Градоначалникот на Дојран ги потценува стручните наоди на надлежните институции

На 08.07.2016, градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов, во врска со изнесените резултати на Центарот за јавно здравје во Велес за загаденоста на Дојранското езеро и забраната за капење изречена  од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ја даде следнава изјава:

…Во изминативе два дена имаме контакти и со претставници од општината Кукуш со која се дели езерото од грчка страна. Во студија изработена од нивни реномирани иституции во период од 42 месеци, од над 30 специјализирани научници заклучуваат дека Дојранското езеро има исклучително чиста вода, која во голема мера се зголеми во последните две години, со голем избор на риби и интересна фауна во околината. И затоа сме зачудени од испитувањата на Институтот. Како општина, ќе побараме дополнителни испитувања и анализи, од повеќе институции, затоа што сметаме дека водата во езерото никогаш не била почиста од почетокот на еколошката катастрофа досега…

 [Извор:Прес 24 , Датум: 08.07.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Оваа изјава ја оценуваме како недоследна од неколку причини.

Како прво, градоначалникот на Дојран изразува сомнеж врз веродостојноста на резултатите на Центарот за јавно здравје во Велес, што е всушност локална единица на Институтот за јавно здравје. Со тоа го негира мислењето дадено од врвна стручна институција со закон надлежна за мониторинг и експертска проценка на состојбата на загаденост на водите за капење, институција која ја креира националната политика во областа на превентивната медицина и јавното здравје .

Понатаму, градоначалникот Стамов, потценувајќи ги резултатите на Институтот за јавно здравје се повикува на извесна студија подготвена од страна на грчки институции, без да ја наведе студијата, да прецизира кој ја подготвувал и што точно било предмет на истражување. Притоа, градоначалникот Стамов не ја споменува студијата за состојбата на Дојранското езеро подготвена во 2015 година од страна на Регионалниот центар за животна средина. Оваа студија утврди дека во Дојранското езеро има високи концентрации на отпадни материи, фосфорни и азотни соединенија. Во студијата се потенцира дека во езерото континуирано се влеваат фекалии од повеќе страни и од градот Дојран и дека и покрај функционирањето на пречистителната станица, таа не резултира со пречистена вода.

Трето и најважно, градоначалникот Стамов изразувајќи сомнеж и потценувајќи ги резултатите на надлежните институции, индиректно ги повикува граѓаните на непочитување на забраните за капење на институциите што може сериозно да влијае врз загрозувањето на нивното здравје.

Инаку Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе одлука за забрана за капење на четирите плажи Градска плажа, Црвен Крст, Златен брег и Калдрма, откако е утврдено дека бактериолошката и хемиската неисправност на Дојранското езеро е од трет степен.

На 08.07.2016 година, Дневник го пренесува мислењето на лекарите од Институтот за јавно здравје:

…пливањето во вода со зголемен број на колиформни бактерии го зголемува ризикот за појава на стомачни тегоби, проливи, повраќање, инфекции на ушите или кожни инфекции. При тоа ризикот е присутен кај лицата со намален имунитет, хронично болни лица или мали деца….

Имајќи ги предвид овие аргументи, изјавата на градоначалникот Борче Стамов ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Mилена Јосифовска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *