Индустриска зона Визбегово не е урбанизирана и нема инфраструктура

vmro-dpmne-logo

 

 

Проект: Урбанизација и изградба на инфраструктура во индустриска зона Визбегово. Опис: Во соработка со градот Скопје и општина Бутел етапно ќе работиме на урбанизација и целосно решавање на патната, водоводната и комуналната инфраструктура во индустриската зона Визбегово. Со реализација на овој проект ќе се решат инфраструктурните потреби на голем број мали и средни компании кои работат во индустриската зона Визбегово. Буџет: 2 милиона евра (рок 2017-2018) година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:  

Овој проект е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Проверено“ (2014 -2018), одделот Други проекти – Комуналната инфраструктура.

Индустриската зона Визбегово се споменува и во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „ОПШТИНА БУТЕЛ 2013-2017“ во одделот Поединечни проекти кои ќе придонесат за локалниот економски развој на Општина Бутел.

Индустриската зона во с. Визбегово – можност за инвестирање и нови вработувања. Рок: 2013-2017

ВМРО-ДПМНЕ го споменува овој проект и во предизборната програма со која излезе на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година – „Реално“ (2017- 2020). Во одделот Градежништво и урбанизам, под реден број 182 страна 98.

Со реализација на овој проект ќе се решат сите проблеми и аспекти на патната мрежа и комуналната инфраструктура во оваа зона. Проектот ќе се реализира во соработка со Град Скопје и општина Бутел. Планиран буџет: 2,7 милиони евра. Рок на изработка 2018-2020 година.

Тоа укажува на фактот дека проектот предвиден во претходната програма не бил реализиран и е пренесен во новата програма.

Дека проектот не е реализиран говорат и бизнисмените. Тие редовно потсетуваат на проблемите и ветеното. Потсетуваат дека нема водовод и  канализација и не можат да ги решат имотно-правните работи поради немање урбанистички план.

Медиумите во мај лани пишуваа дека зоната нема услови за нормално функционирање.

На 30 мај 2016 година порталот „Билд“ во текст со наслов „Индустриската зона во Визбегово функционира без инфраструктура“  пренесува изјава на Неџат Шаини, претседател на Здружението на стопанственици на индустриската зона во Визбегово во која се укажува дека не се решени проблемите.

Ние (бараме) да ги добиеме основните услови. Да не функционираме со септички јами и вода од бунари. Ние функционираме како во село. А, објектот пред бунарот и септичката јама е вреден милиони евра.

На 30 мај 2016 година и порталот „Е-магазин“  во текст со наслов  Фирмите  во зоната Визбегово годишно вртат 300 милиони евра,а немаат вода и канализација пренесува информација од трибина организирана во Зоната на која учествувале и претставници на општините – Чучер Сандево, Карпош, Бутел и Градоначалникот на Град Скопје.

Шаини тогаш ги информирал дека:

Се справуваме со проблемите на инфраструктура веќе неколку години наназад и за жал нема никакво поместување и решавање на истите. Проблемите произлегуваат од немање на елементарни услови на работа: без водовод, канализација, улично осветлување и прописна сообраќајна сигнализација. Дополнително на тоа, стопирани сме за градба веќе 2 години и за жал немаме конкретна информација кога ќе се реши прашањето на донесување на детален урбанистички план за зона која постои веќе одамна. Наместо да одиме во правец на проширување на зоната и подобрување на економијата, компаниите си одат во други зони и воопшто не размислуваат за вложувања тука.

Претставниците од локалната власт посочија дека моментално немаат пари за да ги решат сите проблеми.

Во медиумите може да се најдат само информации од општина Бутел за почеток на реконструкција на улици во Визбегово кои се поврзани со зоната од 2016 година.

„Курур“ 19 јули 2016 во текст со наслов Реконструкција на улиците во индустриската зона Визбегово, покрај другото, наведува дека се работи на урбанистички план.

Општина Бутел работи и на донесувањето на урбанистичките планови за Визбегово. Урбанистичкиот план за индустриската зона Визбегово го изработува Агенцијата за просторно и урбанистичко планирање во опфат од 117 хектари, а општина Бутел го изработува урбанистичкиот план за населеното место Визбегово, со кој ќе биде опфатена површина од 170 хектари.

Ваква информација со ист наслов и снимка од изјава на градоначалникот Петре Латиновски има и на сајтот на Општина Бутел, но нема информација дали се завршени урбанистичките планови.

За зоната нема информации во текот на оваа година, кога всушност треба да се реализира она што го планира ВМРО-ДПМНЕ заедно со Општината Бутел и Градот Скопје.

На прес-конференција од почетокот на годината градоначалникот на Бутел, Латиновски, кога најавува проекти за реализација во 2017 година, не кажува ниту еден збор за индустриската зона Визбегово.

На 27 јули 2017 година проблемите во индустриската зона Визбегово се споменуваат  на средбата на бизнисмени од Комората на северозападна Македонија со новиот премиер Зоран Заев и неговиот економски тим. Побарано е новата Влада да ја подобри инфраструктурата и да ги реши проблемите со урбанистичкиот план.

Телевизијата „Алсат-М“ истиот ден пренесува информација  дека бизнис заедницата побарала обезбедување на инфраструктура и канализација во индустриската зона Визбегово како и нејзина урбанизација.

Станува збор за подрачје кое зафаќа три општини, има компании со 2.500 вработени, годишно остварува 640 милиони евра обрт и 30 милиони евра профит, а плаќа три милиони данок. Две години чекаме одобрение за градба, земјиштето е уште земјоделско, нема канализација, водовод, сообраќајни знаци, додава еден бизнисмен.

Од увидот во документите, како и на веб страните на општините и партијата ВМРО-ДПМНЕ, како и од изјавите на бизнисмените кои имаат индустриски објекти во индустриската зона Визбегово, може да се заклучи дека ова ветување на ВМРО-ДПМНЕ и на градоначалниците на општините не е реализирано.

 

ЛИНКОВИ:

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *