Горан Петрески: Дали навистина генералот Стојанче Ангелов „тропа на погрешна врата?!“

Горан Претски, главен уредник на информативната програма на МТВ. Фото: видео клип скриншот

 

По континуирано инсистирање на генералот Стојанче Ангелов, лидер на партијата Достоинство, упатено до МРТ за пренесување на „бомбите“ од опозицијата, главниот и одговорен уредник на информативната програма на овој јавен сервис, Горан Петрески за ТВ Нова изјави :

Мислам дека генералот испраќа пораки на погрешна адреса. Јас сум само уредник на информативната програма и ние како телевизија имаме обврска да ги почитуваме препораките на Обвинителството да не се објавуваат снимките на опозицијата. Телевизијата си има раководство, но јас иако официјално барање за средба со Ангелов не добив, сепак се слушнавме денеска и ќе го примам, но сметам дека тропа на погрешна врата.

(Извор: НоваТВ, Датум: 16.03.2015)

Горан Претски, главен уредник на информативната програма на МТВ. Фото: видео клип скриншот
Горан Петрески, главен и одговорен уредник на информативната програма на МТВ. Фото: видео клип скриншот

 

Образложение:

Снимките на опозицијата укажуваат на злоупотреби на власта во повеќе сегменти, вклучително и корупција на судскиот систем. Во услови кога легитимитетот на судската власт е доведеден во прашање, правото на граѓаните за пристап до информации по ова прашање како уставно втемелена вредност не може да биде субсидијарно во однос на забраната за емитување на истите од страна на Јавното обвинителство.

За да се поткрепи оваа теза неопходно e да се разгледаат аргументи во однос на:

  1. правото на граѓаните за слободен пристап до информации
  2. обврските на МРТ како јавен сервис на граѓаните
  3. легитимитетот на одлуката на Јавното обвинителство

Правото на граѓаните за слободен пристап до информации е загарантирано со Уставот на РМ, делот за граѓански и политички слободи и права во кој е наведено (Член 16, алинеи 3 и 5):

Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации

Цензурата е забранета

Обврските на МРТ како јавен сервис на граѓаните произлегуваат од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се утврдува дека МРТ е должна (член 110, алинеи 3 и 5):

Да обезбеди постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање создавајќи и емитувајќи високо квалитетни програми за сите важни  политички, економски, социјални, здравствени, културни, образовни, научни, религиски, еколошки, спортски и други настани и случувања во Република Македонија, земјите од Европа и од светот

Да не застапува и да не заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија, политички, религиски или други групи, а програмите кои ги создава и емитува да бидат заштитени од влијание на власта, политички организации или други центри на економска и политичка моќ

Дополнително согласно истиот закон, новинарите и уредниците на МРТ имаат должност (член 111, алинеи 3 и 4 ):

Да обезбедуваат непристрасни, сеопфатни и важни информации и истите да ги презентираат јасно, недвосмислено и на начин на кој граѓаните ќе имаат можност слободно да го формираат своето мислење

Да не застапуваат или фаворизираат ставови или интереси на одредена политичка партија, здружение, личен интерес, религија или идеологија и во програмите еднакво да го уважуваат мислењето и уверувањето на другитe.

На 03.02.2015 година, Јавното обвинителство упати јавна забрана за објавување на материјали за кои, како што се вели во соопштението, може да станат предмет во кривична постапка. При тоа не е наведено на кои законски одребди се повикува Јавното обвинителство, ниту, пак, се образложува зошто е дадена таквата забрана. Правните толкувања на професор Гордан Калајџиев се дека:

Не постои никаква законска можност јавниот обвинител однапред да забрани објавување какви било материјали. Јавното обвинителство нема никаква законска основа да забранува и да санкционира објавување материјали што би биле дел од некоја идна постапка, а што во моментот се непознати. Оваа негова активност е практично државен удар (изјава дадена за Слободен печат на 04.02.2015).

Реакција во однос на овие случувања имаше од страна на амбасадите на САД, Велика Британија и Германија, при што реакцијата на САД беше особено насочена кон правната издржаност на забраната на Јавното обвинителство и потенцијалот за наметнување цензура:

Слободните медиуми се столб на едно демократско општество и медиумите играат клучна улога во презентирањето на информации од јавен интерес, вклучувајќи и информации кои би можеле да укажуваат на злоупотреба на власт и да резултираат со кривични постапки против јавни личности. Загрижени сме дека медиумите во Македонија може да ја толкуваат изјавата на Јавното обвинителство како истата да значи дека тие не треба да ја играат оваа значајна улога. Ги повикуваме властите да дадат јасно правно објаснување за изјавата од 3 февруари, поконкретно определувајќи ги околностите во кои една информација мора да се третира како службена тајна, и да објаснат како новинарите ќе знаат во кои случаи ќе постојат таквите конкретни околности (писмена реакција на САД, објавена на 06.02.2015)

Во одговорот на амбасадата на Германија за Дојче Веле, меѓу другото се потенцира дека обврската за независност на судството и на институциите мора да биде обезбедена.

Од анализата се заклучува дека правото на граѓаните на пристап до информации е уставно загарантирано, МРТ е должна да ги обезбеди, а забраната на Јавното обвинителство е правно неоснована. Оттаму и издржаноста на барањето на генерал Стојанче Ангелов.

 

Линкови:

 

Оцени: Милена Јосифовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција