И реинвестираните средства се – инвестиции

Едноставно, се вели како небаре реинвестирањето на добивката, остварена од страна на странските инвеститори, во нивните постоечки или нови капацитети да не треба да се смета како странска инвестиција, односно како тие пари да не се пари и како да не влегле во македонската економија. Тоа што тие странски инвестиции се извршени од постоечките инвеститори, а не од нови, како да им ја намалува вредноста и како небаре тие пари да не носат нови вработувања, развој и, конечно, раст на економијата

 

 

На вечерашниот дуел на тројцата претседателски кандидати, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја даде следната изјава, која ја оценуваме како недоследна:

Велат дека сме имале над 640 милиони евра инвестиции, меѓутоа тоа се реинвестиции. Некаде околу 60 милиони се само инвестиции.

[Извор: ТВ дуел на претседателски кандидати, МРТ1 – датум: 12.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова изјава на Гордана Силјановска-Давкова на вечерашниот ТВ дуел е повторување на редицата слични изјави, искажани од функционери на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период, односно откако се објавија официјалните податоци за високиот износ на странските директни инвестиции (СДИ) во 2018 година. Со оглед на тоа што како една од големите придобивки од 11-годишното владеење ВМРО-ДПМНЕ си ги припишува СДИ, опозициската партија реши со ваков аргумент да им парира на овие бројки.

Едноставно, се вели како небаре реинвестирањето на добивката, остварена од страна на странските инвеститори, во нивните постоечки или нови капацитети да не треба да се смета како странска инвестиција, односно како тие пари да не се пари и како да не влегле во македонската економија. Тоа што тие странски инвестиции се извршени од постоечките инвеститори, а не од нови, како да им ја намалува вредноста и како небаре тие пари да не носат нови вработувања, развој и, конечно, раст на економијата.

Ваквата аргументација има политичка позадина, се разбира. Се сака да се минимизира високиот раст на овој економски показател само затоа што на власт е политичкиот противник, кој може да си го присвои.

Но, генерално гледано, износите кои постечките странски инвеститори ги реинвестираат во една земја се речиси редовно повисоки од оние кои ги инвестираат новите инвеститори. Постоечките странски инвеститори во една земја, кои во неа се присутни со своите инвестиции со години или децении, се секогаш далеку побројни од оние новите, кои во таа земја влегле само во период од една година. Последично на ова, реинвестираните износи се најчесто или редовно повисоки од износите инвестирани од новите инвеститори, кои во земјата влегле последната година.

А, така е и во Македонија. Како што може да се види од долната табела на Народната банка на Македонија, во изминатите 16 години (2003-18), само во 5 години реинвестираните средства на странските инвеститори не биле најголем сегмент од СДИ (колона 1). Во сите други 11 години (означени со црна боја) реинвестираните средства биле најголем сегмент од СДИ.

Табела: НБРМ

Уште повеќе, во 2011 година, на пример,кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, реинвестираните средства во износ од 414 милиони евра, беа на повисоко ниво од вкупните СДИ, кои изнесуваа само 340 милиони евра, зашто другите сегменти на СДИ имаа негативно салдо. И тогаш никој не велеше дека во земјава таа година воопшто немало СДИ само затоа што тие дошле по пат на реинвестирани средства.

Така што, изјавата на претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, која вели дека „некаде околу 60 милиони се само инвестиции“, јасно алудирајќи како останатите инвестирани средства до 640 милиони евра, како да не треба да се сметаат за СДИ, иако тие како такви се сметаат во сите земји на светот, од Светската банка, од Меѓународниот монетарен фонд и од другите меѓународни финансиски институции, ја сметаме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

Директни инвестиции, Движења – по вид на инвестиции (НБРМ – пристапено на 12.04.2019)

 

Оцени: Владимир Петрески

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција