Христијан Мицкоски – актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ

 

Христијан Мицкоски е трет претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше избран на оваа функција на вонредниот конгрес на партијата одржан вo Валандово на 22 и 23 декември 2016 година, како единствен кандидат. На оваа функција беше избран со поддршка од 376 од 438 присутни делегати на Конгресот, на кој беа поканети преку 500 делегати

 

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е роден во Скопје на 29.09.1977 година. Тој е оженет и е татко на две деца. Засега на интернeт не можат да се најдат други релевантни информации или пикантерии од неговиот приватен живот.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Нема податци за неговото основно и средно образование. Високото образование го завршува на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје на Машинскиот факултет, каде студирал и дипломирал од 1996 до 2001 година.

Веднаш потоа запишува магистерски студии и ги завршува во 2003 година.

Од 2005 до 2009 година се дообразува на докторските студии и се стекнува со научното звање доктор по технички науки – машинство.

Постидипломските студии му се на матичниот факултет. Ова е важно, затоа што постојат бројни информации дека постдипломското образование и звањето го стекнал во Италија и Германија. Но, според  веб страницата на Машинскит факултет, се гледа дека и магистерската и докторската титула ги има одбрането во на тој факултет.

Според истата биографија од матичниот факултет, научен интерес му се следниве области: лостови механизми, проектирање и оптимизација на лостови механизми, оптимизација на лостови механизми, кинематичка и кинетостатска анализа на лостови механизми, синтеза на лостови механизми, динамика на механизмите и машините, развивање на софтверски пакети за синтеза и оптимизација на механизмите, проектирање и симулации на мехатрони системи.

Исто така, се наведува дека е единствен автор на пет интерни скрипти (Статика, Кинематика, Динамика, Проектирање на мехатронички системи и Мехатронички системи со повеќечлена структура), сите се издадени во 2011 година. На овој извор не се наведуваат другите научни трудови на Мицкоски, кој заедно со други автори или самостојни ги има наводно околу стотина. Ние успеавме да пронајдеме два, од 2015 и 2016 година, на кои фугурира и името на неговиот татко и на колеги од факултет, што не значи дека нема многу повеќе.

 

КАРИЕРА

  • 2001 – 2002 Главен и одговорен проектант и изведувач на термотехнички инсталации, „Фонко клима“ – Скопје
  • 2002 – 2004 помлад асистент, Машински факултет – Скопје
  • 2004 -2009  асистент, Машински факултет – Скопје
  • 2009 – 2014, Дoцент на Машински факултет – Скопје
  • 2014 Вонреден професор на Машински факултет – Скопје

Постојат информации од пред неколку месеци дека тој практично бил асистент на неговиот татко Иван кој сега е професор во пензија. Ако се споредат податоците од интернет страницата на Машинскиот факултет, ќе се види дека практично имаат исто или многу слично поле на научен интерес.

Впрочем, за ова зборува и единствениот податок што го најдовме на интернет за добиена награда. Таткото и синот во 2006 година на домашната манифестација Патент на годината 2006, организирана од македонската бизнис заедница и инстиитуциите, добиле златен медал за пронајдокот „Автоматски континуиран менувач на притисок на воздух во сопирни цилиндри кај шинските возила од типот ИХМ“.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Околу политичката кариера на Мицкоски има малку и контроверзни информации во јавноста. Постојат извори на Фејсбук и на еден политички портал, според кои тој најпрво бил член на Либерално-демократската апартија, па и како нејзин кандидат учествувал на изборите за претседател на студентската организација при УКИМ во 1999 година.

Она што со сигурност се знае од повеќе извори, е дека бил член на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година во Охрид, кога за лидер на таа партија беше избран Никола Груевски. Исто така, со сигурност се знае дека бил член и копретседател на на Комисијата за енергетика на ВМРО–ДПМНЕ во 2010-та година, бидејќи на интернет има постирано и видео од тој период од една прес конференција на Мицковски во врска со увозот на струја во Македонија. Во таа партиска комисија останува две години до 2012 г. Од 2015 до 2016 година е и советник во Владата на РМ за енергетика, лично на премиерот.

Во 2015 година, исто така, бил член на конгресот на партијата во Куманово, каде Груевски речиси едногласно беше потврден за претседател на партијата. По ова Христијан Мицковски од советник на премиерот за енергетика, ја добива првата функција  – директор на една од најголемите државни компании – ЕЛЕМ, за производство на електрична енергија. Како директор и претседател на УО на ЕЛЕМ се наоѓа во периодот од октомври 2016 до јуни 2017 година, кога по негово барање за разрешување, тој поднесува оставка.

Во меѓувреме, неговиот партиски ангажман, според партиски извори што можат да се најдат на интернет се сведувал на член на Регионалниот изборен штаб и тоа во три наврати и еднаш на Републичкиот изборен штаб. Во 2008, 2014 и во 2016 година, тој се наоаѓа во РИШ, ангажиран во Изборната единица 4, каде во два мандата како пратеник се кандидираше Зоран Ставревски, а во последниот циклус во 2016 г. Никола Груевски. Еднаш бил член и на Републикиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2011 година.

Во април 2017 година, Мицкоски е именуван за претседател на Кадровската комисија при ВМРО-ДПМНЕ, а веќе во јули истата година е именуван за Генерален секретар на партијата, заедно со изборот на новиот тогашен, краткорочен Извршен комитет. На оваа функција, меѓу другото и со надлежност да го организира вонредниот конгрес, останува нецели шест месеци, до неговиот избор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, Мицкоски беше носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ за Советот на Град Скопје и беше избран, а потоа се повлече од оваа функција, на локалните избори во 2017 година.

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *