Има место за страв – не знаеме како се градело последните 20 години

Професор Гаревски не се плаши, ама само од сеизмички градените објекти. Фото: скриншот

Изјавата на директорот на Институтот за сеизмологија и земјотресно инженерство, проф. д-р Михаил Гаревски е можеби вистинита ако се однесува на зградите проектирани по сеизмички прописи, но токму поради тоа е и недоследна, од едноставна причина што не е познат фактот колку од изградените објекти во Скопје по земјотресот од 1963 година, се проектирани и изградени според вакви стандарди

 

Професор, д-р Михаил Гаревски за ТВ Нова даде изјава во врска со стабилноста на објектите во Скопје и околу чувството на загрозеност кај граѓаните, која ја оценуваме како недоследна:

Нема место за паника и од друг аспект, бидејќи – секогаш кога зборувам, зборувам за зградите кои што се градени после земјотресот (од 1963), а не пред земјотресот, пред земјотресот иако се дел од нив санирани се поповредливи – Значи сите овие други згради кои што се проектирани по сеизмички прописи, сите тие згради многу лесно ќе го понесат Скопскиот земјотрес (се мисли на магнитуда од 6.1, како во 1963), повторно зборам од аспект на носивата, главната конструкција…

[ Извор: ТВ Нова, (од 1:44 – 2:15, мин.),  Датум: 12.09.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на директорот на Институтот за сеизмологија и земјотресно инженерство, проф. д-р Михаил Гаревски е можеби вистинита ако се однесува на зградите проектирани по сеизмички прописи, но токму поради тоа е и недоследна, од едноставна причина што не е познат фактот колку од изградените објекти во Скопје по земјотресот од 1963 година, се проектирани и изградени според вакви стандарди. Оттука, недоследно е да се говори дека се е во ред, ако на јавноста не ѝ е познат тој факт.

Впрочем, самиот Гаревски, неколку пати во свои изјави во јавноста во последните години ја прави таа фина дистинкција за периодот од крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години на минатиот век, па сè до пред две години, кога со измена во Законот за градење се внесе строга обврска за почитување и спроведување на проверката на асезимичноста на објектите.

После скопскиот земјотрес на ниво на град Скопје, имаше препорака да не кажам и закон, сите објекти да дојдат во Институтот на ревизија. Но, некаде кон крајот на 80-те почетокот на 90-те таа регулатива некако исчезна...

Во моментов објектите кои се градат во Македонија се перфектни, и токму поради оваа ригорозна контрола којашто ја нема во овој регион, мислам дека градиме најсигурна градба во целиот регион, да не кажам и во Европа. Во филозофијата на проектирањето е зградата, да не смее да падне, односно да нема жртви, а оштетувања ќе има за некој катастрофален земјотрес. Значи сите овие новите објекти, во последните две години бидејќи правиме контроли, ми се чини дека скопскиот земјотрес ќе го издржат буквално на шала (Интервју на Гаревски за Агенциијата Марил).

 

ПРОФЕСОРИ ПРЕДУПРЕДУВААТ – ИЗМИНАТИТЕ 20 ГОДИНИ ИМА ОТСТАПКИ

Јавноста, особено во Скопје, е сведок што се случувало овие дваесетина и кусур години „законска пауза“ на дел од стандардите за градба за која зборува професор Гаревски. Таа тоа постојано го гледа онаму каде што има дивоградби, онаму каде што е неприродно претрупано (Дебар Маало и Централното градско подрачје плус подножјето на Водно) и во колективните станбени објекти каде што граѓаните постојано се жалат дека сопствениците на становите често вршат внатрешни реконструкции, а куќниот совет, т.е станарите не знаат дали се урива некој важен потпорен ѕид или дел од греда што ја држи конструкцијата.

Професорот од Градежниот факултет при УКИМ, д-р- Горан Марковски, кој што е и претседател на Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, неколку пати во изминатите години предупредуваше и прашуваше дали „сме го заборавиле земјотресот од 1963“:

Иако се знае дека квалитетните конструкции се единствената гаранција за заштита од влијанијата што дејствуваат врз објектите, меѓу кои спаѓаат и оние од земјотресите, кои во Македонија ги имало и ќе ги има, за жал, сведоци сме на чести архитектонско-инженерски авантури врз постојните и новите градби, на конструкции со грешки во нивниот генетски код, на употреба на материјали со непроверен квалитет, на вградено незнаење, аматеризам, шпекулативност. Преокупирани единствено со урбанистичкиот аспект на градењето (кота на венец, габарит, катност, површина на изграденост, паркирање и др.) дозволивме „никнување“ на голем број на т.н. конструкторски дивоградби, чие постоење претставува непосредна опасност за безбедноста на граѓаните (Колумна во „Дневник“ од 2010).

Две години подоцна, во 2012 во воведникот на стручното списание „Пресинг“, Марковски е уште подециден:

Објектите со генетски грешки во конструктивниот систем бодат очи, застрашуваат, предупредуваат, разочаруваат, влеваат недоверба. Во струката, во општеството, во системот, во нас. Неподносливата леснотија со која сé почесто се применува, за сеизмички активни подрачја непрепорачливиот, безгредов систем на градба, бескрупулозните, нестручни, насилни и храбри (од незнаење) адаптации на станбениот и деловниот простор, објектите со колосални димензии опасно надвиснати над стрмни падини, доградбите и надградбите, а понекогаш и доградби на надградбите на постојните трошни згради и сличните градителски авантури, стануваат наше секојдневие. За жал, поголем дел од нив иницирани и формално одобрени од страна на надлежните институции. Од оние кои се задолжени за спротивното. За гаранција на квалитетот.

Слично предупредување дава и професор Мирослав Грчев, исто така од Градежниот факултет, кој, за волја на вистината, како поранешен градоначалник на Центар беше обвинуван во јавноста и од политичкиот противник ВМРО ДПМНЕ, за почетокот на урбанистичкиот хаос во Дебар Маало:

…Колку овие добри сознанија од науката потоа се применуваат во целиот процес на изградба, од планирањето до изградбата, тука немам толку добри зборови, тука постои токму обратната тенецнија…нарочно со независноста почна декапацитирање на институциите на државата…сега тие институции на државата се практично во служба на коруптивното градење, на погрешното градење, на непочитување на сите овие стандарди…(24 Анализа, 12.09.2016,  некаде од 11-12 минута).

Во истата анализа и Грчев и професор Вера Чејковска, раководител на Сеизмолошката лабораторија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ, предупредија дека во изминатите дваесетина години не се води сметка ниту за мапите со составот на земјиштето во Скопје, при правење на генералниот и на деталните урбанистички планови од страна на државните и општинските органи, пред сè, поради партизацијата и депорофесионализацијата, и интересите на профит и на капиталот.(од 78 до 80 минута)

 

ЗАКОН ЗА ГРАДБА МЕНУВАН 20 ПАТИ ЗА 10 ГОДИНИ!

Впрочем, еден факт многу зборува за тоа дали треба да постои страв или паника кај луѓето од апсект на тоа дали нивните објекти на живеење се безбедни од земјотреси. Оваа материја како што е познато се уредува со Закон за градење. Како што напоменуваат стручните лица, вклучувајќи го и Гаревски и Марковски, делови од тој закон и прописите или правилниците како подзаконски прописи во врска со сеизмичноста, исчезнале некаде кон крајот на осумдесетите, а Република Македонија со до 2005 година нема напишано нов, прилагоден на новите услови Закон за градба. Првиот документ е донесен во 2005 година.

Дури во 2005 се донесува првиот Закон за градењето во независна Македонија, иако уште десетина години претходно беше изготвен квалитетен текст. Меѓу последните во Европа се формира Комората на овластени архитекти и инженери, преку која им се издаваат овластувања на учесниците во градбата со кои се потврдува нивната острученост за изведување одредени дејствија во процесот на градење(проф. Марковски, колумна од 2010 во Дневник)

Она што јавноста треба да го знае е дека ова е законот кој најчесто е менуван во последните 10 години, за од 2009 да биде донесен нов, а потоа, по потреба е кроен и прекројуван, понекогаш и по неколку пати годишно од страна на парламентарното мнозинство. Впрочем, скриншот подолу од веб страната parvo.org.mk, говори сам по себе:

fireshot-capture-20-pravo-org-mk-i-zakoni_-http___www-pravo-org-mk_documentlaws-php

Правниците толкуваат дека пречестите измени на законите се основа на правната несигурност во државата. Ако е така, таа се одразува и на несигурноста на граѓаните, во смисла дали се применуваат стандардите и нормите или дали намерно се отстрануваат и од законот за потребите на профитот на приватниот капитал.

Секако, со сигурност се знае дека барем една од измените, онаа од 2013 година, со која се носи обврската за задолжителна проверка на асеизмичноста на сите објекти со бруто површина од над 300 квадрати од страна на стручно-научна институција (ИЗИИС), е корисна и влијае на севкупната безбедност на граѓаните.

Поради аргументите искажани погоре од стручните лица, изјавата на професор Гаревски дека нема место за паника за објектите градени по 1963 година, ја оценуваме како недоследна, од едноставен аспект што не знаеме колку од тие објекти градени до 1990 до 2013, се градени според асеизмични стандарди. Впрочем, ќе повториме, самиот Гаревски го вели тоа и при други, постари изјави во јавноста:

Колку старите згради би издржале посилен земјотрес?

– Ние гарантиираме за новите згради што се градат од оваа година па натаму (Интервју на Гаревски за „Вечер’ во 2014 г.)

 

Оценил: Teo Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција