И ова лето Охридското Езеро нема да види бериќет од колекторот

Охрид Фото: pixabay.com

 

На 13.10.2017 година премиерот на Република Македонија Зоран Заев пред граѓаните на Охрид, на завршниот митинг за локалните избори вети дека Владата веднаш по изборот на градоначалниците, на 15.10.2017 ќе го преземе управувањето со колекторскиот систем, а со тоа и заштита на Охридското езеро.

ВЕТУВАЊЕ: Од 15 почнуваме со решавање на колекторскиот систем за да имаме чиста и квалитетна езерска вода. Без никаква дилема, државата ќе ја преземе обврската за колекторот во Охрид и ќе се грижи за Охрид, затоа што тоа ни е најголемото државно богатство

 [Извор: Официјален Ју тјуб канал на СДСМ, Зоран Заев, премиер на Република Македонија (1:14:22 – 1:14:46 од видеото), датум:13.10.2017 година ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на Владата, Зоран Заев, на 13 октомври 2017 година на предизборниот митинг за избор на градоначалник на Охрид, пред присутните вети дека од 15 октомври истата година Владата „ќе ја преземе обврската за колекторот во Охрид, затоа што тоа ни е најголемо државно богатство“. Ветувањето на премиерот не е исполнето.

Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Не цели два месеци после изборот, на 20 јули 2017 година премиерот Заев одржа одделни средби со тогашниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески и со тогашниот в.д. градоначалник на Струга, Мустафа Забзун. Како што соопштија тогаш од владината прес-служба, (датум: 21.07.2017), премиерот ја најавил подготвеноста на Владата да најде решение, управувањето на колекторот за прочистување на Охридското Езеро да биде изземено од надлежноста на општините.

На 28 декември 2017 година пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска го праша премиерот Заев, дали државата е подготвена да го преземе управувањето и одржувањето на Колекторскиот систем на Охрид и Струга и ако одговорот е ДА , кога Владата планира да го направи тоа? [(Прашањето на пратеничката Лазаревска е од 06:16 – 06:30 од видеото) датум: 28.12.2017]. На ова, Заев одговори дека постојат проблеми со колекторот кои се видливи, но дека има намера „државата да ги земе тие обврски“.

Паралелно со тоа да подготвиме закон за формирање на Државно јавно претпријатие за управување со колекторот во Охрид и конечно државата да си го земе гајлето и грижата за колекторскиот систем во Охрид. Преку него не само преземањето на грижата за Охридското езеро и управувањето со колекторот, ја преземаме и обврската за реконструкција и надградба, рече меѓу другото премиерот Заев. [(Одговорот на премиерот е од 08:12 – 09:16 од видеото) датум:28.12.2017)].

Во врска со ова прашање, тогаш премиерот од собраниската говорница уште кажа дека одлуката е донесена (08:12 – 08:28 од видеото), но во тој момент (декември 2017 година) е замрзната на одреден период.

Меѓутоа, пет месеци подоцна на 11 мај 2018 година при посетата на Охрид, Заев одговорајќи на новинарско прашање во врска со колекторот, изјави дека  Владата  допрва ќе донесе одлука за целосно преземање на управувањето со колекторскиот систем.

Во пакет сакаме да го решиме со изнаоѓањето на начини на финансиско помагање на општините преку кредитно задолжување на подолг рок со помали каматни стапки. Во целиот овој пакет, претпоставуваме и очекуваме дека Владата ќе донесе одлука за целосно превземање на управување на колекторскиот систем. [Дневник на ТВМ, (13:50 – 14:09 од видеото) датум: 11.05.2018]

Имајќи го сето ова предвид, оценуваме дека ветувањето на премиерот Зоран Заев дадено на 13 октомври 2017 година, дека Владата од 15 октомври „ќе ја преземе обврската за колекторот во Охрид“, досега (28.05.2018), не е остварено.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Искра Опетческа

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција