Илија Димовски: броење компири и мерење невработеност

 

Во време на СДСМ невработеноста достигнува рекордни 38%. Во 2002 година кога СДСМ доаѓа на власт затекнува невработеност од 31.9% и за само четири години владеење на оваа партија невработеноста се искачува на 38%.

Исто така, и претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ успева да ја стабилизира невработеноста, односно да го прекине растот. Па така, во 1998 година невработеноста е околу 34,5% наследена од СДСМ, во 2001 кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а министер за финансии е токму Никола Груевски невработеноста паѓа на 30,3%.

Инаку, во 1990 година невработеноста била 22,9% и рапидно расте во периодот на транзицијата спроведена од СДСМ, а достигнува рекорди со претходната влада на СДСМ кога беше 38 отсто.

Мора да се потенцира дека сите економски успеси што ги постигна ВМРО-ДПМНЕ, а се признаени од сите релевантни меѓународни институции, се постигнати во време на светската економска и должничка криза и како свој товар носат огромни структурални тешкотии наследени од криминалната и мафијашка приватизација спроведена од СДСМ. (од колумната на Илија Димовски)

[Извор: Дневник, Датум 21.12.2015]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Целиот овој дел од колумната, како што ќе видиме несреќно насловена „Факти што не се фалсификуваат како лични карти“, а напишана од поранешниот шеф на партискиот центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, е крајно проблематичен, на моменти манипулативен, на моменти невистинит.

Да тргнеме од првата реченица: „Во време на СДСМ невработеноста достигнува рекордни 38%.“ Ова не е точно. Највисоката стапка на невработеност во Македонија во изминатите 25 години никогаш не била 38%, туку 37,3%. Според математичките правила, ако веќе се сакало да се заокружи, заокружувањето требало да биде на 37%, а не на 38%.

Понатаму, крајно проблематична е споредбата на невработеноста во 1998 година со онаа од 2001 година, кога „министер за финансии е токму Никола Груевски“. Од две причини. Како прво, и како што ни е на сите познато, 2001 година беше година на вооружен судир на македонските вооружени сили со УЧК. Ова едноставно значи редица пореметувања на пазарот на работната сила и прашање е колку податоците од оваа година можат да се сметаат за релевантни за споредба. А, како второ, се поставува прашањето зошто е земен податокот за 2001 година? Груевски беше министер и во 2002 година, која беше последна пред заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власта. Но, таа година невработеноста бележи раст, па најверојатно и затоа Димовски ја избегнува. Ако се направи споредба меѓу невработеноста од 1998 и 2002 година, тогаш падот е многу помал – од 34,5% на 31,9%, што значи дека за 4 години невработеноста во време на ВМРО-ДПМНЕ паднала само за 2,6%.

Сепак, најпроблематичен е првиот дел од изјавата: „Во време на СДСМ невработеноста достигнува рекордни 38%. Во 2002 година кога СДСМ доаѓа на власт затекнува невработеност од 31.9% и за само четири години владеење на оваа партија невработеноста се искачува на 38%.

Проблемот е што искачувањето и достигнувањето рекордна невработеност од 38% во времето на СДСМ едноставно не е точен. И не само заради тоа што вистинската бројка е 37,3%. Веднаш да кажеме дека овде не станува збор за броење компири. Едноставно, ова не е ситуација во која можете да кажете дека ако на едно место има 5 компири, а на друго 8, она купче со 8 компири е поголемо и се è јасно. Овде станува збор за комплексна статистичка операција со многу променливи и ако смените само една од нив можат да се добијат сосема поинакви резултати. Да не говориме, пак, ако бројот на сменети променливи е поголем.

Погледнете го долниот графикон, кој ја покажува македонската невработеност од 1997 година до третиот квартал од 2015 година:

grafikon-nevrabotenost-final

Забележете го значителниот раст од 2002 на 2003 година. Невработеноста пораснала од 31,9 на 36,7 отсто за само една година, односно за 4,8 процентни поени и тоа токму во првата година кога СДСМ доаѓа на власт. Значи, не е точно она што го пишува Димовски кога вели дека за „само четири години владеење“ на СДСМ, невработеноста пораснала до 38%, туку речиси целиот овој раст е остварен за само една година. Што тоа толку страшно се случило од 2002 на 2003 година за да настане ваков драматичен раст на невработеноста?. Ништо, освен тоа што се смени методологијата на работа на Државниот завод за статистика.

Податоците за невработеноста за 2003 година се објавени дури во 2004 година, а реформата се одвива во хаос. Еве што пишува „Дневник“ на 20 јули 2004 година во написот под наслов „Една година не се бројат невработените“:

Во Заводот за статистика велат дека анкетата на работна сила доцни една година бидејќи имале проблеми со примената на европската методологија Податоците за бројот на работоспособно население, на вработени и на невработени во земјава се стари повеќе од една година бидејќи Заводот за статистика последната анкета на работната сила ја направил во април 2003 година. Во Заводот велат дека податоците за периодот од април до септември лани ќе бидат готови на крајот од годинава. Според економските експерти, ваквиот неодговорен однос на Заводот е резултат на хаосот што владее во оваа институција и на неангажираноста на службите да ја утврдат реалната состојба. Последните анализи со кои располага Заводот за статистика се правени за периодот од септември 2002 до април 2003 година.

Додека во 2002 и 2003 година, анкетата на работната сила се вршела само двапати годишно на само 7.200 испитаници, од 2004 година таа се објавува на секои три месеци на 10.000 испитаници, односно секој квартал. Но, објавувањето на податоците доцни, па дури и се поставува прашање каков е ќарот од европеизацијата, како што пишува и тогашен „Дневник“ од 21 јули 2004 година:

Ако усвојувањето на разните европски стандарди значи вакуум во функционирањето на македонските институции од по една година и повеќе, ќе имаме повеќе штета отколку ќар од европеизацијата. Така барем личат работите во Заводот за статистика. Статистичарите поради преголема зафатеност со учење и прифаќање на формулите и табелите на европското статистичко биро, од лани заборавија да избројат колку вработени и невработени има Македонија. 

Потоа, од 2004 година во статистиката влегуваат и вработените од Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, а од 2005 година, кога земјава станува кандидат за членство во Европската унија, Државниот завод за статистика за првпат во Статистичкиот годишник за 2006 година пишува дека податоците се според стандардите на ЕУ. Се разбира, фактот што за време на 2001 година, во време на воените дејствија против ОНА, напливот на нови вработени во полицијата и војската воопшто не се ни броел од страна на статистиката, отвора посебно прашање како е можно во воена година да има намалување на невработеноста. Но, ова да го оставиме за другпат.

Во секој случај, никако не држи тезата дека „во време на СДСМ невработеноста достигнува рекордни 38%.“ Можно е дури и ако на периодот 1998-2002 година се примени новата европска методологија, во овој период да испадне дека невработеноста била повисока отколу во 2003 и 2004 година. Единствено нешто што во тоа време се достигна, тоа беа стандардите на ЕУ со оглед на подобрите податоци, кои се однесуваа на поголем примерок и кои беа понови, односно пристигнуваа постојано зашто анкетата на работната сила се правеше постојано, а резултатите се објавуваа на секои три месеци.

Последично на ова, не може да се каже и дека „сите економски успеси што ги постигна ВМРО-ДПМНЕ (…) се признаени од сите релевантни меѓународни институции“. Тоа очигледно не е точно кога станува збор за периодот од 1998 до 2002 година, како што видовме, зашто во тој период Европската унија очигледно не ги признаваше податоците на македонската државна статистика, зашто тие не беа според европските стандарди заради што мораше да смени и нејзината методологија.

 

ЛИНКОВИ:

Статистички годишник 2003, http://www.stat.gov.mk/PrikaziPublikacija_1.aspx?rbr=435, [Пристапено на 22.12.2015]

Статистички годишник 2004, http://www.stat.gov.mk/PrikaziPublikacija_1.aspx?rbr=436, [Пристапено на 22.12.2015]

Статистички годишник 2005, http://www.stat.gov.mk/PrikaziPublikacija_1.aspx?rbr=403, [Пристапено на 22.12.2015]

Статистички годишник 2006, http://www.stat.gov.mk/PrikaziPublikacija_1.aspx?rbr=437, [Пристапено на 22.12.2015]

Една година не се бројат невработените, „Дневник“ 20. 07. 2004, http://goo.gl/knMtST, [Пристапено на 22.12.2015]

Статистички хаос, „Дневник“, 21. 07. 2004, http://goo.gl/dM2zpr, [Пристапено на 22.12.2015]

Основни економски показатели за Република Македонија, http://nbrm.mk/?ItemID=750FC531FC3D1B49B16440313562D40, [Пристапено на 22.12.2015]

 

Оценил: Владимир Петрески

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *