Груевски: Одговорив на сите прашања

Груевски во неуспешен обид да ја убеди јавноста дека му биле поставени само прашња, чии одговори се веќе познати. Фото: А1он, скриншот

 

 

Ја кажав вистината. Единствената причина поради која барав седницата да биде затворена за јавноста е да спречам СДСМ да направи криза. Одговорив на сите прашања. Немаа доволно прашања на крајот. Ги исцрпеа сите прашања. Нема нешто што досега не беше веќе одговорено, не беше споделено со јавноста. Сите одговори досега веќе ги споделив со народот. Вистината што ја бара Анкетната комисија, народот ќе ја каже на изборите на 24 април. Вистинска анкетна комисија ќе се случи на 24 април, рече Груевски.

[Извор: МКД.мкДатум: 14.12.2015]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за изјава на премиерот Никола Груевски по сведочењето на затворената седница на Анкетната комисија за прислушување која се одржа во понеделникот. Груевски до Анкетната комисија испрати писмо во кое се повика на член 4, став 4 од Деловникот на Комисијата, со што се повикува на тајност поради објавување на класифицирани информации.

 

Но, според изјавата на Петре Шилегов, претседателот на Комисијата, искажана веќе наредниот ден од говорницата во прес-центарот во Собранието, тој рече дека премиерот не одговорил на ниту едно прашање поврзано со бомбите, односно со прислушуваните разговори што е главната цел на Анкетната комисија:

Македонската јавност заслужуваше да добие договор за прислушуваните разговори, објавени во бомбите во проектот „Вистината за Македонија“.  Анкетната комисија е формирана токму за да се утврди политичката одговорност на носителите на државни функции, обврзани со објавените прислушувани разговори. Таков тип на прашања, очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски не сакаат да се слушне јавниот одговор и одбиваат одговори. Вчера имавме ситуација каде што Груевски одби да одговори на прашање од бомбите.  Таков беше текот на седницата. Тој свој срам сакаат да го направат со реметење на текот на работата на Анкетната комисија и со затворање на седниците кога веќе немаат каде да избегаат. Не можам да ви кажам за кое прашање, она што е веројатно интересно јавноста, сите прашања поврзани со бомбите одби да ги одговори.

Вистиномер одговор на ова прашање побара и од независната пратеничка Роза Топузова-Каревска, која ни одговори дека премиерот одговарал на прашања.

Можам да кажам дека премиерот одговараше на прашања, но да одговараш и да одговориш се две различни работи – рече Топузова-Каревска.

Ова значи дека веќе два извори од две различни политички партии не се согласуваат со изјавата на премиерот, односно негираат дека одговорил на сите прашања поставени од членовите на Комисијата.

Покрај ова, делот од изјавата на премиерот („нема нешто што досега не беше веќе одговорено, не беше споделено со јавноста. Сите одговори досега веќе ги споделив со народот“) јасно и недвосмислено укажува оти неговото деловничко барање за затворање на седницата е манипулативно со оглед на повикувањето на тајност поради објавување на класифицирани информации во ситуација кога објавување на такви класифицирани информации воопшто не се случило. Дека ова е сосема точно покажува и неговиот одговор на новинарско прашање за барањето на тајност на седницата, во кој тој воопшто не го спомнува членот 4, став 4, кој се однесува на тајност поради објавување на класифицирани информации, туку нуди своја лична претпоставка дека СДСМ ќе направел криза и дека целта на затворањето на седницата била таквата претпоставена криза да се спречи. Деловникот на Анкетната комисија не дава можност лицата кои ќе сведочат да побараат затворање на седница на Комисијата заради претпоставени идни можни активности на било кој од членовите на Комисијата. Особено не е дозволено да побарате седницата да биде затворена за јавноста врз основ на член на Деловникот, а како објаснување за вашето барање пред јавноста да наведете некоја сосема друга причина која не е дозволена според Деловникот.

Уште поважно, крајно нереалистично е да се поверува дека пратениците на премиерот би му поставувале само прашања кои досега се веќе одговорени и кои се споделени со јавноста. Со сигурност може да се заклучи дека членовите на Комисијата, пред сè, би ги интересирале прашања на кои сè уште јавноста нема одговори и дека таквите прашања би биле доминантни наспроти прашањата чии одговори се познати. Особено што премиерот досега во ниедна пррилика јавно не проговорил ниту самоиницијативно, а камоли, пак, да одговори на прашања поврзани со содржината од прислушуваните разговори. Со самиот факт што премиерот вели дека сите негови одговори биле веќе познати и споделени со јавноста, тоа имплицира дека редица прашања, чии одговори се непознати, а морало да се поставени, не се одговорени.

 

Оцени: Александра Денковска

 

ИЗВОРИ:

Груевски: Одговорив на сите прашања, ги исцрпеа сите прашања, 14.12.2015 година, [пристапено на 16.12.2015]

ГРУЕВСКИ НЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊАТА ЗА „БОМБИТЕ, 15.12.2015 година, [пристапено на 17.12.2015 година]

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар