Исполнето: ФЗОМ поблиску до граѓаните

Фото: Скриншот

 

Фондот до сега отвори канцеларии во неколку општини во град Скопје. Фондот продолжува со оваа иницијатива, со отворање на канцеларии во сите општини на град Скопје. Преку овој проект ФЗОМ ќе биде поблиску до осигурениците во главниот град, со што ќе им овозможи побрз и полесен пристап до услугите што ги нуди, како и намалување на турканиците во Подрачната служба во Скопје. Освен во главниот град, ФЗОМ ќе се доближи до осигурениците и во останатите места во државата, односно во Дојран за време на туристичката сезона и во Кривогаштани, Демир Капија и Богданци во текот на целата година. Буџет: нема наведено. Нaдлежни институции: Фонд за здравствено осигурување на Македонија. [Рок: декември  2015]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот “ФЗОМ поблиску до граѓаните ”,  е исполнето изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, се работи за проект кој почна да се спроведува од 2012 година, однсоно од претходниот мандат на владејачката партија.

Станува збор за отворање на истурени шалтер единици на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (понатаму во текстот ФЗОМ), односно на Подрачната служба-Скопје за да се овозможи дисперзија на услугите на фондот, а со цел зголемување на нивната достапност на повеќе локации во земјата. Услуги кои ги овозможуваат овие шалтер единици се: пријави – одјави за здравствено осигурување и матичен лекар, потврди за платен придонес и ослободување од партиципација, издавање на електронски здравствени картички и тн. Ветувањето вели “отворање на шалтер единици во сите општини во Скопје” што би значело во Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари како и дополнително во градовите  Дојран, Кривогаштани, Демир Капија и Богданци.

Првите истурени шалтери на ФЗОМ се отворени во 2012 година во Ѓорче Петров и Драчево . Во 2013 година се отворени шалтери во општина Чаир и во Ченто. Во 2014 година е веќе заокружен процесот на отворање на предвидените шалтери и истите се отворени  во Шуто Оризари, Идадија, општина “Илинден” како и во општините Боговиње, Липково, Дојран, Богданци, Демир Капија и Кривогаштани.

Изјава на Маја Парнарџиева, пoранешен директор на ФЗОМ:

ВМРО-ДПМНЕ е насочен кон интересите граѓаните, еден од проектите – поблиску до граѓаните, значи постојано отворање на истурени шалтери на ФЗОМ во сите општини во Скопје, а во 100-те дена отворивме во Дојран, во Кривогаштани, Демир Капија и Богданци. 

Важно е да се напомене дека една истурена шалтер единица може да опфати поголема територија. На пример, шалтерот во Ѓорче Петров ги покрива и општините Карпош и Сарај, шалтерот во Драчево ја покрива и општината Кисела Вода, Чаир опслужува територија на која има 65.000 граѓани и 70 приватни здравствени установи, а шалтерот во Шуто Оризари е достапен за 270 фирми, 17.300 осигуреници и 14 матични лекари.

Изјава на Јован Грповски, пoранешен директор на ФЗОМ:

Истурениот шалтер е за сите субјекти од сите населени места на кои поблиску им е патуваат до Поликниката Чаир, отколку до ФЗОМ – ПС Скопје во централното градско подрачје. Користењето на услугите не е ексклузивно само за субјектите на оваа територија, туку е флексибилна, па така било кој од територијата на град Скопје кој оценил дека за добивањето на услугата од ФЗОМ посоодветно е да ја побара услугата која му е потребана во истурениот шалтер во Чаир, истата ќе може да ја добие.

ЛИНКОВИ:

Оценила: Mилена Јосифовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција