И министрите од ДУИ одговараат пред Собранието, а не пред Ахмети

Фото: Принтскрин

 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, деновиве (14.05.2019) во емисијата „200“ на Алсат телевизија, во врска со најавената „метла“ на премиерот Зоран Заев, ја даде следната изјава во која  искажа и невистинито тврдење:

 Нема тука ништо чудно. Владата е политичка, не е експертска, ја сочинуваат партиите од коалицијата. Секоја партија има свои форуми каде што се предлагаат кадрите кои ќе раководат со институциите. Јас сум избран во претседателството на ДУИ и сум предложен кај премиерот да ме предложи во Собрание. Според ова, премиерот има можност само да побара од Али Ахмети да биде сменет некој функционер на ДУИ и тоа да се потврди во претседателството на ДУИ, па дури и Али Ахмети треба да ја потврди таквата одлука во раководството на ДУИ- рече Османи

 [Извори: Емисија „200“ ТВ „Алсат“ – датум: 14.05.2019 ; Независен – датум: 16.05.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквиот став  на вицепремиерот Бујар Османи, дека „за смена на кадрите на ДУИ кои се дел од Владата може да одлучуваат само Али Ахмети и партијата“,  е неточен. Прашањето за одговорноста на министрите е уредено со Уставот кој е дециден дека министрите одговараат пред  парламентот, односно пред граѓаните од кои пратениците го црпат мандатот (на избори).

Во таа смисла во членот 92 од Уставот е јасно наведено дека:

Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието.

Понатаму во членот 94 од Уставот е прецизирано дека премиерот може да даде предлог до Собранието за разрешување на некој министер доколку смета дека тој не одговорил на задачата која му била доверена.

Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата. За предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница

Значи премиерот нема потреба да бара одобрение за смена на некој министер од која било партија  или партиски лидер, онака  како што вели Османи, кој инсистира на тоа дека одлуката за смена на некој министер треба да ја донесе раководството на ДУИ. Она што единствено треба да го има предвид премиерот е дали за неговата одлука ќе обезбеди мнозинство во Собранието.

Настрана тоа што нашата пракса во изминатите 20 – тина  години покажа дека министрите одговорноста за тоа како ја извршуваат функцијата, ја насочуваа (т) кон партиите  од чии редови доаѓаат (партиските лидери), наместо кон премиерот.

Да потсетиме дека во 2004 година тогашниот премиер Хари Костов ( кој беше премиер само шест мсеци од 2 јуни 2004 до 12 декември 2004 г.), си поднесе оставка на функцијата токму поради тоа што дел од членовите на неговиот кабинет, наместо владини спроведувале партиски политики.

 Владата во изминатите пет месеци работеше успешно, но нејзиниот рејтинг сепак паѓаше бидејќи една од владејачките партии ја сфаќа Владата како инструмент за промоција на национални и теснопартиски интереси, вклучувајќи и непотизам, рече Костов, образложувајќи ги причините за оставката.

Тогаш, Костов во образложението на оставката,  корупцијата индиректно ја лоцираше кај ДУИ и посочи дека „постои коруптивно однесување без никаква желба и мерки во борбата против корупцијата“.

Костов, во тоа време, го обвини поранешниот министер за транспорт и врски Агрон Буџаку  за корупција во случаите за продажбата на земјиште на плоштадот „Македонија“, базните станици на двата мобилни оператори во земјава, како и издавањето на ЦЕМТ дозволите.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.