Груевски со кратко памтење – убиства имаше на изборите во 2000 г. и во 2008 година

 

 

Лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, зборувајќи на митинг во Скопје на неговата партија ја даде следната невистинита изјава:

Изјава: Во Македонија прв пат имаме убиство на кандидат во кампања. Еден од кандидатите во Кичево, денеска подлегна повредите од испуканите куршуми, почина…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб сајт, датум: 05.10.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Никола Груевски, пратеник и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, на митингот оддржан во Скопје на 05.10.2017 ја дезинформира јавноста и присутните дека во Македонија прв пат сме имале ситуација на убиство на кандидат во кампања, алудирајќи притоа (ова се гледа од контекстот на целиот настап во делот на изборниот хаос и насилства), дека починатиот бил застрелан поради изборите.

Дури и без алузииите, ако земеме формално да ја оценуваме изјавата дека за прв пат во време на кампања имам ситуација на убиство – тоа е далеку од вистинита изјава.

Имено, првото убиство во Македонија за време на кампања на некои избори се случи во далечната 2000-та година, на тогашните локални избори се случија пукотници во многу изборни места (стр.13), а во Кондово, покрај тоа што беа ранети три лица, еден од ранетите, Фатмир Јакупи подоцна почина. Осомничените кои подоцна беа осудени, беа активисти на Демократската партија на Албанците, која во тоа време владееше на национално ниво со ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски.

Второто убиство за време на избори (стр.41) во Македонија се случи, исто така, во скопско село, овој пат Арачиново. За време на вонредните парламентарни избори во 2008 година во јуни, на изборниот ден имаше пукотници и ранети лица и во други делови од Скопје, во Чаир, во Бутел…, во Арачиново во престрелка со „Алфите“ загина Насер Ајвази, стотоци места беа суспендирани за гласање па се прегласуваше, 20-тина полицајци беа суспендирани, а над 160 лица приведени.

Во престрелките има жртви, убиен и ранети, како помеѓу учесниците во инцидентите така и граѓани. (МОСТ-финален извештај, стр.9)

И тогаш на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, овој пат во коалиција со ДУИ.

Што се однесува за смртта на лицето од Кичево кое почина вчера, 05.10.2017, по прострелните рани што ги доби во минатата недела, при што беа ранети уште две лица, и полицијата и обвинителството настанот не го поврзуваат со изборниот процес, иако починатиот беше носител на советничка листа, туку со лични мотиви на осомничениот убиец, кој е веднаш притворен и против кого се води постапка.

Оттука, изјавата на Никола Груевски дека за прв пат во Македонија имаме убиство на кандидат во кампања е невистина.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Тео Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *