Ѓорге Иванов

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов е роден во Валандово на 2 мај 1960 година, од татко Александар и мајка Тодора.

Претседателот Иванов е оженет и има еден син.

Во објавените опозициски „бомби“ Иванов не беше директно инволвиран, туку само неговата сопруга Маја Иванова, преку индикации дека од позиција на моќ ја злоупотребила својата должност за конфронтација и лични пресметки со колеги.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

По завршувањето на основното и средното образование во Валандово, ги започнал студиите по право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје.

За време на студиите, започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации.

Магистрира политички науки на темата „Цивилно општество – новите контрадикторности на старата расправа”. Неговиот докторат се занимава со проблемите на градењето демократија во поделени општества, конкретно обработувајќи го примерот на Република Македонија.

 

КАРИЕРА

Во 1988 година почнува неговата седумгодишна новинарска кариера во Македонската радио-телевизија, каде што напредувал до позицијата уредник во Третата програма. Во текот на медиумската кариера бил активен во напорите за реформирање на политичкиот систем.

На политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, професорот Ѓорге Иванов работел на претставување нови научни погледи на политиката меѓу своите студенти, на кои им предава политичка теорија и политичка филозофија. Притоа, тој промовира нови методи на предавање, помагајќи да се отвори македонската академска заедница кон западните универзитети, носејќи современа литература и поврзувајќи ги македонските факултети во раните фази на развојот на Интернетот со светски бази на податоци. Во 1999 година е именуван за визитинг-професор на Програмата за Југоисточна Европа на Универзитетот во Атина, Грција. Свесен дека отворањето на Македонија кон Запад ќе биде процес за кој се потребни напорите на повеќе генерации, професор Ѓорге Иванов стана активен во ТЕМПУС програмата на Европската унија за Македонија, воведувајќи реформи во наставната програма и магистерски програми на англиски јазик. Како професор престојувал и држел предавања на повеќе странски универзитети и учествувал во меѓународни проекти. Бил раководител на политичките студии и продекан на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.

 

Почесни докторати

Титулата Почесен доктор на науки на Иванов, вторпат во неговиот мандат, му ја додели ректорот на Универзитетот „Истанбул” во март 2011. На таа свечена пригода професор Ѓорге Иванов одржа предавање на тема: „Мегалополисите како модел за управување на општествата на 21 век”. Во октомври 2011 година во Букурешт, Романија, на претседателот Иванов му беше доделен почесен докторат на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир”. Последниот од низата почесни докторати на македонскиот претседател му беше доделен во Невшехир, Турција, на Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели“ во април 2015 година. Во октомври 2013 година беше прогласен за почесен професор на Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду, Кина, а во февруари 2014 година одржа предавање и беше прогласен за почесен професор на престижниот Московски државен универзитет „Ломоносов”.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Со распадот на еднопартискиот модел и диригираната економија на тогашна Југославија, активизмот на Ѓорге Иванов е насочен кон промовирање на политичкиот плурализам и пазарната економија. Оваа активност ја продолжува на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, на кој почнува со работа во 1995 година.

 

Дел од врвот на ФООМ

Ѓорге Иванов е експерт во полето на цивилното општество и меѓу првите воведува систематско проучување на оваа проблематика во македонската академска заедница. Бил консултант на врвни аналитички и истражувачки центри. Меѓу нив и на фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ). Ѓорге Иванов бил член на Управниот одбор на фондацијата ФООМ на СОРОС од мaј 2002 до октомври 2004 година. Генерации лидери ја минале неговата обука за политички менаџмент.

Професорот Иванов е меѓу коосновачите на првото македонско списание за политичка наука – „Политичка мисла”. Тој е основач и на првата политолошка струкова асоцијација во независна Македонија. Иванов е и еден од основачите на Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, аналитички центар во Македонија кој помогна да се обликува македонската политичка сцена и кој насочи многу млади таленти во политиката.

 

Непартиски експерт ангжиран партиски

Иако никогаш не бил партиски член, професорот Ѓорге Иванов беше активен во формулирањето на реформската програма на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која го номинира за претседателски кандидат на изборите во 2009 година.

Во текот на првиот мандат како претседател, оствари рекордна дипломатска агенда со преку 200 билатерални средби со шефови на држави. Преку 150 средби со премиери, претседатели на парламенти и шефови на дипломатија. Преку 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. За време на својот мандат оствари повеќе од 430 средби со странски државници, со високи претставници на меѓународни организации и со верски лидери. Беше домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. Тој е покровител на бројни домашни и меѓународни културни, научни и спортски настани. Одликуваше бројни поединци и институции во земјава и странство, од кои пет поранешни и актуелни шефови на држави.

Во септември 2011 година, претседателот Иванов беше одликуван со највисокиот Орден на редот на „Св. Лазарус” од Ерусалим. Во декември 2013 година, претседателот Иванов беше одликуван со Орденот на свети Ѓорѓи од Куќата Хабсбург-Лотринген.

Во март 2012 година во Салцбург, Претседателот беше инаугуриран за протектор на Европската академија на науките и уметностите. Во декември 2013 година, претседателот Иванов стана член на Светската академија на науките и уметностите.

На претседателските избори одржани во април 2014 година, претседателот Иванов беше повторно избран за нов петгодишен мандат на функцијата. Со тоа стана првиот претседател во историјата на Република Македонија што добил два мандата едноподруго.

 

Аболицијата што ја обележа неговата кариера

На 12.04.2016 година Претседателот Иванов донесе одлука за аболицирање на сите политичари и нивните соработници. Аболицира 56 личности, а некои од нив аболицирани се и по неколку пати.

Оваа одлука, според Иванов, ја донел за помирување на граѓаните и разрешување на политичката криза во Македонија.

Одлуката за општа аболиција на политичарите на Иванов предизвика големи граѓански протести, незадоволни од одлуката. Под притисок на јавноста, на 27.05.2016 година, под притисок на јавноста, Иванов сепак објави дека делумно ја повлекува аболицијата, односно за некои од аболираните. На 06.06.2016, Ѓорге Иванов од позицијата претседател на Република Македонија целосно ја поништи аболицијата што ја изрече на 12.04.2016.

 

Отповикување

На 13 јуни 2016 година, во Собранието на Република Македонија, опозициските пратеници покренаа постапка за отповикување на Ѓорге Иванов од претседателската фунција. Опозицијата го образложи својот потег со тоа дека Иванов прекршил неколку членови од Уставот, со чинот на колективна аболиција. На 27 јуни 2016 година, во попладневните часови со 35 гласа „за“, без воздржани, и 47 „против“ не го усвои Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на Претседателот на Република Македонија.

 

ИЗВОРИ

Веб-сајт на претседателот на Република Македонија: Биографија

Дојче Веле: И претседателот Иванов – „секташ“ во соросовата Фондација (26 мај 2016)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција