Граѓаните лични документи може да извадат само во местото на живеење

За лична карта ако привремено си во друг град, мора да се оди „дома“. Фото: Википедија

ПРОЕКТ: ОЛЕСНУВАЊЕ НА ПРИСТАПОТ ДО ДОКУМЕНТИ

Без разлика на местото на живеење, секој граѓанин со претходна најава ќе може да аплицира или подигне документ (лична карта, патна исправа или возачка дозвола) во друг град. (Буџет: во рамки на одобрениот буџет, Рок: 2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во својата изборна програма „Проверено“ за парламентарните избори во 2014 година, на 234 страница, ВМРО-ДПМНЕ вети дека до крајот на 2015 година ќе овозможи олеснување за граѓаните, со тоа што ќе овозможи да се аплицира за лични документи и тие да се подигнат во друг град, а не само во градот во кој лицето живее. Пребарувањето на сајтот на МВР, како и на македонските агрегатори на вести, не доведе до информација дека тоа е сторено, поради што ова ветување е неисполнето.

Потврда за основаноста на оваа оценка се и резултатите од прелистувањето на „Отчетно“ – отчетот на ВМРО-ДПМНЕ презентиран на 20 март годинава. И тука нема споменување дека оваа услуга е достапна.

Ветувањето од програмата „Проверено“ го наоѓаме и во програмата за работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2014 – 2018. Таму во делот Правда и безбедност, во точката „Подобри и нови услуги за граѓаните“ ја наоѓаме истата формулација, со истиот рок.

„Олеснување на пристапот до документи – без разлика на местото на живеење секој граѓанин со  претходна најава ќе може да аплицира или подигне документ (лична карта, патна исправа или возачка дозвола) во друг град (2015)“.

На веб-сајтот на МВР, во делот Услуги го наоѓаме одделот Управни работи, каде што се наведени процедурите за издавање лични документи, и секаде наоѓаме дека закажувањето за лични документи и нивното подигање се вршат во местото на живеење. Пример за тоа е точката „Издавање на лична карта“.

„Лична карта можете да добиете во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во подрачјето каде што имате живеалиште“.

Поради тоа, ветувањето за закажување за фотографирање и поднесување молба за лични документи и во друг град, се смета за неисполнето.

 

ИЗВОРИ

  • ВМРО-ДПМНЕ – Изборна програма „Проверено“ за парламентарните избори во 2014 година (стр. 234) [Пристапено на: 8.4.2016]
  • Отчетно“ – отчет на ВМРО-ДПМНЕ (20 март 2016) [Пристапено на: 8.4.2016]
  • Програма за работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2014 – 2018 [Пристапено на: 8.4.2016]
  • МВР – веб-сајт, дел Управни работи [Пристапено на: 8.4.2016]
  • МВР – веб-сајт, точка „Издавање на лична карта“ [Пристапено на: 8.4.2016]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција