Гордана Силјановска-Давкова: Противничката на Договорот од Преспа како можен кандидат за претседател

Фото: Принтскрин

Како дел на политичките јуноши од Македонија сегашната професорката влезе во Сојузот на реформски сили, потоа во Либералната партија, па стана министер без ресор во првата влада на Црвенковски …  Ова е нејзин втор обид за поизложено влегување во политиката

 

Во почетоците на плурализмот, како дел политичкиот подмладок во Македонија професорката Гордана Силјановска-Давкова  влезе во Сојузот на реформски сили, потоа во Либералната партија, па стана министер без ресор во првата Влада на Црвенковски …  Ова е нејзин втор обид за поизложено влегување во политиката

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Деновиве доста се дискутира околу можноста Правниот факултет при УКИМ одново да даде кандидат за станар во претседателската вила на Водно, откако актуелниот Ѓорѓе Иванов почнува да си ги пакува своите лични предмети, заради завршување на претседателскиот мандат. Имено, се говори за тоа дека не само локацијата од каде се бира нов носител на највисоката функција во државата е истоветна на онаа од пролетта 2009 година, кога со потписи на своите колеги Иванов стана кандидат на ВМРО ДПМНЕ, туку дека сега ќе се јави своевиден „копирајт“ во методот на кандидирање. Се собираат потписи на колегите на потенцијалната кандидатка – професорката по уставно право  на правниот факултет „Јустинијан Први“, Гордана Силјановска-Давкова. Таа е наводно изненадена и трогната од кандидатурата и ветува дека ќе размисли.

Иако, конкурсот на партијата ВМРО ДПМНЕ е практично затворен на 1 февруари, а гласањето за кандидатите ќе биде тајно во средината на месецов во Струга, јасно е дека Силјановска – Давкова предолго е на браникот на политиките на оваа партија за да не биде фаворит, се разбира, ако се кандидира. И овојпат, при можната кандидатура, како кај Иванов, би се одело на тоа дека потенцијалната кандидатка не е поврзана со политиката (!), па оттаму треба во гласачката јавност да се создаде слика дека се јавува како квалификувана личност која нема партиско минато.

Ова последното секако не е точно, бидејќи Силјановска-Давкова во време на стартот на транзицијата кај нас, беше член на првата политичка Влада на РМ, направена веднаш по кусиот опстанок на т.н. експертска влада на Кљусев. Во оваа политичка Влада влегоа и некогашните членови на Младинската напредна партија (некогашниот Сојуз на социјалистичката младина), која се спои со Сојузот на реформски сили на Македонија на Стојан Андов, а потоа станаа Либерална Партија (1990). Како и да е Силјановска-Давкова доби министерство без ресор (1992 – 1884), но беше член и на телото кое работеше на Уставот на РМ (Уставна комисија на Собранието од 1991 г.).

Во она време, а и сега се мислеше дека Владата на Црвенковски ја прави шефот на државата – Глигоров и дека истата е „скопска“, односно дека министри станаа главно деца на негови политички пријатели (Крсте Црвенковски, Владо Малески …), во чиј круг може да се стави и снаата на покојниот социјалистички функционер Павле Давков.

Професорката е родена во Охрид во мај 1955 година. Основно и средно образование завршила во Скопје, на Правен се запишала во 1973 година, а истиот го има завршено во 1978 година. Нејзината прва работна функција е асистент на професорот Владимир Митков , по предметот Меѓународни политички системи.

Докторирала во 1993 година на Универзитетот во Љубљана. Основач е и на првиот Совет на европско движење во Македонија. Во периодот од 2012 до 2016 година  беше и член на Веницијанската комисија за малцински прашања. Денес е редовен професор на Правниот факултет во Скопје, на Институтот за правни и политички науки. Во официјалната биографија стои дека е автор на над 200 научни трудови од областа на уставното право, како и член на бројни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации.

Нејзиниот политички став стана погласен во многу прилики на почетокот на милениумот, а особено во миговите кога беше против новата територијална поделба на Македонија (2004). Во основа текстовите што покажуваат наклонетост кон нејзината евентуална кандидатура главно ја третираат како еден од лидерите на професорскиот пленум. Таа беше дел и од протестот на професорите пред Собранието, каде одржа одличен говор зошто предложеното законско решение е погрешно, ја критикуваше затвореноста на министерството за образование кое не ги консултираше експертите, а не се согласуваше ниту со недостигот на концепт како да се развива факултетското образование.

Силјановска гостуваше во десетина емисии во кои цврсто застана против новиот Закон за употреба на јазиците со кој дефакто се воведува двојазичност во Македонија на повеќе нивоа, вклучувајќи ги сите институции. Таа е еден од фронтмените на отпорот кон овој акт, заедно со професор Билјана Ванковска и академик Катица Ќулафкова.

Секако, Силјановска-Давкова се противеше на инсинуациите дека е „албанофоб“ и во своите настапи користеше исклучително правни аргументи, особено за постапката во која беше донесен Законот со европско знаменце.

За неа Преспанскиот договор е неприфатлив и „покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да ѝ се мешаат дрско во внатрешните прашања“.

Оние пратеници кои утре ќе кренат раце за уставните промени ја фалсификуваат историјата и со тоа прават не само неморален чин, туку и низа кривични дела – изјави Гордана Силјановска Давкова, како гостин во „Отворено“ на Алфа телевизија  

Нема сомнение дека проценката во ВМРО ДПМНЕ  (кога таа би се одлучила за евентуалната кандидатура), оди во правец на тоа дека  десничарското гласачко тело во Македонија пред сè би било зад неа како осведочен и жолчен противник на Законот за двојазичност и Преспанскиот договор, без оглед на неговото усвојување и приемот во западниот свет.

Заради нејзиниот професорски статус и фактот дека припаѓа на понежниот пол, пак, може да влијае на неопределените, кои би ѝ требале за да има позначајна гласачка „жетва“. За Мицковски таа како станар на претседателската вила би била еден вид гарант дека позицијата и односот на Иванов кон совремието ќе си имаат свој продолжувач.

Сопругот на професорката е адвокат и имаше приватен бизнис (оној со фри-шоповите околу кои во средината на деведесетите години од минатиот век се дигна голем прав). Имаат две деца.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција