Груевски и ВМРО-ДПМНЕ беа за ограничување на правото за помилување, па ретерираа

Првин поддршка, потоа пишман. Фото: Телма

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за помилување останува ист како и во 2009 година кога поднесовме измена на законот со која што побаравме укинување на одредени можности на претседателот поврзани со помилувања на одредени категории на лица. ( Никола Груевски)

[Извор: МИА, Датум: 14.3.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На 14 март годинава претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при посета на Клиниката за гинекологија, кажа дека ставот на партијата што ја предводи за Законот за помилување е ист како и во 2009 година, кога при гласањето во Собранието ги поддржа за законските измени со кои се ограничи правото на претседателот да помилува осудени за педофилија, изборен криминал, кривични дела против човечноста и меѓународното право и друго. Оваа изјава Груевски ја даде два дена пред Уставниот суд на седница со мнозинство гласови да донесе одлука за укинување на тие измени, односно Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година.

Со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ на гласањето во Собранието на 28 март годинава, односно две седмици откако претседателот на партијата ја даде споменатата изјава, го одби Предлог-законот за измена на Законот за помилување поднесен од СДСМ, кој ги вклучуваше истите ограничувања како и Законот укинат од Уставниот суд, изјавата на Никола Груевски е недоследна.

Сродна изјава како таа од 14 март,  Груевски даде и на 17 март, ден откако Уставниот суд ги поништи ограничувањата на правото на претседателот на државата да помилува. Тогаш тој зборуваше во свое име, но суштината е таа.

Останувам на ставот од 2009 година и измените во законот за помилување во делот во кој што на претседателот не може да помилува осудени за изборен криминал,  дилери на дрога и педофили, но, Уставниот суд одлучи поинаку и јас немам ингеренции да ја сменам таа одлука, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ при посетата на општина Ѓорче Петров.

Претходно премиерот Груевски на почетокот на месецот предизвика сцена која интензивно се коментираше по социјалните мрежи и во медиуми. Тој на 1 март по промоцијата на новите наслови во читалната „1000 книги”, на прашањето на новинарката на Телма, „Во однос на иницијативата на Уставниот суд за поведување на постапка за Законот за помилување, кој е вашиот став?“, одговори: „Јас имам исто мислење како што имав во 2009 година“. Повторно запрашан „А тоа е?“, Груевски одговори: „Тоа е дека… ааххх, тоа е тоа што практично го имав тогаш во 2009 година… Тоа што го имав во 2009 година“. На новото прашање од новинарката на Телма „Дали може да го повторите ставот?“, Груевски одговори: „Ќе може да го најдете во вашите архиви“ (од 0:33 до 0.55 во видеото).

Идентично на првата, најгоре цитираната, изјава на Никола Груевски, и ВМРО-ДПМНЕ во соопштение од 18 март потенцираше дека останува на истиот став како во 2009 година. Потоа во повеќе соопштенија во врска со Уставниот суд, ова беше повторено со идентична формулација.

ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став околу Законот за помилување како и во 2009 година.

На 23 март СДСМ соопшти дека ќе поднесе Предлог-закон за дополнување на Законот за помилување, со кој се враќа ограничувањето на правото на претседателот да помилува осудени за педофилија, изборен криминал, производство и трговија со дрога.

Актот на помилување не смее да се однесува на кривично дело неовластено прислушкување и тонско снимање од член 151, кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик, кривични дела против половата слобода и половиот морал од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик сторени спрема деца и малолетни лица; кривични дела против здравјето на луѓето од Глава дваесет и прва: кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215, , кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од член 216, кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување од член 353; кривично дело злосторничко здружување од член 394; кривични дела поврзани со тероризам од членовите 394- а, 394-б и 394-в и за кривични дела против човечноста и меѓународното право од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик. Едно лице не може да биде помилувано за повеќе од едно кривично дело во период од 20 години.”

Предлог -законот за дополнување на Законот за помилување беше на гласање во Собранието на 28 март годинава. Тогаш пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против, иако претходно и партијата и нејзиниот претседател порачуваа дека се за ограничено право на претседателот да помилува педофили, осудени за кривични дела во врска со изборите и останатите тешки дела.

Поради тоа, изјавите на Груевски и кажаното во соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ, се недоследни.

 

ИЗВОРИ

  • МИА – Груевски: СДСМ често го менува ставот за Законот за помилување (14.3.2016) [Пристапено на: 1.4. 2016]
  • Телеграф – УСТАВЕН СУД: Законодавецот не може да ги ограничува овластувањата на претседателот (16.3.2016) [Пристапено на: 1.4. 2016]
  • ТВ 21 – Груевски за одлуката на Уставен: Се надевам дека Претседателот нема да ја злоупотреби функцијата (17.3.2016) [Пристапено на: 1.4. 2016]
  • Телма – Груевски воздржан во коментарите за актуелните случувања во државата (1.3.2016) [Пристапено на: 1.4. 2016]
  • ВМРО-ДПМНЕ – Продолжуваат срамните притисоци на СДСМ врз Уставниот суд (18.3.2016) [Пристапено на: 1.4. 2016]
  • А1он – (ВИДЕО) Сугарески: Бараме измени на Законот за помилување, криминалците од ВМРО-ДПМНЕ мора да одговараат (23.3.2016) [Пристапено на: 1.4. 2016]
  • Правдико – Предложени се измени во Законот за помилување (25.3.2016) [Пристапено на: 1.4. 2016]
  • Тајм.мк (28.3.2016) [Пристапено на: 1.4. 2016]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција