Груевски е обвинет за делото „примање награда“, а не за анекс на договор

 

Никола Груевски, пратеник и лидер на ВМРО-ДПМНЕ изнесе став во јавноста во врска со случајот „Траекторија“, каде што е првообвинет, кој го оценуваме како манипулативно тврдење и невистина.

Јас и моите колеги обвинети сме за нешто што го правела во минатото и сега го прави владата на СДСМ. Во минатото имаме случај при изградбата на хидроцентралата Козјак на ист начин и во иста постапка Владата земала кредит од Кина и ја исфинансирала градбата на Козјак. Сега на ист начин се направи анекс на договорот и тој анекс помина на Парламент. За нешто што го прават и го правеле во минатото ние сме обвинети, па сега вие видете. Сѐ што направивме беше согласно закон и Парламентот имаше увид на сѐ и сето тоа го прифати. Гласаа сите пратеници, вклучувајќи ги и пратениците на СДСМ.

 

[Извор: МКД – датум, 06.12.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Експремиерот Никола Груевски пред Кривичниот суд во Скопје на 06.12.2017 година, по одложувањето на рочиштето за случајот „Траекторија“, каде што е првообвинет, даде изјава за медиумите која е невистина и e недоследна, затоа што овој случај го спореди со друг случај од минатото, односно процедурата за изградба на хидроцентралата „Козјак“.

Случајот „Траекторија“ е кодното име на обвинението на Специјалното обвинителство, кое се однесува на постапката за добивање кредит за изградба на автопатски делници во Република Македонија во висина од околу 500 милиони евра од страна на кинеската држава, при што главен изведувач е кинеска компанија.

Суштината на обвинителниот акт не е анкексот на Договорот и Законот кој поминал во Собрание и со гласовите од тогаш опозициската СДСМ, туку во изигрување на постапката за јавна набавка за изградба на двете автопатски делници, за што експремиерот и двајцата други членови на тогашната Влада, второ и трето обвинетите Миле Јанакиески и Владимир Пешевски, биле должни да го сторат според Законот за јавни набавки.

Имено, СЈО во обвинението тврди дека според Договорот за техничка соработка меѓу Македонија и Кина, Македонија не била обврзана за исклучување на постапката за јавна набавка преку транспарентен тендер, ниту пак била упатена да одбере една фирма, во случајот „Синохидро“.

Напротив, СЈО тврди дека дури била и заобиколена листата на компании која била доставена од кинеската страна и по директна наредба на експремиерот, Јанакиески и Пешевски започнале директни преговори со „Синоходро“ и со уште една компанија, само за да создата привид на конкурентност, а потоа преговорите со втората компанија ги напуштиле и продолжиле само со „Синохидро“.

Од целата нестранспаретна и незаконска постапка, според СЈО, е нанесена штета на Буџетот на РМ од околу 155 милиони евра. Овие пари се пресметани на следниот начин:

Груевски и другите двајца обвинети биле известени дека ревидираните пресметки за изградба на автопатот Кичево-Охрид од страна на Јавното претпријатие за државни патишта, на кое тогаш директор бил четврто обвинетииот, изнесувале околу 270 милиони евра. Во меѓувреме, дури добиле понуда од втората кинеска компанија со која ги напуштиле преговорите за изградба по цена од 369 милиони евра. Но, наместо да ја рагледаат оваа понуда, тие склучиле, парафирале договор со „Синохидро“ за околу 411 милиони евра.

По ова, подготвиле предлог закон во кој, според СЈО било наведено дека понудата на „Синохидро“ била најевтина и најдобра, со што ги измамиле пратениците во Собранието на РМ кои потоа го изгласале Законот. Сето ова може да се види од Обвинителниот акт на СЈО.

Ете, за ова е обвинет Груевски и тоа за делото „Примање награда“ (читај – поткуп), додека другите тројца за делото „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а не за анекс на договор и за Закон во парламент, како што бил случајот при изградбата на „Козјак“ и како што тоа сега пред јавноста го претставува Груевски. Впрочем и за случајот „Козјак“,  како што потсетија медиумите, имаше процес, обвинети и осудени лица.

Патем, „Синохидро“ е компанија која во светски рамки е инволвирана во многу непријатни зделки оценети како коруптивни, за што „Вистиномер“ веќе пишуваше.

Поради наведените аргументи изјавата на Груевски е манипулативна и ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Теофил Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *