие трошоци се предмет на интерес за новинарите.

Дали ги објавувате записниците од седниците на Советот?

Службениот весник со донесените одлуки на Советот на Општина Охрид редовно се објавуваат на официјалната  веб-страница на локалната самоуправа.

Дали имате објавено име на одговорно лице и листа на документи кои претставуваат информации и обрасци за поднесување барања за добивање информации од јавен карактер кои ги поседува Општината?

Да, Марина Здравеска која по струка е правник е официјално лице во Општина Охрид  кое дава информации од јавен карактер

Дали се објавува годишната програма и план за работа и последично на тоа дали се објавува Годишен извештај за работењето и трошењето на општината?

Да, се објавуваат, најпрво како нацарт програми, па како изгласани и донесени програми во службениот весник на Општина Охрид.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција