Гасоводната мрежа во Струмица сè  уште се гради

Во агвуст 2013 година ЈП „СТРУМИЦА-ГАС” официјално започна со приклучување на домакинствата користење на природен гас Фото: Веб-страница на Општина Струмица

Гасификација на земјоделското земјиште (фаза 1 полето во реонот Куклиш – Сачево – Градско Балдовци – Свидовица – Муртино во должина од 17 километри; и фаза 2 полето во реонот Просениково – Добрејци – Дабиле во должина од 8,5 километри)

Изградба на секундарна гасоводна мрежа до сите делови на градот и во сите индустриски зони во должина од 25 km.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Гасификација на Струмица втора фаза“, е  еден од капиталните проекти наведени во изборната програма на доскорешниот градоначалник Зоран Заев за локалните избори 2013-2017 година (стр. 19). Заев во програмата посочува дека за време на четиригодишниот мандат ќе се овозможи пристап на сите корисници до најевтиниот енергенс:  Ветуваме дека гасоводната цевка ќе пристигне до сите заинтересирани домакинства, компании и земјоделски производители“. Сепак, проверката на „Вистиномер“ покажа дека досега  (20.04.2017) ова негово ветување е делумно  исполнето.

На официјалната веб-страница на Општина Струмица  може да се прочита дека јавното претпријатие за енергетски дејности “СТРУМИЦА-ГАС” – Струмица,  е основано пред седум години (2010) – со одлука на Советот на Општина Струмица на седницата одржана 26.04.2010 година. Во оваа објава е наведено дека:

ЈПЕД „Струмица-Гас“на 15 април 2011 год, и официјално започна со изградба на гасоводна дистрибутивна мрежа од полиетиленски цевки PE 100 SDR 11 која во моментот (2014 година н.з.) е со должина од 20 километри, а се планира во наредните четири години да се достигне должина од 50 км.

Користењето на природниот гас во општина Струмица официјално започна на 10  ноември 2012 година, од кога 14 објекти кои се под надлежност на локалната самоуправа се приклучени на гасоводната мрежа и го користат природениот гас како енергенс за затоплување. Станува збор за четири основни училишта, три средни, четири градинки, зградата на општина Струмица, Дом на АРМ и основното музичко училиште.

Од агвуст 2013 година Јавното претпријатие и официјално започна со приклучување на домакинствата кои беа заинтересирани за користење на природен гас за претстојната 2013/2014 грејна сезона. Динамиката за приклучување е во зависност од бројот на заинтересирани корисници на гас во даден кварт.

Во оваа 2014 година вниманието на ЈПЕД „Струмица-Гас“ е насочено кон најважната цел на претпријатието приклучување на стопанските објекти на дистрибутивната гасоводна мрежа.

 Во февруари 2016 година медиумите информираа дека Општина Струмица и јавното претпријатие „Струмица-гас“ работат на гасификација на нови делови од градот и дека  во завршна фаза е гасоводната мрежа што се прави на улиците „Димитар Влахов“, „Дојранска“, „Ѓуро Ѓаковиќ“ и „Гоце Делчев“ во должина од 500 метри.

На овој дел од градот досега се пријавиле 11 субјекти за приклучување на гасоводната мрежа. Проектот за гасификација на Струмица може да се смета за успешен, ако се земе во предвид фактот дека во изминативе години се приклучени над 270 субјекти на гасоводната мрежа, вклучувајќи ги домовите на граѓаните, објектите од јавен карактер, угостителските објекти и други градби

Тогаш беше соопштено дека  во 2016 година е предвидено да се изгради гасоводна мрежа во должина од 16 километри, од кои 8,5 километри ќе бидат поставени во самиот град. Исто така, беше најевено дека

До крајот на 2017 година, гасоводната мрежа во Струмица ќе има должина од 40 километри, со што ќе бидат опфатени сите главни зони во градот и во населените места Добрејци, Дабиле и Куклиш.

Во ноември 2016 година Плусинфо информира дека  „Струмица-гас“ објави тендер за избор на фирма што ќе гради нови 6,5 километри дистрибутивна гасоводна мрежа во градот и во околните населени места.

Проценетата вредност на зафатот изнесува 10 милиони денари, без ДДВ. Изградбата на гасоводната мрежа ќе се одвива една година.Понудите на огласот компаниите можат да ги достават до 6 декември.

Оваа инвестиција треба да го доближи природниот гас до сите жители од градските зони во Струмица, но и да ги поврзе селата Добрејци, Дабиле и Куклиш со гасоводната мрежа

Во јануари оваа година (2017)  медиумите информираа дека Општина Струмица преку своето јавно претпријатие ќе продолжи со проширување на гасоводната мрежа во градот.

„Струмица-гас“ веќе потпиша договор за изградба на дополнителни 6,5 километри гасоводна мрежа во текот на 2017 година.

Вредноста на зафатот изнесува 10 милиони денари, а за изведувач на градежните работи е избрана фирмата „Конти Хидропласт“ од Гевгелија. Развојот на секундарната гасоводна мрежа во претстојнава година ќе се насочи и надвор од градските средини. Потпишаниот договор за изведба на мрежа во должина од 6,5 километри е само дел од планираниот зафат за проширување на цевките за нови 15 километри во 2017 година.

Природниот гас годинава е планирано да пристигне до фабриките и до земјоделските површини во Куклиш, со што ќе се прошири бројката на корисници на овој енергенс. Локалната самоуправа од Струмица планира до крајот на 2017 година да развие гасоводна мрежа во должина од 40 километри. Ако се реализира планираното на инфраструктурен план, најголемиот дел од Струмица ќе ја има можноста да го ползува гасот во домаќинствата и во индустријата. (објави „Билд“)

Така што, иако досега се направени значителни активности во правец на реализација на овој проект, сепак тој не е комплетно спроведен и неговата целосна реализација се најавува за крајот на 2017 година. Имајќи предвид дека мандатот на оваа локална власт треба да заврши наскоро –  во мај 2017 г. , според методологијата на „Вистиномер“, ова изборно ветување на Заев го оценуваме како делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција