Информацијата е универзално човеково право и во Македонија – ама само на хартија

 

Дел од медиумските реформи мора да биде и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ова го покажува 11 годишната пракса на (не) функционирањето на овој Закон и на Комисијата што треба да го штити правото на граѓанинот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Важен дел од медиумските реформи во Република Македонија, кои се дел и од Итните реформски приоритети произлезени од препораките на Рајнхард Прибе, е и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој мора да претрпи измени.

Ова барање и констатација на медиумската заедница е упатено од поодамна уште пред Прибе и ЕУ, откако се видоа слабостите во пракса и на Законот и на Комисијата која треба да го штити правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

 

ИНФОРМАЦИЈАТА Е УНИВЕРЗАЛНО ЧОВЕКОВО ПРАВО

Законот произлегува од обврските пропишани во Уставот на РМ, кои се, пак, дел до прифатените Конвенции и меѓународни резолуции на земјата, почнувајќи, пред сè, од темелните – Членот 19 од Универзалната декларација за правата на човекот на ООН (1948 г.) и Член 10 од Европската Конвенцијата за правата на човекот, на Советот на Европа (1950 г.).

Но, иако Законот е донесен по цели 16 години од осамостојувањето во 2006 г., значи дури тогаш земјата во правниот систем ги вгради обврските од меѓународните конвенции – 11 години подоцна, во 2017 г., може да се констатира дека работите се изместуваат со брзина на полжав. Иако законот предвидува и обврски и прекршочни глоби, ништо не е сменето драстично на подобро.

Она што вреди во Законот е единствено Член 2, кој што ги опишува целите на Законот, Член 4, каде што се наведува дека секое правно и физичко лице има право до слободен пристап до информациите и Член 9, кој пропишува обврска за ажурирање и достапност. Ова се практично вградените Член 19 од Универзалната декларација и Членот 10 од Европската конвенција, со кои се потврдува дека информацијата е универзално човеково право. Повеќе други членови подолу, во инаку краткиот закон, може да се проблематизираат.

 

ПРЕШИРОКО ТОЛКУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Поважните членови од Законот и слабостите, се наоѓаат во широко дефинираните отстапувања од обврската за давање информации, па тие може да се толкуваат како сакаат, потоа во роковите за добивање информација и во недоволниот сразмер на глобите.

На пример, Член 6 од Законот, ги регулира исклучувањата од правото:

Имателите на информации можат да одбијат барање за пристап до информација во согласност со закон ако информацијата се однесува на:

1) информација која врз основа на закон претставува класифицирана информација со соодветен степен на тајност;

2) личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци;

3) информација за архивското работење која е утврдена како доверлива;

4) информација чие давање би значело повреда на доверливоста на даночната постапка;

5) информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката;

6) информација, што се однесува на комерцијални и други економски интереси, вклучувајќи ги и интересите на монетарната и фискалната политика и чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата;

7) информација од документ што е во постапка на подготвување и сè уште е предмет на усогласување кај имателот на информации, чие откривање би предизвикало погрешно разбирање на содржината и

8) информација која ги загрозува правата од индустриска или интелектуална сопственост (патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг, ознака на потеклото на производот).

Како што може да се види, на пример, од точка 1 или од точка 7, а и од другите, се е прешироко дефинирано и им остава на надлежните, ако сакаат да се повикаат на исклучокот, па дури и административно да го поткрепат антидатирано, за да не се даде информацијата.

 

РОКОТ МОРА ДА СКРАТИ

Член 21 го определува рокот за давање на информацијата, кој е максимални 30 дена. Во ставот 1 на овој лен се наведува децидно:

Имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.

Но, како што може да се види, не е специфицирано дали станува збор за календарски или работни денови, што во пракса често значи од оној што ја поседува информацијата, да се толкува дека станува збор за работни денови, па одговорот не се добива и по истекот на 30-те дена од поднесувањето на барањето.

Од повеќето стручни собири, конференции, советувања на медиумската заедница, најмалку во последните неколку години, произлезе едногласен став дека рокот е предолг и мора да се скрати. Прашањето е колку и тоа варира од веднаш или во рок од само неколку дена, до 15 календарски, односно 10 работни денови.

 

КАЗНИ КОИ СТИМУЛИРААТ НЕДАВАЊЕ ИНФОРМАЦИИ

За анализа е податен и казнениот дел од Законот. На пример во Член 44 се наведува дека:

Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон, односно во рок од 30 дена.

Но во Член 39 и во Член 40, казните се до 2.000 евра, доколку имателот на информацијата ја сподели со барателот, а таа спаѓа во исклучоците од правото наведени во Член 6, за кои веќе е констатирано дека се прешироко поставени и се можен предмет на манипулација.

Оттука, може да се заклучи дека казните повеќе се стимулативни и ниски ако не добите информација и рестриктивни и повисоки, ако барателот добие информација, а не смееле да му ја дадат. Што би се рекло, со казнената политика во овој Закон, се стимулира недавањето на информацијата.

Од сè погоре наведено, како и од сите досега стручни расправи во медиумската заедница, но не само медиумската, сосема е јасно дека законот мора да се менува. Тоа го потврдуваат и соговорниците на „Вистиномер“.

 

ФАКИЌ: ЗАКОНОТ Е ЛОШ, КОМИСИЈАТА СО ВРЗАНИ РАЦЕ

Сабина Факиќ, програмски директор на Центарот за граѓански комуникации кој често е „клиент“ на Комисијата, затоа што се соочуваат со затвореност на институциите, го потврдува тоа и наведува дека тие испратиле и формално барање за измена на законот:

crop-Sabina - 6922033836_5a948f3534_bЦентарот за граѓански комуникации уште во 2013 година од надлежните институции достави барање за скаратување на рокот за одговор на барањата за пристап до информации од јавен карактер од сегашните 30 на 15 дена, како и за проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Праксата покажува дека институциите дури и кога ја доставуваат бараната информација, иако Законот им вели веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена, тоа најчесто го прават во максималниот законски рок.

Во случаи, пак, кога одредена институција не ја доставува информацијата, приморани сте да ѝ се обратите на Комисијата, но и таа наместо во законските 15 дена, решенија ги носи најчесто со задоцнување. Оттука, добивањето на побараната информација може да трае и повеќе од 2 месеци. Дополнителен проблем е што надлежната Комисија ги толерира имателите на информации кои не ги исполнуваат законските обврски, односно не ги доставуваат бараните информации и не поведува прекршочни постапки пред надлежниот суд. Оттука, предлагаме проширување на надлежностите на Комисијата со што таа би добила поголеми ингеренции – вели Фаќиќ

На истата линија е и следната соговорничка на „Вистиномер“

 

ЈОРДАНОВСКА: КОМИСИЈАТА Е АЖУРНА, АМА НЕ КАЗНУВА

Слично мислење добивме и од Мери Јордановска, новинарка во БИРН, која е еден од најчестите „клиенти“ на Комисијата од новинарската заедница, поради истите причини – затвореност на институциите:

crop- Meri - macedonia-meri-jordanovska-media-observatory-800x529Ако се стават на кантар проблемите што сум ги имала со институциите кога им се поднесува барање за пристап до информации, со проблемите што сум ги имала со Комисијата, тогаш слободно можам да кажам дека институциите се далеку побавни и наоѓаат секакви, често нелогични па дури и незаконски начини за да избегнат да ја завршат својата работа. Тука зборувам за класифицирањето информации кои немаат допирна точка со законските одредби, начинот на кои ги третираат личните податоци кога станува збор за трошење буџетски средства, како и спроведувањето на „тестот на штетност“, кога по правило, секогаш „победува“ приватниот наспроти јавниот интерес.

Рацете на комисијата често се врзани кога одредена институција класифицира информација и тука останува само можноста да се потврди дека информацијата што сум ја барала навистина е ставена под знак „доверливо“. Членовите на комисијата се ажурни, често и помагаат при составувањето на барањата и уредно постапуваат по жалбите. Она што е најголем проблем, е неможноста на Комисијата да постапи кога одредена институција одбива да даде одговор. Кога одредена институција едноставно не одговора на барањето, Комисијата наложува истата да одговори. Но, кога таа институција го игнорира и налогот на Комисијата, нејзините членови едноставни одговараат „тука не можеме ништо, останува да чекаме“.

Таа вели дека на тој начин се стимулира недавањето на одговори

И покрај постоењето на законските одредби за парични казни, лично не сум запознаена дека некоја институција некогаш била казнета, што значи дека процесот на (не)давање информации завршува во ќор-сокак во оној момент кога институцијата решава да молчи во однос на барањето.

Нашите соговорнички само го потврдуваат она што и во медиумската, но и во општата јавност е познато. Формално правно, државата вели „да“ – информацијата е универзално човеково право и секој граѓанин на РМ има право да ја добие. Во пракса, и институциите и самиот Закон е така скроен што повеќе да го отежене остварувањето на ова право.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *