И партиски лидери во градоначалничката трка за Струга и Тетово

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села и претседателот на движењето Беса, Билал Касами, Фото: принтскрин

За првпат на овие локални избори  во градоначалничката изборна битка влегоа лидери на партии од албанскиот политички блок. Зијадин Села од Алијансата за Албанците  ќе се обиде по вторпат да ја добие довербата на граѓаните во Струга. Во  2013 година кога стана градоначалник на Струга , Села беше член на ДПА, а во оваа градоначалничка трка (2017) влегува како претседател на Алијансата за Албанците. Билал Касами, пак,  претседателот на движењето Беса,  е еден од кандидатите за Општина Тетово

 

Пишува: Дрилон Салиу

 

Влегувањето  на партиските лидери како директни учесници во изборната трка, поточно како кандидати за градоначалници, досега не беше вообичаена политичка пракса кога станува збор за албанските партии во Македонија. Претседателите на партиите од албанскиот блок можевме да ги видиме  како пратеници, но  тие избегнуваа функции во извршната власт, иако јавноста во неколку наврати бараше тие да преземат директна одговорност со нивно учество во централната власт, тоа никогаш не се случи.

 

 

ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРТИИ КАКО ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ КАНДИДАТИ

Кај нас во Македонија, но и во регионот и пошироко, не е непозната пракса партиски лидери да бидат на челните општински функции. На пример, лидерот на СДСМ, сегашниот премиер Заев Заев, до крајот на декември минатата година (2016) беше градоначалник на Струмица. Тој на оваа функција  беше три мандати  од 2005 до 2016 година, а од неа се повлече по вонредните парламентарни избори  бидејќи стана пратеник. Заев на VIII Конгрес на СДСМ во 2008 година е избран за в.д. претседател на партијата, функција која ја вршеше до IX Конгрес кога беше избран за потпретседател на Централниот одбор (2009), а  претседател на СДСМ е од 2013 година.

Во соседна Албанија,  тамошниот премиер Еди Рама, пред да стане премиер (септември 2013), во три мандати беше градоначалник на Тирана  од 2000 до 2011 година, кога изгуби во битката за четврти градоначалнички мандат од  неговиот  политички опонент Љулзим Баша, двајцата сега лидери на партии.

 

lOK-IZB

 

За првпат на овие избори ваква политичка пракса кај албанските партии во Македонија ќе наметнат Зијадин Села од Алијансата за Албанците и Билал Касами од Движењето Беса. Села ќе се потруди по вторпат да ја добие довербата на граѓаните во Струга. Градоначалничката позиција првпат ја доби  на изборите во 2013 година  како член на ДПА, а во оваа градоначалничка трка (2017) влегува како претседател на Алијансата за Албанците. Билал Касами, претседател на движењето Беса, пак,  е еден од кандидатите за Општина Тетово, центарот на албанските политички парти во Македонија.

Иако за кандидирањето на Села се зборуваше неколку месеци пред изборите, сепак впечаток беше дека тоа се само „медиумски игри со имињата на кандидатите“, сè додека тој и официјално не побара втор мандат во Струга. Истото се случи и со кандидатурата на Касами за градоначалник на Тетово, а за јавноста беше неизвесно до самиот крај на рокот за доставување на кандидатските листи. Имено, од партијата се спомнуваа различни имиња за Тетово, за на крај Касами да биде номиниран како кандидат на Беса за прв човек на Тетово.

 

ПОЛИТИЧКИ КАЛКУЛАЦИИ

Колкава политичка цена може да платат Села и Касами,  како и нивните политички партии – Алијансата за Албанците и Движењето Беса? Што добиваат во случај на победа на изборите, а што ризикуваат во случај да ја изгубат битката на локалните избори и кои се мотивите за ваквото своевидно тестирање на нивниот авторитет и политичка иднина?

Во случај на првото сценарио нивната кредибилност, но и претседателската фотелја ќе бидат релативно „жешки“, а барањето за оставки ќе биде првата „фенси“ дискусија во партиските кругови, па и во пошироката јавност. Меѓутоа, гледано од друг агол, може да се каже дека ова се прилично храбри потези на албанските лидери, кои ја преземаат директно целата тежина и одговорност за резултатите на локалните избори на свои раце, притоа имајќи ја наспроти себе политичката сила на ДУИ во Тетово и Струга, како и праксата за создавање ад- хок коалиции  во вториот круг.

Аналитичарот Џемал Ахмети смета дека за оваа битка  двете партии (Беса и Алијансата за Албанците) имаат различни пресметки, како што се различни и мотивите за нивните одлуки . Според Ахмети, од тоа што досега го има изјавено Села произлегува дека за него позициите во централната власт се секундарни, а приоритет им дава на локалните потреби на граѓаните.

Особено неговата „закана“ да биде 62- от пратеник кој може брзо да се повлече од Владата ако СДСМ не го испочитува договореното. Тргнувајќи од оваа позиција, за Алијансата за Албанците е многу важно да има што повеќе општини во нејзини раце, неколку од оние кои  ги сметаат како сигурни. А за Струга знае дека може да ја добие само ако се кандидира Села, смета Ахмети.

Што се однесува до Билал Касами,  аналитичарот Ахмети е на мислење дека тој стартува од сосема поинаква позиција.

Беса дури и со помош на ВМРО – ДПМНЕ, онака  како што ДУИ би била помогната од СДСМ, ќе има тешкотии да победи во некоја од општините, особено без помош од ДПА. Затоа, како решение за спас од една ваква ситуација е да се обидат да победат со личности за кои веруваат дека  се доволно политички силни и докажани,  како што е Касами. Значи, кај партијата на Села имаме „офанзива“ за добивање што поголем број општини,  сè со цел да го зголеми притисокот во двата фронта – на локално и на централно ниво каде е веќе дел, а кај партијата на Касами имаме битка за опстојување, додава Ахмети.

 

ПЕРСПЕКТИВА

Доклку се случи тоа што Касами и Села го очекуваат, а тоа е победа во нивните градови, тоа ќе значи нова политичка перспектива за двајцата.

За Села, тоа ќе биде потврда за неговиот досегашен ангажман и искажана доверба од сограѓаните дека е на вистинскиот политички пат.  Додека, евентуалната победа во Тетово – како најголем град со албанско мнозинство и центар на албанските партии, за Касами ќе биде еден чекор поблиску до неговата крајна цел, извршната власт.  Со други зборови, победата во Струга за Села  ќе претставува „печат“ за неговото политичко дејствување, а победата на Касами во Тетово би значела своевиден „договор“ со граѓаните за идните парламентарни избори.

Инаку, и  за двајцата  овие избори се пред сè добра можност да им дадат конечен одговор на скептиците, но и на политичките опоненти, кои сметаат дека нивните гласови се еуфорични и дека ги очекува истата судбина како „Нова Демократија“ на Имер Селмани. Првичните сигнали за тоа во кој правец ќе им се насочи политичка иднина, Села и Касами  (и нивните партии) ќе ги добијат многу скоро, за помалку од една недела – уште на  првиот круг од локалните избори.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција