Главните факти (и совети) за пријавување на физичките лица како ДДВ обврзници

Физичко лице ДДВ обврзник - како да се справите со даночните прашања

Дали и кој треба да се пријави како ДДВ обврзник, кои се конфузиите од оваа мерка, што треба да знаете и како треба да постапите

 

Дали и кој треба да се пријави како ДДВ обврзник, кои се конфузиите од оваа мерка, што треба да знаете и како треба да постапите

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Деновиве јавноста беше разбранувана од барањето на Управата за јавни приходи сите физички лица кои како такви вршат стопанска дејност и во претходната календарска година (2017) оствариле вкупен промет од над 1 милион денари годишно (16.260 евра или 1.355 евра месечно во просек бруто) да се пријават како обврзници за плаќање данок на додадена вредност (ДДВ) и тоа најдоцна до 15 јануари 2018 година.

Соопштението беше објавено само 4 дена претходно и тој рок брзо измина. Ова е втор пат УЈП да издава вакво соопштение на почетокот на годината. Истото го стори и лани, откако во 2016 година Законот за ДДВ се смени и долната граница за пријавување на ДДВ обврзниците беше поместена надолу, поточно од 2 на 1 милион денари. Инаку, Законот за ДДВ стапи во сила на 1 април 2000-та година и долната граница над која физичките лица, кои вршат стопанска дејност, треба да се пријават како ДДВ обврзници оттогаш е менувана неколку пати. Од друга страна, дефиницијата за ДДВ обврзник не е сменета уште оттогаш, значи уште оттогаш физичките лица требало да се пријават како ДДВ обврзници, но овој сегмент од законот не се применуваше.

Законот за ДДВ е закон за бизнисот. ДДВ-то е данок на бизнисот, односно данок на вршење бизнис и тој е тнр. трансакциски данок, се наплатува при вршење трансакции, односно кога парите менуваат раце. Значи тој е данок на промет, а не данок на приход. За тоа постои персоналниот данок на доход (ПДД). Овој данок се однесува на прометот. И нема врска колку пари ќе ви стигнат на вашата трансакциска сметка вкупно, туку дали имате промет од над 1 милион денари и тоа само од стопанска дејност. Тоа значи дека треба да ги соберете износите на парите што ќе ги свртите, односно што ќе ги наплатите и ќе бидат наплатени од Вас за извршена стопанска дејност и да видите дали вкупниот промет е поголем од 1 милион денари во текот на минатата година. Ако сте добиле средства на име на плата, како подарок, како наследство или слично, на Вашата трансакциска сметка, тие не влегуваат во прометот што подлежи на ДДВ зашто не потекнуваат од стопанска дејност.

 

ПОБАРАЈТЕ ПОМОШ!

Еден, единствен и најважен совет треба да запомните од овој текст. Доколку во текот на годината сте имале промет од над 1 милион денари остварен од стопанска дејност, што значи дека ги исполнувате критериумите за пријавување како ДДВ обврзник, она што бездруго треба да го направите е да контактирате овластен сметководител. Ова е многу важно. Законот за ДДВ воопшто не е едноставен. Настрана што од неговото донесување во 1999 година и стапување во сила во 2000-тата година е менуван и дополнуван 20 пати, има одлука на Уставен суд поврзана со овој закон, а покрај тоа за имплементација на овој закон има редица правилници кои се или донесени или менувани 23 пати. Значи, станува збор за комплексна проблематика, која покрај она што е напишано, има и редица правила по кои работат сметководителите и УЈП, а кои не се напишани никаде. На пример, во законот се вели дека кога ќе станете ДДВ обврзник како физичко лица, таквиот статус го задржувате 5 години, но УЈП може да ви го избрише таквиот статус веќе во втората година ако цела година немате никаков промет од стопанска дејност и ако пријавувате нула ДДВ. Ова се прави зашто покрај тоа што вие имате трошоци за пријавување на непостоечки промет и УЈП има трошоци при следењето на Вашиот непостоечки данок.

Во соопштението на УЈП се вели дека „во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење на стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и сл“.

 

КОМПЛИКУВАН, НЕЈАСЕН И КОНТРАДИКТОРЕН ЗАКОН

Но, и ова не е така едноставно. Значи, ова пријавување се однесува на физички лица, граѓани, кои немаат инкорпорирано никакво правно лице, а вршат самостојна дејност. Но, од друга страна, стопанска дејност можат да вршат само лица кои се запишани во некакви регистри. Тоа го потврдуваат три закони – за трговски друштва, за персонален данок на доход и уште еден закон кој никој не го спомнува и кој се вика Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност. Според член 6 од овој закон, за нерегистрирана дејност се смета и „вршење на дејност од страна на физичко лице која не е регистрирана кај надлежен орган“. Се разбира, од ова има исклучоци. За да откриете кои се тие ќе Ви помогне овластен сметководител. Но, има и многу нејаснотии, околу кои глава чешаат и сметководителите, а кои досега никој правно не ги расчистил:

  • ако сте самостоен новинар (фриленсер), кој заработува од продажба на своите написи по медиуми и кој самиот плаќа фотограф, а не сте регистрирани никаде, дали тогаш вршите нерегистрирана дејност? Ако, пак, станете член на новинарско здружение, дали тогаш сте регистриран и можете да вршите самостојна новинарската дејност?
  • или, ако вршите софтверски услуги во странство и тоа го наплатувате. Дали е тоа приход (кој не подлежи на ДДВ) или оданочив промет? Местото каде што е извршена услугата е во странство, кај корисникот, а нашата даночна управа нема надлежност да наплаќа ДДВ во странство. Но, ова не е до крај разјаснето.
  • потоа, иако во соопштението на УЈП се вели дека приходите по основ на членување во надзорен одбор подлежат на ДДВ, ова е проблематично зашто е прашање дали членувањето во надзорен одбор е самостојна стопанска дејност. Дали некој кој е именуван во надзорен одбор по предлог на Владата или некој друг државен орган врши самостојна стопанска дејност, ако оној орган кој го именувал му кажува како да гласа во надзорниот одбор? Тој е ставен таму не да ги штити своите лични интереси, туку интересите на оној што таму го поставил. Настрана фактот што стопанска дејност подразбира постоење на конкуренција и битка за профит. Дали Вие како член на надзорен одбор имате конкуренција и имате ли начин да го зголемите, односно да се борите за Вашиот личен профит? Дали членувањето во надзорен одбор е вршење стопанска дејност или вршење функција? Значи, ни ова не е јасно.
  • ако како професор на факултет сте ангажирани од вашиот факултет на проект надвор од предавањата, дали средствата од тој проект се оданочив промет? Дали тука станува збор за самостојно вршење стопанска дејност, ако факултетот како ваш работодавач Ве насочува во  работата? Не е јасно.

 

КАКО ДА НАЈДЕТЕ ОВЛАСТЕН СМЕТКОВОДИТЕЛ

Ова и редица други прашања можат да се појават кога размислувате за пријавувањето како ДДВ обврзник и затоа ви е потребен овластен сметководител. Сметководителите чинат пари, но не мора веднаш да склучите договор со првиот што ќе го најдете по високи цени. За почеток, можете да побарате консултација од овластен сметководител кој ви е познаник или да најдете овластен сметководител преку пријатели, кој ќе ве консултира како да постапите. Од неговите совети можете потоа да заклучите какви и колкави сметководствени услуги ви се потребни.

ДДВ-то се плаќа еднаш месечно, што значи дека документацијата за тоа ќе треба да се подготвува секој месец, но тоа важи само доколку имате промет од над 3,5 милиони денари годишно (56,9 илјади евра или 4.742 евра месечно бруто). Доколку прометот од стопанска дејност ви е понизок од овој износ, тогаш плаќањето на ДДВ-то се врши на три месеци, значи 4 пати годишно, така што можете да побарате пониска цена за сметководствените услуги и тоа особено ако имате мал број на уплати и исплати во текот на годината.

Во секој случај, ако имате годишен промет од над 16,2 илјади евра годишно (поднесување ДДВ пријава тромесечно) или над 56,9 илјади евра годишно (поднесување ДДВ пријава месечно), би требало да можете да си дозволите услуги од овластен сметководител. И уште нешто. Насекаде во текстот се говори за овластен сметководител. Проверете дали Вашиот избран сметководител ги има сите овластувања и лиценци за вршење на сметководствената дејност и потпишете договор со него за да имате црно на бело што сте се договориле и за кој износ.

Сметководителот може да ви помогне и за редица други прашања:

  • може да Ве подучи како да се пријавите, па дури и да го изврши пријавувањето како ДДВ обврзник наместо Вас во ситуација кога рокот за тоа пријавување е веќе поминат (наместо обврзувачко, може да изврши доброволно пријавување зашто и лица со остварен промет под 1 милион денари можат да доброволно да се пријават како ДДВ обврзници).
  • може да Ви заштеди пари затоа што може да ви покаже како да ги искористите даночните ослободувања (кои во Македонија за физички лица се многу ограничени, за разлика од западните земји каде што можете од плаќање ДДВ да ги одбиете дури и трошоците за грижа за болен родител или за грижа за домашен миленик, ако имате таков, покрај серија други ослободувања дефинирани во тамошните закони).
  • тој ќе Ви каже од кога почнува плаќањето на ДДВ и како да постапите (од моментот откако ќе се регистрирате, значи за прометот во иднина) и ќе Ве информира дека можеби ќе треба да ги кренете цените на Вашите услуги или производи за 18 отсто од тој момент, колку што изнесува ДДВ-то. Се разбира, конечната одлука ќе зависи само од Вас зашто Вие најдобро знаете дали во стопанската гранка во која работите такво покачување на Вашите цени е можно без да ја нарушите Вашата конкурентна позиција. Можеби ќе морате Вашите цени да ги зголемите со помал процент, а дел од данокот да го платите од Вашиот профит ако сакате да останете конкурентни. Или можеби ќе можете да ги качите цените на Вашите услуги или производи токму 18 отсто и тогаш ќе сфатите дека сте биле поевтин од конкуренцијата зашто не сте биле ДДВ обврзник.
  • овластениот сметководител, исто така, ќе Ве посоветува дали да се регистрирате како самостоен вршител на дејност и дали можеби е подобро да регистрирате вистинска фирма (ако дејноста ја вршите во континуитет и постојано, без оглед дали ви е споредна или главна и ако планирате да ја вршите и во иднина, веројатно ќе треба да регистрирате фирма). Регистрирање фирма, од друга страна, значи дека ќе можете да си поделите плата (ако веќе не земате плата од друго место), регрес за годишен одмор, како и да Ви се признаат трошоците за патувања, материјалните трошоци, ќе можете да пресметувате амортизација на опрема и друго, погодности кои како физичко лице главно ги немате.

 

Во изработката на овој текст разговаравме со Павле Гацов, претседател на Здржението на даночни советници на РМ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција