Груевски: Во Шуто Оризари ќе се гради отворен пливачки базен

Груевски во Шуто Оризари пред две години (2014) Фото: Принтскрин

Изградба на отворен пливачки базен во Општината Шуто Оризари е четвртиот од седумте проекти кои на 13.02.2016 година ги најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Отворениот пливачки базен во општината Шуто Оризари ќе се гради на површина од 4076 квадратни метри. Агенцијата за млади и спорт која ќе е носител на проектот, веќе изврши избор на идејното решение, по што ќе спроведе постапка за проектирање. Идејното решение содржи изградба на два базена, голем базен и мало базенско корито, како и еден базен за одмор и релаксација 

[Извор: Вистина, Датум: 13.02.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

По најавата на довчерашниот премиер Груевски дека еден од проектите за млади е и изградба на базен во оваа Општина, на социјалните мрежи веднаш се појавија помалку и цинични забелешки за тоа како ќе се полни со вода.

По ова граѓанскиот активист Дехран Муратов, напиша и колумна која ја објави граѓанската организација „Цивил“, во која тој вели дека оваа идеја би била добра, ако во Шутка нема хроничен недостиг на вода.

Навистина, во мај минатата година, Општината Шуто Оризари, Градот Скопје и Министерството за финансии потпишаа договор за реализација на проект за водоснабдување во Шуто Оризари, но избрзаната најава за изградба на базен,  наликува  на понуда на патики за трчање на некој инвалид.

Груевски 10 години беше премиер на Република Македонија, и не успеа да го реши проблемот со недостаток на вода во Шуто Оризари, Ама затоа, сега пред избори, на жителите од Шутка им ветува базени. Дали со изградбата токму на базени во Шутка, ќе се реши проблемот со дискриминацијата што се прави врз Ромите? Дали идејата произлезе од грдиот факт дека во нечии умови сé уште е врежан наци-ставот: „Забранет влез во (базен, диско, кафеана…) за кучиња и Цигани?“ Дали зад најавата на Груевски дека ќе се градат базени во Шутка, се крие уште пожестока сегрегација на Ромите, како мнозинско население во Општината, пишува Муратов во колумната.

И точно е дека лани кон крајот на јуни (25.06.2015) почна изградабата на нов водовод во оваа Општина, со кој ќе се подобри водоснабдувањето и ќе се надминат досегашните рестрикции и немањето вода по неколку часа во денот. Вредноста на овој градежен зафат на Градот Скопје, Општина Шуто Оризари и претпријатието „Водовод и канализација“ е три милиони евра.

Според најавите градежните работи планирано е целосно да завршат во 2016 година, наесен.

Сепак, дали се ќе се изгради до есен, како што тогаш најави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски е непознато затоа што уште пред почетокот на овој проект во јавноста имаше дилеми и отежителни околности.

Па така, „Дневник“ во 2014 година пишуваше дека изградбата на новата водоводна мрежа во Шуто Оризари, која ќе чини 3,5 милиони евра, можно е да се одвива отежнато, а градската власт да се соочи со проблеми, бидејќи инфраструктурата нема да поминува само низ државно земјиште, туку и низ приватни дворови. Ова го најави градоначалникот Kоце Трајановски одговарајќи на советничко прашање за тоа кога ќе почне реализацијата на овој капитален проект, кој ќе придонесе за подобро водоснабдување на 40.000 жители од општина Шуто Оризари.

„Вистиномер“ контактираше со најповиканите да одговрат на прашањето: Како ќе се полни базенот со вода, ако се знае дека општина Шуто Оризари во летниот период со денови нема вода за пиење.

Портпаролот на оваа општина, Данчо Арсов, ни рече дека со изградба на нов резервоар овој проблем ќе биде решен.

-Новиот резервоар ќе биде готов некаде до септември. Со тоа не би требало да има проблем со полнењето на базенот – ни изјави Арсов.

Одговор на истот прашање побаравме и од Агенцијата за млади и спорт.

Портпаролот Тане Димовски ни изјави:

-За ова треба да се обратите во партијата. Тие ветуваат проекти и тие треба да ви одговорат како ќе се полни базенот со вода – вели за „Вистиномер“, Димовски.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакнуваат дека овој проект е на Агенцијата за млади и спорт и тие се надлежни за неговата изградба. И така кругот се затвара, или повторно доаѓа до Никола Груевски кој не објасни како базенот ќе се полни со вода.

За тоа со какви маки се соочуваат жителите на оваа Општина ,потсетуваме  на изјавата на Мила Царовска од СДСМ  од септември 2014 година, во која таа вели дека во Шуто Оризари нема свежа вода, како што тврдеше Град Скопје, ниту  цистерни, нема ниту екипи од комуналните претпријатија што работат на чистење на отпадот.

-Токму овде, на улица „Пелагонија“ излеани се фекалии од поројните дождови, што дополнително може да биде ризик фактор за ширење на жолтицата. Од наши сознанија регистрирани се две нови дечиња, од О.У „26 Јули“, со заразна жолтица. Тоа говори дека жолтицата не стивнува како што велат од Центарот за јавно здравје. Тоа што не се преземаат никакви мерки придонесува кон зголемување на бројот на инфицирани – изјави Царовска.

Од сето ова може да се заклучи дека приоритет на жителите на Шуто Оризари им е чиста вода за пиење, а изјавата на Груевски во која тој ветува изградба на базен во оваа Општина  се оценува како некоректна и недоследна.

ИЗВОРИ:

Оценето од: Владо Ѓорчев

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција