И ВМРО-ДПМНЕ отстрануваше „споменици“ од Скопје 2014

 

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски, при одржувањето на прес-конференција во името на својата партија, осврнувајќи се на отстранувањето на спомен-обележјето на Андон Јанев Лазов – Ќосето (АЈЛЌ) од пред судскиот комплекс во Скопје, изнесе редица како несоодветни споредби и терминолошки неточности, така и материјални невистини, што целото обраќање го прави и манипулативно, но и невистинито:

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, датум: 22.02.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Најпрвин да расчистиме една комплетна терминолошка неточност во обраќањето на пратеникот Јовановски за да знаеме за што зборуваме и да можеме полесно да се разбереме. Тој скулптурата на АЈЛЌ постојано ја нарекува „споменик“. Но, од законодавно-правна точка оваа скулптура не е може да се нарече така. Според Законот за меморијални споменици и спомен обележја на РМ (член 5), за некоја скулптура да биде прогласена за споменик одлучува исклучиво Парламентот на Република Македонија. Тоа не беше така во овој случај, како што и самиот Јовановски вели, истакнувајќи дека за ова одлука има донесено Советот на Град Скопје. Советот на Град Скопје и советите на општините во земјава имаат право да донесуваат одлуки само за поставување спомен-обележја, но не и за споменици. Разликата меѓу споменик и спомен-обележје е голема и значајна. Споменик има сеопшто национално значење, додека спомен-обележје има само локално значење. Уште повеќе, во законот (член 3) се вели:

Настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата.

Од ова јасно произлегува дека скулптурата на АЈЛЌ е спомен-обележје од локално значење, какви што се и сите други произлезени од проектот „Скопје 2014“. Сосема друго прашање е како е можно и зошто скулптурата на Воинот на коњ, на пример, која е поставена во центарот на главниот град на државата, на главниот, национален плоштад, кој носи име „Плоштад Македонија“ е само спомен-обележје од локално значење (какви што можат да бидат и селските чешми, на пример – член 4 од законот), како што е важно да се одговори и на прашањето зошто пред највисокиот суд во Република Македонија, Врховниот суд, би се поставило само спомен-обележје од локално значење и, конечно, ако ликот и делото на АЈЛЌ е од толкаво големо значење, зошто тој е одбележан само со спомен-обележје од локално значење, а не со споменик од национално значење, чие поставување би било извршено со одлука на Парламентот.

На самиот почеток од излагањето пратеникот Јовановски ја прави следнава споредба:

Само Талибанците во Авганистан и радикалите на ИСИС во Сирија и во Ирак уриваа споменици. Нивната деструкција, невидена за 21 век ја осуди целиот цивилизиран свет. Истото што го правеа Талибанците и ИСИС во регионите зафатени од војна, го гледаме денес во Македонија, во срцето на Европа, од страна на СДСМ.

Овде станува збор за комплетно несоодветна споредба, но и за искажување на невистини со употребата на зборовите „уривање“, „деструкција“ и „вандалите“. Споредувањето на уривањето на верски и световни споменици стари илјадници години и заштитени од УНЕСКО со динамит од страна на Талибанците и на ИСИЛ, од една страна, и отстранувањето на спомен-обележјето на АЈЛЌ, со градежна механизација и негово одложување во соодветни простории, е крајно несоодветно и тенденциозно. Уривање со динамит и отстранување во никој случај не е исто. Потоа, не секое отстранување на споменици е негативно и вандалско само по себе. И уште повеќе, не секое рушење на обележја е негативно и вандалско само по себе.

Долу е прикажано рушењето на кукастиот крст поставен од страна на нацистите во Нирнберг, по влезот на сојузниците во градот кон крајот на Втората светска војна. Дали можеби овој нацистички симбол требаше да биде оставен да стои и понатаму?

Овде долу, пак, е прикажано рушењето на споменикот на ирачкиот диктатор Садам Хусеин, по влезот на сојузниците во Багдад во 2002 година на очиглед и одобрување од стотици жители на градот. Дали можеби и овој споменик требаше да биде оставен, иако стануваше збор за диктатор, кој Ирак го воведе во 8-годишна војна со својот сосед Иран, кој го окупираше Кувајт и кој постојано вршеше злосторства врз Шиитите на југот и Курдите на северот од сопствената земја?

Да нема недоразбирања. Никој овде не го поистоветува АЈЛЌ ниту со нацистите, ниту со Садам Хусеин, туку сакаме да покажеме дека рушење или отстранување на споменици не секогаш е негативно само по себе. Конечно, веројатно најдобар пример за ова е рушењето и/или отстранувањето на комунистичките споменици ширум Источна Европа по падот на комунизмот. Тоа го имаат правено и новите демократски власти во Унгарија, на пример, кои голем број комунистички споменици ги имаат отстрането од првичните локации и поставено на едно место во таканаречениот Парк Мементо.

И, конечно, само да се потсетиме дека спомен-обележјето на Борис Сарафов, кое беше поставено пред новата зграда на Министерството за надворешни работи, непосредно пред изборите на 11 декември 2016 година, беше отстранет и преместен, за медиумите два месеци подоцна да известат дека е срушен, за на крај да му се изгуби траг. Сето ова се случуваше во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Дали сега ова значи оти и ВМРО-ДПМНЕ треба да се поистовети со Талибанците и со ИСИЛ и да се нарече вандалска?

Отстранетото спомен-обележје на Борис Сарафов од пред МНР. Фото: Википедија
Отстранетото спомен-обележје на Борис Сарафов од пред МНР. Фото: Википедија

Настрана сѐ, фактите околу целото отстранување спомен-обележјето на АЈЛЌ не одат во прилог на никакво уривање, рушење или вандализам. Имено, внимателно отстранетата скулптура, според зборовите на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ќе биде сместена во простории на МЗТ од каде што донаторот, Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, ќе може да ја подигне во рок од 15 до 30 дена. Ова здружение, се разбира, потоа може да стапи во контакт со физички лица или компании кои поседуваат земјиште, со надлежните органи во било која од општините во земјава, па дури и повторно да го контактира Градот Скопје или, пак, македонскиот Парламент и да побара заинтересирана страна која би сакала да ја прими како донација и наново да ја постави скулптурата на АЈЛЌ, но овојпат по законски пат. Од македонскиот Парламент може да се побара дури и скулптурата да добие статус на споменик и, ако Парламентот реши таквото барање да го стави на гласање и го изгласа, скулптурата да добие и повисок статус од досегашниот кој беше само спомен-обележје. Така што, станува збор за поставување на работите во законски тек – скулптурата ниту е урната, ниту е срушена, туку ќе му биде вратена на сопственикот/донаторот, кој има право да одлучи како да постапи со неа.

Во понатамошното обраќање пратеникот Јовановски се осврна токму на законитоста на отстранувањето на спомен-обележјето АЈЛЌ:

Споменикот на Андон Јанев Лазов – Ќосето, почитувани мои не е дивоградба, како што тие сакаат да кажат и оправдаат! Советот на град Скопје согласно закон со Бандинтерово мнозинство има донесено одлука за негово поставување. Општината Центар има доделено и маркица врз основа на деталниот урбанистички план…

Добро, сето тоа дури и да е така, ова не значи дека со одлуката на Советот на Град Скопје и маркицата од Општина Центар е исцрпена целата процедура. Како што може да се види од решението и заклучокот на овластениот градежен инспектор на Општина Центар, постаментот на кој е поставено спомен-обележјето е дивоградба. За тој постамент никој не побарал решение, а покрај тоа и одлуката на Град Скопје се однесувала за друга локација и друга градежна парцела. Настрана што постаментот под скулптурата на АЈЛЌ, почна да се крши и да се рони многу брзо по неговото поставување и, како што може да се види на долната фотографија, големо парче/камен од постаментот под нозете на АЈЛЌ беше скршено уште додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и прашање е колку тој постамент ќе траеше и колку целата структура беше безбедна.

Скршениот постамент под нозете на спомен-обележјето на Андон Јанев лазов Ќосето. Фото: Вистиномер
Скршениот постамент под нозете на спомен-обележјето на Андон Јанев Лазов Ќосето. Фото: Вистиномер

Пратеникот Јовановски понатаму обвинува како „нема пари за нови проекти, но пари за уривање има“. Овде не станува збор за имање или немање пари, туку за фактот што Градот Скопје нема избор, туку едноставно мора да ја изврши наредбата на овластениот градежен инспектор на Општина Центар. Дури и заканата од типот „за ова ќе има и мора да има кривична одговорност“ во овој контекст звучат празно зашто, повторно, овде е само извршена наредба на овластен градежен инспектор и ако од некого би се барала таква одговорност, тогаш тоа може да се направи само од оној кој ја дал наредбата, а во самото решение и во заклучокот има редица елементи кои ја потврдуваат неговата законитост.

Имајќи го сето ова предвид, изјавата, односно излагањето на пратеникот Крсте Јовановски искажани на партиската прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Владимир Петрески

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *