Груевски противуставно врши увид во локалната самоуправа

Лидер на партија се однесува како да е „Република Македонија“. Фото: скриншот

 

Кога ќе се направи патот ќе има интерес и за скијачкиот центар. На МЕПСО веќе му се дадени инструкции од Владата да направата проект, но прво ќе инвестираат околу три милиони евра во Берово, а потоа околу 3 до 3, 5 милиони евра во скијачкиот центар Голак

[Извор:ВечерДатум: -07.03.2016]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за недоследна изјава на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, дадена при посета на Делечево на почетокот на март 2016, каде заедно со претставници на Владата и на владини претпријатија, според медиумите, „извршил увид“ во: доградбата на детска градинка,  реконструкцијата на локален пат и во спроведувањето на дел од проектите на локалната самоуправа околу реконструкција на две-три улици во Општината.

Оваа изјава на Груевски е недоследна поради тоа што човекот едноставно нема ингеренции ниту да прави увид, ниту да ветува проекти од име на Владата или од име на локалната самоуправа, ниту да го дообјаснува текот на проектите во кои учествува Владата и локалната самоуправа. Груевски е поранешен премиер, а сега само лидер на партија. Како лидер на партија, макар и владејачка, тој според Законот за Влада нема ингеренции да зборува во име на Владата.

Во Законот за Влада децидно се вели дека таа како носител на извршната власт, работата ја извршува самостојно, а одговора пред Собанието на РМ (член 2 и член 3):

Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Влада), како носител на извршната власт е орган на Република Македонија кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права.

Во членовите од 32 до 34 се регулирани и односите на Владата со единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје и таму се употребуваатт термини како што се стручна помош, и како што се инаформации, материјали и други податоци што би и биле од помош на Владата во остварување на нејзините политики.

Уставот на Република Македонија пак е многу дециден по ова прашање. Локалната самоуправа си ги извршува работите од локално значење и во тоа е самостојна! Членот 115 од Уставот децидно ја гарантира самостојноста:

Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон.

Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.

 

Имајќи го предвид погоре посоченото од уставно-правната материја, изјавата на Груевски ја сметаме за недоследна, бидејќи тој не е ниту член на Владата, ниту е „Републиката“, како што е наведено во член 115 од Уставот, па да може да врши увид во работи од доменот на локалната самоуправа.

 

ИЗВОРИ:

Оценето од: Тео Блажевски