Граѓаните дури од 2019 година ќе можат да сметаат на парите од повратот на ДДВ

Фото: Maxpixel

Ветувањето на Владата дадено во Програмата за нејзината работа за периодот 2017-2020 година (страна 5), кое според Планот за работа на Владата за периодот јуни-декември 2017 година (страна 32), е предвидено да се реализира преку донесување на измени на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ) во декември 2017 година, не е исполнето

 

Владата на Република Македонија ќе воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните” со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на лускузни производи. Системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување.

[Извор: Програма на Влада 2017 -2020 година и Планот за работа за периодот јуни-декември 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на Владата дадено во Програмата за нејзината работа за периодот 2017-2020 година (страна 5), кое според Планот за работа на Владата за периодот јуни-декември 2017 година (страна 32), е предвидено да се реализира преку донесување на измени на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ) во декември 2017 година, не е исполнето.

Владата, според Планот за работа, за периодот јуни-декември 2017 година (страна 32), предвиде подготовка на Предлог на закон за измена и дополнување на Законот за ДДВ со кој ќе се овозможи поврат на 15 отсто од уплатениот ДДВ за граѓаните, за декември 2017 година.

До 15 февруари 2018 година измени на овој закон не се разгледувани ниту на владина седница, ниту пак е поднесена некаква информација за тоа. Измени на Законот за ДДВ не се објавени ниту на Единствениот национален регистер на прописи (ЕНЕР).

Од Министерството за финансии, кое треба да ги подготви измените на Законот за ДДВ информираат дека уште ги анализираат концептите, но не посочуваат кога и на кој начин ќе се реализира повратот на ДДВ-то за граѓаните.

Министерството за финансии ги разгледува и ги анализира концептите за отпочнување со мерката. Кога ќе имаме подетални информации ќе ги споделиме со јавноста.

Дека владата не е подготвена да ја реализира во целост оваа мерка ни во текот на оваа година, како што беше планирано, но и најавено од СДСМ во предизборието за парламентарните избори во 2016 година, потврди и премиерот Зоран Заев на седница на Собранието наменета за пратенички прашања во декември лани кога од пратеникот Илија Димовски од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ беше прашан кога ќе се реализира ветениот поврат на ДДВ за граѓаните.

Ваков систем изискува соодветна административна подготовка. Во второто полугодие на 2018 ќе го испробаме овој систем на две места во Македонија за да го провериме неговото функционирање и за да ги слушнеме ставовите, да ги утврдиме предностите и слабостите. Ако системот функционира, граѓаните ќе бидат мотивирани и ќе си бараат фискална сметка насекаде, а преку тоа целиот систем на уплата на ДДВ ќе се зголеми. Ова е механизам кој успева во одредени земји. Ако двата региони ги дадат овие резултати, во 2019 одиме низ целата територија, рече Заев. (Либертас  24.11.2017.)

За реализација на оваа мерка и како пилот проект во 2018 година нема планирани пари во ниту една ставка од Буџетот, барем не како „поврат на 15 отсто од ДДВ-то уплатено од граѓаните“ .

За оваа мерка СДСМ предложи законски измени уште во претходниот парламентарен состав како опозициска партија, но тоа не беше прифатено од тогашната владина коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ враќањето на 15 отсто од платеното ДДВ за граѓаните го стави и во предизборната програма  за парламентарните избори во 2016 година „Планот за живот во Македонија“ (страна 5)  каде што напиша:

ГИ НАМАЛУВАМЕ ТРОШОЦИТЕ ЗА ПОГОЛЕМ СЕМЕЕН БУЏЕТ – Враќаме 15 проценти ДДВ: Секој граѓанин ќе добива назад по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки. Тоа ќе значи, на крајот од годината, уште една плата плус во секое семејство, пишува во „ Планот за живот во Македонија“.

Според она што тогаш го изјавуваше лидерот на СДСМ и сегашен премиер, Зоран Заев, СДСМ ова ветување требаше да го реализира веднаш по изборите.

Една од најважните мерки којашто веднаш по 11 декември ќе биде донесена од страна на Собранието и имплементирана од страна на Владата, ќе биде враќање на 15 проценти од данокот на додадена вредност. Сите ние граѓани плаќаме секој ден за сè што значи наш живот. Секаде го плаќаме данокот на додадена вредност. Ако потрошите илјада денари, имате 180 денари ДДВ внатре. Ние предлагаме 15 проценти од тоа ДДВ што го има на секоја сметка, за вода, за храна, за облека, за струја, за се што плаќаме, 15 проценти да се врати назад кон граѓаните, рече Заев. (Фокус – 22.10.2016.)

Но, една година подоцна ова ветување Владата предводена од СДСМ не успеа да го реализира, туку го одложи за 2019 година, со образложение дека во 2018 година само ќе се реализира пилот проект во два региона во земјава.

 

ИЗВОРИ:

  • Програма на Влада 2017 -2020 година – страна 5 ( Пристапено на 15.февруари 2018.).
  • Предлог-програмата за работа на Владата на Република Македонија за периодот јуни – декември 2017 година, страна 32  (Пристапено 15 февруари 2018.)
  • Влада – седници (Пристапено на 15 февруари 2018.)
  • ЕНЕР  (Пристапено 15 февруари 2018.)
  • Либертас (24.11.2017.) Заев: Повратот на ДДВ на граѓаните ќе врати 300 милиони евра во буџетот од евазијата
  • Фокус -Заев: Граѓаните ќе добиваат 15 отсто поврат на ДДВ
  • СДСМ -Предизборна програма „План за живот во Македонија“

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција