И „Фајненшл Тајмс“ понекогаш греши

 

Mногу прелесно е ветено од страната на Заев дека ќе се сменат името на Република Македонија или ќе најдат решение кое ќе ја задоволи соседна Атина, за да може тоа да биде на задоволство на некои меѓународни чинители кои имаат други цели во регионот. Она со „Фајненшел тајмс“ од денес, може да згреши некој друг весник, но „Фајненшел тајмс“ тешко прави такви грешки, особено не кога има личен контакт со министерот кој има своја изјава во наведениот текст и голема е разликата од првиот наслов каде што пишуваше – Македонија предлага смена на името за членство во НАТО, до вториот наслов после реакцијата каде што вика дека – Македонија разгледува членство под референцата во однос на НАТО. Но, како и да е вистините, ветувањата, фактурите брзо стигнуваат и брзо излегуваат на виделина.

(Извор: Гостување на Антонио Милошоски, ВМРО ДПМНЕ во вестите на ТВ АЛФА, датум: 12.06.2017)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Написот на „Фајненшл Тајмс“ пред претстојната средба на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, во кој се цитира изјава на новиот министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола ДимитровМакедонија размислува за ново име за да се зачлени во НАТО“, и кој, кусо по објавувањето на написот е сменет во: „Македонија размислува за користење на привременото име за да се зачлени во НАТО“ предизвика бура од реакции од македонската опозиција. Во гостувањето во вестите на Телевизија АЛФА, Антонијо Милошоски, функционер во ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание тврдеше дека не се работи за грешка или гаф на угледниот весник, туку дека зад изјавата на Димитров се крие претходно договорена стратегија на новата владеачка коалиција за промена на името на Република Македонија со надворешни политички фактори. Оваа изјава ја оценуваме како невистинита.

„Фајненшл Тајмс“ навистина излезе со текст под наслов „Македонија размислува за ново име за да се зачлени во НАТО“ на 11.06.2017, но, по реакцијата на македонското Министерство за надворешни работи насловот беше сменет во: „Македонија размислува за употребата на привременото име за влез во НАТО“. Иако промената била направена мошне брзо, некои високотиражни весници во светот се „налепија“ на овој наслов и во своите изданија пренесоа дека македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, во очи средбата со неговиот грчки колега изнесува нова позиција на официјално Скопје за долгогодишниот дипломатски спор со Република Грција, го попречуваше влезот на Македонија како полноправна членка во НАТО алијансата и дека е подготвено да отстапи од досегашните цврсти позиции за неменување на уставното име. Така, британскиот Тајмс излезе со наслов: „Македонија се обидува да му се придружи на НАТО под ново име“, додека пак Ивнинг Стандард со „Македонија размислува за промена на името за влез во НАТО среде стравувањата од зголемено влијание на Русија на Балканот“.

Македонското Министерство за надворешни работи, кусо по објавувањето на текстот во „Фајненшл Тајмс“ се обрати со соопштение, при што ја информираше јавноста дека е испратена реакција до редакцијата на „Фајненшел тајмс“ со која се бара промена на насловот на текстот од интервјуто со министерот за надворешни работи Никола Димитров.  

Според МНР, согласно изјавата на Димитров, насловот би требало да гласи: „Македонија ја разгледува можноста за користење на привременета референца за зачленување во НАТО“. Оваа интервенција уште во текот на истиот ден резултираше со промена на насловот во „Фајненшл Тајмс“.

Знаејќи ги практиките на функционирањето на слободните медиуми во демократскиот свет, според ова, може со сигурност да се тврди дека оваа промена не била резултат на некаков притисок на кој подлегнала редакцијата на овој угледен дневен весник, ниту, пак, дека се работи за некаква услуга која овој медиум сакал да ја направи на македонскиот министер за надворешни работи, туку дека навистина во изјавата која Димитров ја дал за „Фајненшл Тајмс“ тој не кажал дека Република Македонија размислува да си го смени името за да влезе во НАТО и дека оваа непрецизност во пренесувањето на изјавата на македонскиот министер за надворешни работи едноставно е исправена. И обратно, доколку редакцијата односно новинарот кој ја зел изјавата од Димитров имал документирано поинаква изјава од она што се тврди во соопштението на македонското МНР, немало да се согласи да направи промена, „за атер“ на новиот македонски министер за надворешни работи.

Интересно, но токму тврдењето на Милошоски дека весник од калибар на „Фајненшл Тајмс“ тешко прави такви грешки, особено

не кога има личен контакт со министерот кој има своја изјава во наведениот текст

е само потврда на изнесеново – дека згрешил весникот, а не Димитров. Извесно е дека, откако било проверено што точно кажал Димитров за „Фајненшл Тајмс“, редакцијата се решила на овој помалку невообичаен чекор – јавно да си ја признае грешката, менувајќи го насловот. Со оглед дека се работи за мошне деликатен дипломатски спор со големи реперкусии врз регионалната и поширока надворена политика, прецизноста била дотолку попотребна.

Поради ова, изјавата на Милошоски, во која тој тврди дека зад насловот на „Фајненшл Тајмс“ стои некаква стратегија за промена на името на Република Македонија, на која наводно се согласила новата македонска Влада, не е ништо друго туку евтина демагогија и собирање на патриотски политички поени, што е, рака на срце, нешто што секоја опозиција во било која демократска земја има право да го прави. Од ова, меѓутоа, произлегува дека изјавата на истакнатиот претставник на опозиционата ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски, дадена за Телевизија Алфа, е невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

One thought on “И „Фајненшл Тајмс“ понекогаш греши

  1. Новинарот Југослава Дуковска се повеќе и повеќе ме одушевува !
    Воодушевен сум.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *