Игор Јанушев навистина е осомничен, но не и обвинет за набавката на кинеските автобуси

фото: META

 

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на вториот ТВ дуел за јавниот сервис МРТ со претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, во реплика околу нивните шефови на изборните штабови, ја кажа следната изјава што ја оценивме како невистинита:

Мене ме зачудува ова споменување на шеф на изборен штаб (Кирацовски – н.з.) во прашање кое е од сосема друга природа, меѓутоа ако милувате да зборувате за шефови на изборни штабови мислам дека треба да го спомнете шефот на вашиот изборен штаб (Јанушев – н.з.), кој од октомври минатата година има обвинение од СЈО за набавката на кинеските автобуси.

 

[ИЗВОР: ТВ Дебата на Пендаровски и Силјановска Давкова за МРТ – датум: 25.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседалскиот кандидат Стево Пендаровски кога го спомна шефот на изборниот штаб на претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова, Игор Јанушев, не ја говори вистината во прецизна смисла, иако Силјановска Давкова изгледаше како да е малку зачудена, а во контрарепликата и понатамошните обраќања, таа воопшто не се осврна на ова тврдење, како и да не слушнала за Јанушев.

Имено Јанушев е сè уште само осомничено, а не и обвинето лице.

Ако се проверат медиумските објави и ако се провери веб страницата на Специјалното јавно обинителство (СЈО), ќе се види дека името на Јанушев е споменато во контекст на осомничено лице и тоа осомничено за злоупотреба на службена положба и овластувања:

V.35 НСК-КО Бр.4/18 ДИЗАЈН

Во извештајниот период донесена е Наредба за спроведување на истражна постапка НСК-КО бр.4/18 од 09.10.2018 година против лицата Миле Јанакиевски, Снежана Филиповска Павловска, Игор Јанушев и Јулијана Јанкуловска Атанасова поради постоење основано сомневање дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик на Р.М.

Во текот на истражната постапка сослушани се двајца сведоци и доставено е едно барање за обезбедување на материјални докази од Царинска Управа на Р.М.

Ова е објавно во последниот Извештај што беше доставен во Собранието на 15 март 2019 година, согласно законската обврска на СЈО да доставува шестмесечни извештаи.

Од една од медиумските објави може да се види дека првоосомничен во случајот е Миле Јанакиевски, како тогашен министер за транспорт, заедно со Снежана Филиповска Павловска како претседател на Комисија за јавни набавки, а Јанушев и Атанасова како членови на истата комисија, фаворизирале кинеската компанија „Јутонг“ да го добие тендерот за набавка на 202 двокатни автобуси за потребите на ЈСП при Град Скопје, со што нанеле штета на буџетот од 5 милиони евра.

Во друга медиумска објава има и други детали:

Понудата на економскиот оператор Кинг Лонг била второ рангирана, поради тоа што истата не ги освоила потребните бодови за критериумот за елементот дизајн, иако истата била поефтина за 5.000.000 евра од понудата на Јутонг. Министерот Јанакиевски бил должен да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти во истата, меѓутоа тој тоа не го сторил тоа, со што постапил спротивно на чл.169 од Законот за јавни набавки и на ден 14.04.2010 година склучил договор за купопродажба на автобуси со кинески Јутонг, соопштуваат од СЈО.

Не можевме да најдеме изјава на Јанушев за овој случај непосредно по објавувањето, а не е позната ни натамошната судбина на „Дизјан“, зашто според начелното мислење на Врховен суд со кое СЈО немало право да поведува постапки – истраги и обвиненија по 30 јуни 2017 година, судбината на повеќето истраги и обвиненија покренати по тој датум, не може да се предвиди.

Во разговор со лица од СЈО и со колеги што ги следат судските случаи на СЈО, добивме повеќекратна потврда дека случајот „Дизајн“ е сè уште во фаза на истрага, така што и Јанушев е сè уште само осомничен, но не и обвинет.

Според погоре приложените факти, тврдењето на Стево Пендаровски, за кое да повториме, Силјановска-Давкова, барем таков е впечатокот, изгледаше како прв пат да слуша, не е вистинито.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.