Груевски: „Огромни кирии“ од 1,5 милиони евра годишно, заменети со објекти од 389 милиони евра

 

Основната идеја на проектот Скопје 2014-та не беше барокот или неокласицизмот, тоа е само стил, кој патем кажано постоел во Скопје на поедини објекти. Идејата беше градење на институции на државата и зацврстување на идентитетските одредници на нашата нација и секако сериозен допринос во развојот на туризмот. За една држава е важно да има институции, свои институции, а не институции под кирија какви што имавме и за кои плаќавме огромни кирии на поединци бизнисмени, и една држава мора да има паметници за нејзиното минато, паметници на херои, успеси, битки, победи, историски настани, калење на духот. (Никола Груевски)

[Пресс24, 10. декември, 2015]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Горната изјава е дадена од страна на премиерот Никола Груевски во интервјуто за порталот Пресс24. Овде ќе задржиме само на квалификацијата „плаќавме огромни кирии“ со цел да ја утврдиме вистинитоста на овој дел од неговата изјава и дали навистина со изградбата на проектот „Скопје 2014“ тој проблем е надминат или можеби состојбата е влошена. На прв поглед, се чини како да станува збор за квалификација која има лично гледиште, односно некоја сума за кирија за некого може навистина да биде „огромна“, а за друг тоа можеби и не е така. Но, овде, за среќа, станува збор за големи разлики во сумите меѓу кириите и оние потрошени за изградба на објектите од проектот „Скопје 2014“, па може објективно да се заклучи дали станува збор за „огромни кирии“ или не.

Најрелевантен преглед на чинењето на проектот „Скопје 2014“, кој е нов, обновуван и сеопфатен, дава досието на БИРН. Тука се оперира со вкупна бројка од 624 милиони евра, од кои 389 милиони евра се однесуваат на објекти, поконкретно на објекти во кои се сместени државни институции и за кои сега не се плаќа кирија. Во овие објекти, се разбира, не се вклучени катните и подземните гаражи, како ни средствата за нови фасади, ниту пак спомениците или било што друго кое не може да служи како канцелариски простор.

Сега, се што ни преостанува да откриеме, тоа е фамозната бројка која се однесува на „огромните кирии“, а која Груевски во изјавата не ја спомнува и со тоа не им остава простор на читателите самите да донесат заклучок. Таа бројка од страна на претставниците на власта речиси секогаш се избегнува да се спомне и се карактеризира токму вака, како „огромна“ или како „високи кирии“, „големи суми за кирии на приватници“ и слично. Сепак, во една прилика, во 2010, на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски му се испушти точниот износ. Станува збор за период кога се планираше целиот проект да чини само 80 милиони евра и кога износот на кирии можеби и можеше да заличи на „огромен“.

Еве ја неговата изјава пренесена од медиумите на 26 и 27 февруари 2010 година (овде и овде):

Со конечната реализација на проектот, ќе имаме заштеда од 1,5 милион евра годишно што ги троши сега државата за кирија за административците кои немаат сопствени објекти. Значи, инвестициите ќе се исплатат долгорочно, рече вчера Јанакиески.

Сега можеме да направиме споредба меѓу чинењето на кириите и на зградите. Во 389 милиони евра, колку што се потрошени за објекти во проектот „Скопје 2014“, има кирии во износ од над 259 години. Дури и ако го преполовиме износот од 389 милиони евра на половина (под претпоставка дека само во половината згради ќе бидат сместени институции кои претходно плаќале кирија, а другата половина згради се однесуваат на институции кои претходно не постоеле, односно нови институции за кои порано не се плаќала кирија), повторно доаѓаме до висока бројка од 194 милиони евра, средства доволни за кирии во период од 129 години. Ова, се разбира, под претпоставка дека државата во тој период не би имала никакви трошоци за одржување на тие згради, кои би морале да се покријат од државниот буџет, а кои, доколку би станувало збор за изнајмување на просторот, таквото одржување не би го платила државата, туку сопствениците на зградите.

Во секој случај, вака кога ќе се постават работите, износот од 1,5 милиони евра годишно за кирии во никој случај не е голем, а особено не огромен. Од ова јасно следи и дека изјавата на премиерот Груевски е невистинита.

 

Оценил: Владимир Петрески

 

ИЗВОРИ

Груевски: Народот јасно гледа се и знае да цени и суди,  [Пристапено на: 16.12.2015], http://press24.mk/gruevski-narodot-jasno-gleda-se-i-znae-da-ceni-i-sudi

Интерактивна база на податоци „`Скопје2014` под лупа“, [Пристапено на: 16.12.2015], http://prizma.birn.eu.com/мк/ресурси/интерактивна-база-на-податоци-скопје2014-под-лупа

Скопје 2014 под лупа, [Пристапено на: 16.12.2015], http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/

ПРОЕКТОТ НОСИ НОВИ ВРАБОТУВАЊА ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО, [Пристапено на: 16.12.2015], http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=EB3D4E88D189504F880856A3E6623CD6

ВЛАСТА СЕ ФАЛИ СО ЕКОНОМСКИ ПРИДОБИВКИ ОД ПРОЕКТОТ , [Пристапено на: 16.12.2015], http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=93A2744733297E45AD874AB773959497

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *