Има бројни примери дека притворот се злоупотребува како казна

sdsm-logo

 

Премиерот Зоран Заев во неделата (03.12.2017) одговарајќи на новинарско прашање, меѓу другото, ја даде и следната изјава во врска со изрекувањето на мерката притвор, која ја сметаме за вистина:

Треба казна во правосудството за секој што згрешил пред законот и апелирам да се почитува презумцијата на невиност. 

Притворот се претвори во казна во Република Македонија во последните 10-12 години...

[Извор:А1 ОН ; Датум: 03. 12.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на Владата Зоран Заев, во која вели дека мерката притвор кај нас  во последните десетина години се злоупотребува и фактички се претвора во казна е вистинита.

Во изминатот десетгодишен период јавноста беше сведок на бројни случаи каде притворот беше злоуптребуван како казнена мерка. Такви се, на пример, случаите: „ Ликвидација“, „Шпион“, „Пајажина“, „ Метастаза“, „Змиско око“, „Калдрма“, „Претседавач“, „Кампања“,  „Изгрев“ и други, каде  времетраењето на притворот почна со 30 дена,  а потоа повеќепати се породолжуваше. Да потсетиме дека браќата Миладинови  и Димитрија Галабоски  пред Судот за човекови права во Стразбур  го добија предметот, Судот пресуди дека  како обвинети во  случајот „Изгрев“  биле неосновано држени во притвор две години. Деновиве, пак, поторно е актуелен случајот „Монструм“,  каде се оперира со петгодишен притвор.

Минатото лето (август 2016 г.)  Ване Цветанов, кој долго време беше држен во притвор, а потоа и осуден во случајот „Шпион“, за порталот „Сакам да кажам“ изјави:

Од 2006 до 2016 година во истражни постапки, според информациите на Комитетот за заштита на правата на жртвите на правосудниот систем, во Македонија  биле притворени повеќе од 10 илјади лица, или во просек, над илјада годишно. Но ситуацијата станува страшна од почетокот на 2013 до крајот на 2014 година, кога настапува периодот на сеење страв, кога се масовно се злоупотребува кривичното дело злосторничко здружување за масовно апсење.  Тогаш во затворот Шутка, со капацитет од 240 места, имаше околу 500 притворени лица. За периодот на сеење страв, времетраењето на притворот беше над година дена. 

Цветанов е претседател на здружението „Зелена лупа“ и координатор на иницијативата на граѓани Комитет за заштита на правата, каде што членуваат граѓани кои се чувствуваат  жртви на правосудниот систем во кривични постапки, поточно претставници од случаите: „Шпион“, „Фаланга“, „Аполон“, „Монструм“, „Музеи“, „Ликвидација“, „Ровер“, „Милка“, „Филтер“… Овој Комитет, како што пишува порталот „Сакам да кажам“, евидентира  три смртни случаи во последниве години на лица „заборавени“ во притвор:

Зоран Костадиновски, кој бил вработен во УБК, во мај 2013 година отишол на боледување заради операција на тумор на мозокот. Во септември истата година, незакрепнат, го апсат во случајот Шпион. Опериран и тешко болен, го држат во притвор неколку месеци. Во 2014 година умира.

Лице од Чаир, бегајќи од Алфите, кои го бркале поради сомневање за криумчарење дрога, направил сообраќајка и си го скршил вратот. Со скршен врат, неподвижен го носат во притвор, истата, 2014 година. Го осудуваат и пред вратата на затвор Идризово умира. (Не само што биле нарушени човековите права и пресумпцијата на невиност на ова лице, туку и правата на другите двајца притворени кои биле во ќелијата , бидејќи биле принудени да му менуваат пелени на неподвижниот цимер).
Лице кое било притворено во акцијата Милка цели 30 месеци, од притвор излегло на почетокот на годинава.  Од нарушено здравје од рекордниот престој во затворот во Шутка, сега, летово, починал на 32 години.

Анализите на Хелсиншки комитет од 2013 година, исто така,   говорат дека  бројот на притворени во изминативе години е драстично зголемен, односно во 9 од 10 случаи судиите го одобруваат барањето на обвинителот за одредување мерка притвор.

Порталот „Окно“ во јули 2013 година го пренесе ставот на Хелсиншкиот комитет за човекови права,  кој  од извршениот увид во документацијата од предметот на новинарот Томислав Кежаровски, констатира дека

Кривичниот совет донесувањето на решенијата го сторил во постапка и на начин кои се спротивни на Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права. Сторени се суштествени и процесни повреди во врска со проценката и аргументацијата за неопходноста од продолжување на притворот од страна на Основниот суд и непостапувањето по жалба од страна на Апелациониот суд во Скопје.

Во јули 2014 година Хелсиншкиот комитет излезе со анализа во која забележува:

Злоупотреба на мерката притвор, судење во неразумен рок, непочитување на пресумпцијата на невиност, проблеми со јавноста на судските постапки, меѓу судиите нема правична етничка застапеност, се само дел од забелешките во анализата на судските случаи на Хелсиншкиот комитет за човекови права, направена во приод од септември минатата година, до јуни годинава. Во тој период се набљудувани 30 судски постапки, за време на 105 судски расправи, во 11 судови во Македонија.

Во октомври 2016 година ТВ 21  информираше дека Хелсиншкиот комитет за човекови права упати критики за селективната правда, посочувјќи го  случајот со новинарот Зоран Божиновски, осомничен во рамките на случајот „Шпион“, кој во тоа време , веќе шест месеци беше во притвор.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека по завршувањето на истражната постапка, на судот освен притворот, кој претставува најекстремна мерка, на располагање му стојат алтернативни мерки како што се куќен притвор, гаранција, одземање на патната исправа. Хелсиншкиот комитет најавува дека во недостиг од соодветна реакција од страна на македонските судови, е подготвен да започне жалбена постапка пред Европскиот суд за човекови права, велат од Хелсиншки комитет.

И Народниот правобранител  во своите извештаи предупредува  дека притворот се (зло)употребува многу често и апелира до судските власти, ако имаат друга можност за да ја постигнат целта, да не ја употребуваат таа мерка,  укажувајќи на пренатрупаноста во затворите.

Во јануари 2014 година , народниот правобранител Иџет Мемети во изјава  за „Радио Слободна Европа“ вели:

Нашите посети во затворите зборуваат дека од година во година бројот на лица кои се на издржување на мерката притвор се зголемува енормно.

Има затвори каде што бројот на лица кои се на издржување мерка притвор е двојно поголем од можностите на институцијата, поготово во малите затвори. Факт е дека бројот на лица кои издржуваат мерка притвор се зголемува од година в година

Во истиот напис  на „Радио Слободна Европа“ е пренесен ставот на невладината „Транспарентност Македонија“  дека ваквиот начин на определување на мерката притвор    сериозно се поткопува и презумпцијата на невиност, можноста на обвинетиот ефикасно да се брани од обвиненијата, но претставува и притисок врз судот со што значително се влијае врз можноста обвинетиот да добие непристрасно и фер судење“
Во извештаите на Транспарентност има повеќе примери за злоупотреба на мерката притвор, како што е на пример,  случајот „Претседавач“ со тогашниот претседателот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ. Според согледувањата на Транспарентност, овој случај само ги потврдува примерите за злоупотреба на мерката притвор и политичко влијание врз судството.

Неоснованото определување на притворот, според меѓународните стандарди, треба да биде последна мерка за обезбедување присуство, вели Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија.

Оттука, горенаведената аргументација јасно и недвосмислено покажува дека констатацијата на Заев дека во последните 10-12 години притворот  во Република Македонија се претвори во казна, е точна. Тој вчера (03.12.2017), коментирајќи ги последните настани  поврзани со крвавиот собраниски инцидент од 27 април 2017 година  ( осомничени се 36, а приведени помалку од 30 лица) , апелираше да се почитува презумцијата на невиност и рече дека мерката притвор треба „да се дава само тогаш, кога е тоа неопходно, а секогаш да се користат поолеснителните мерки во она што значи процес на истрага во судските процеси.“

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *