Граѓанската платформа бара искрена политичка волја за справување со корупцијата

Антикорупциската комисија досега покажа дека е неефикасна и не го штити јавниот интерес (Од презентацијата на „Платформа“ во хотелот „Холидеј ин“ - 29.06.2018) Фото: antikorupcija.mk

Неопходно е да се зајакнат капацитетите на Антикорупциската комисија, подобро да се дефинираат правилата за избор на нејзините членови, како и да се засили стручната служба, сугерираат од Платформата на граѓански организации. Заложбите  се изборот на претседателот и членовите на ДКСК да се врши во Собранието,  но со активно учество на граѓанскиот сектор. Интенцијата е да се воведе задолжително јавно интервју на кое граѓанските организации ќе имаат  право да им поставуваат прашања на кандидатите и можност да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

„Политичките елити во Македонија имаат комплициран однос со борбата против корупцијата. Во најдобар случај тие се транспарентни и отчетни, а во најлош случај, главните учесници во заробувањето на државата. Меѓутоа, во досегашната историја не постои т.н „шампион на антикорупцијата“ во рамки на политичкото лидерство – личност на највисоките позиции која принципиелно и без компромиси го ставила ова прашање на врвот од приоритетите“, оценува Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата во нивната анализа на тема „Како до интегритет во Државната комисија за спречување на корупцијата“, презентирана денес (29.06.2018) во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.

platforma

 

Како клучни фактори на успешна борба против корупција во анализата се наведени:

  • политичка волја за справување со корупцијата
  • институционален капацитет
  • слободни медиуми и
  • граѓани и граѓанско општество кои се подготвени да се спротивстават.

Притоа се забележува на недостаток на долгорочна политичка волја за борба против корупција, а како единствено конзистентно упориште на антикорупциската борба се посочува граѓанското општество.

Истакнувајќи ја борбата против корупцијата како  еден од најголемите предизвици  на Македонија,  Ана Јаневска Делева рече дека во таа битка исклучително важна улога треба одигра Антикорупциската комисија, која досега покажа дека е неефикасна и дека не го штити јавниот интерес. Во таа смисла  таа  потенцира дека треба да се зајакнат капацитетите на ова тело, подобро да се дефинираат правилата за избор на  неговите членови, како и да се засили стручната служба.

 

ЈАВНО ИНТЕРВЈУ ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА ДКСК

Заложбите на „Платфорамата“ се изборот на претседателот и членовите на ДКСК да се врши во Собранието,  но со активно учество на граѓанскиот сектор. Интенцијата е да се воведе задолжително јавно интервју на кое граѓанските организации ќе имаат  право да им поставуваат прашања на кандидатите и можност да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК.

Процесот на избор на членови на ДКСК мора да биде јавен. Собранието мора да овозможи јавен распит на сите кандидати емитуван на собранискиот телевизиски канал во живо. Во јавниот распит покрај пратениците, потребно е да учествуваат и граѓанските организации кои работат во полето на антикорупцијата. Задача на пратениците и претставниците на граѓанските организации е темелно да ги испитаат вредностите, знаењето и планот на кандидатите за нивното раководење на институцијата.

Поентата на  ваквиот пристап е дека ќе се елиминира арбитрарното и најчесто партиско филтрирање на пријавените кандидати. При распитот, јавноста ќе може подобро да се запознае со капацитетот на кандидатите, директно и индиректно преку мислењето на граѓанските организации и медиумската расправа која ќе го следи процесот. Ова потенцијално го стеснува просторот на пратениците, кои во услови на раширена јавна дебата околу кандидатите потешко би следеле партиски диктат, исплашени да не платат цена на следните избори.

Имајќи го предвид досегашното искуство на влијание на партиски елити врз работата на ДКСК, а со цел да се да се обезбедат барем формални услови за намалување на идни ризици, од Платформата нагласуваат дека е важно  „да се осигура и дека кандидатите не биле донатори или членови на политичка партија барем пет години пред кандидатурата“. Исто така, се сугерира поексплицитно да се наведат основите за разрешување, по кои може да се поведе постапка за промена на членовите на ДКСК

 

НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА ЧЕЛНОВИ НА ДКСК

Во однос на составот и манадатот на Антикорупциската комисија, „Платформата“ смета дека треба да се намали бројот на членовите на ДКСК, која сега брои  вкупно седум члена. Истовремено се препорачува  да се зголеми мандатот и тој да биде поголем од мандатот на политичката власт во државата. Односно, бидејќи власта се менува (во нормални услови) на четири години, ДКСК да има мандат барем пет години.

Големиот број на членови не доведе до поуспешна работа на комисијата. Истовремено, големиот број членови значеше дисперзија на одговорноста за неуспесите.

Слично како комисијата во Република Словенија, која како ДКСК нема обвинителски надлежности, следниот состав на ДКСК треба да брои помеѓу три и пет члена. Комисијата треба да е водена од претседател со должина на мандат колку и на другите членови. Мандатот од четири години треба да се зголеми на пет а можноста за реизбор потребно е да остане.

 

СЕ БАРА ПОГОЛЕМА АВТОНОМИЈА ЗА ДКСК

„Платформата“  ја истакнува и неопходноста од поголема финансиска независност на ДКСК

Како прво, ДКСК мора да има автономија за тоа кого и колку ќе вработува и како ќе ги унапредува веќе вработените…Ваквата автономија треба да значи поголема одговорност во испорачување на резултати и успешна борба против корупцијата. 

Паралелно на овој процес е и редефинирање на статусот на вработените во стручната служба. 

Во анализата се наведува дека ДКСК мора да се фокусира на средната и висока корупција и да работи во содејство со Јавното обвинителство за нивно намалување.

На тој пат дел од стручната служба треба да се трансформира во антикорупциско „разузнавање“ кое ќе има задача да идентификува ризици во потенцијални случаи. Ваквата идентификација ќе помогне ефикасно да се таргетираат административни проверки во „морето“ на институциски трансакции или пак да го алармира Јавното обвинителство за да почне посериозна предистражна постапка. За таа цел стручната служба мора да научи како да комбинира, вкрстува и работи со податоци.

 

(НЕ)ТРАНСПАРЕНТНИ ИНСТИТУЦИИ

Презентирајќи ја анализата „Степенот на отвпренoст на надлежните институции низ призма на граѓанските организации“,  Дона Димов Марковска истакна дека отвореноста и транспарентноста на институциите, како принципи на работење и предуслови за добро владеење, се исклучително значајни за намалување на нивото на корупцијата во државата. Како што спомена таа анализите спроведени во последните неколку години во поглед на отвореноста на извршната власт, укажуваат на фактот дека на Владата и’ претстои сериозна задача во насока на подобрување на транспарентноста и отчетноста во своето работење.

„Платформата“ смета дека се потребни силни заложби и континуитет во градење на транспарентни институции, како и силно граѓанско општество кое будно ќе ја следи состојбата на сите нивоа. Притоа се  наведува дека е Владата треба да има поголема транспарентност при постапката и начинот на селекција при вработувањето и ангажирањето на соработници во Владата, особено во ПР службите на министерствата, дека е неопходно  усвојување на јасни, конзистентни политики и политики на отвореност базирани во стратешки документи, како и дека Владата треба да биде поотворена за критиките од граѓаните и медиумите.

Што се однесува  до Собранието,  тоа треба да обезбеди поголемо ниво на транспарентност на финансиски информации , како и  ефикасно да ја извршува својата улога на надзорен механизам над Владата.  А, како што беше речено на денешната презентација  во рамки на  проектот „Промоција на стратешките приоритети на Платформата за борба против корупција“ во судството треба да се почитува принципот на случајно доделување предмети, но и на јавност на судењата, како еден од основните услови за фер судење.

Platforma DKSK

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.