Индустриската зона „Караслари“ е во функција

Индустриската зона „Караслари“ работи, иако не со целосен капацитет. Фото: Општина Велес

Проект: Изградба на нова индустриска зона во село Караслари  

Опис: Изградба на индустриско-развојна зона на магистралниот пат М1 (Гевгелија – Скопје), која е поврзана со автопатот Е75 (Скопје – Гевгелија) и е оддалечена од Велес осум километри. Површината на која е предвидено да се изгради зоната е 24 хектари со намена производство, дистрибуција и сервиси. Во првата фаза зоната ќе се уреди инфраструктурно со комунална и сообраќајна инфраструктура, со што ќе се овозможат услови за парцелите да се понудат на потенцијални инвеститори.  

Средства: 4.000.000 ден. (425.000 денари за изработка на потребната документација)  

Извори на финансирање: Буџет на Општина Велес 

Рок: 2015 година 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Славчо Чадиев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Велес во својата изборна програма (стр. 18) со која ја бараше довербата на граѓаните на локалните избори во 2013 година, вети и изградба на нова индустриска зона во селото Караслари, на површина од 24 хектари. Тој нагласи дека изградбата на зоната ќе се реализира од буџетот на општината, односно како нејзин проект, до крајот на 2015 година. Со оглед на состојбите, ова ветување на Чадиев може да се смета за исполнето.

Првите информации дека се работи на реализацијата на ова ветување на Славчо Чадиев, кое беше ставено на листата на приоритетни проекти од неговата изборна програма, се од крајот на јули 2013 година. Се работело на геомеханички испитувања на теренот, а веќе биле нарачани канализациски и одводни системи за зоната.

На 19 ноември 2013 година бил изработен документ за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за таа локација. На 10 декември истата година читаме дека на локалните бизнисмени им биле презентирани парцелите. На 8 април 2014 година почнала реализацијата на најголемата инвестиција во оваа зона, односно изградбата на фабриката на германската компанија за автомобилски компоненти „Маркарт“. Фабриката е отворена на 7 октомври 2015 година.

Во отчетот на општина Велес за 2015 година се претставени неколку реализирани работи во индустриската зона Караслари – отворањето на фабриката Маркарт (стр. 4), асфалтирањето на влезната улица во зоната (стр. 7), како и изградбата на водоснабдителен систем со резервоар (стр. 14).

На 17 мај годинава на прес-конференција, велешкиот градоначалник информира дека привршува инфаструктурното уредување, а покрај фабриката на Маркарт има уште два објекти, од кој едниот е во завршна фаза, а едниот почнува да се гради.

По трасирањето на улиците ќе се стават странично и канделабрите, а со тоа ќе ја завршиме целокупната инфраструктурна изградба во ИЗ Караслари која е многу значајна за просперитетот на Општина Велес, а потоа ќе започнеме и со инфраструктурно уредување на ИЗ Мамутчево, најави Чадиев.

Според она што го покажаа проверките, ветувањето на Чадиев е исполнето во рамките на рокот, односно крајот на 2015 година, бидејќи првиот капацитет, фабриката на Маркарт, почнала со работа на почетокот на октомври 2015 година.

 

 

ИЗВОРИ

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција