Исполнето: Отворено првото средно училиште во Шуто Оризари

Новото средно училиште се протега на површина од 4.405 метри квадратни Фото: Принтскрин

 

Владејачката партија во Изборната програма со која излезе на предвремените парламентарни избори 2014 година,   во рамките на Проектот: ГРАДИМЕ И РЕКОНСТРУИРАМЕ УЧИЛИШТА (стр.262), меѓу другото, вети дека во текот на 2014 и 2015 година

ќе биде  пуштено во  употреба и ново средно училиште во Шуто Оризари

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Првото средно училиште во Општина Шуто Оризари  беше официјално  пуштено во употреба  во септември 2015 година. Ова е исполнето ветување на ВМРО-ДПМНЕ дадено во изборната програма  „Проверено“ (2014-2018) во делот „Македонија –  земја на знаење“(стр.262).

На втори септември 2015 година  свечено е отворено првото средно училиште  во оваа Општина. Новото средно училиште  се протега на површина од 4.405 метри квадратни, има 12 училници, четири кабинети, шест канцеларии за наставници и вработени, фискултурна сала, читална и библиотека. За неговата изградба и опремување Владата издвои 85 милиони денари или околу 1,4 милиони евра.

На отворањето на училиштето „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари присуствуваа  тогашниот премиер Никола Груевски, министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, заменик-министрите за образование и наука и за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и Ибрахим Ибрахими, градоначалниците на Град Скопје и на Општина Шуто Оризари, Коце Трајановски и Елвис Бајрам и пратеникот Амди Бајрам. Во оваа пригода Груевски рече:

Денеска сум повторно тука за да одбележиме уште еден историски ден за Шуто Оризари и официјално да го пуштиме во употреба првото средно училиште во општината

Тој посочи дека Владата правела напори ова училиште што поскоро да биде изградено и додаде дека и покрај проблемите со кои се соочиле проектот е успешно завршен.

Основна мисла водилка ни беше тоа што образованието е еден од клучните фактори за намалување на невработеноста и сиромаштијата во Шуто Оризари. Во тој дух инвестирајќи во новото училиште знаевме дека инвестираме во подобра иднина на жителите на овие простори. Проектот не секогаш течеше лесно и едноставно. Имаше имотно-правни проблеми и застои, но ние не се откажавме. Кога се сака нешто да се направи не постои пречка во исполнување на таа цел. Ние сакавме да го изградиме училиштето и училиштето е пред нас, рече Груевски.

Министерот за образование и наука Адеми, тогаш рече дека во наредните денови учениците сукцесивно ќе почнат да доаѓаат во новото средно училиште во кое во една смена ќе можат да учат 400 ученици.

Наместо да патуваат во средните училишта во соседните општини, учениците од Шуто Оризари средното образование сега ќе можат да го продолжат во својата општина, рече Адеми.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски рече дека;

Новото средно училиште коешто е прво во општината Шуто Оризари ќе им овозможи квалитетно образование на учениците од оваа општина. Градот Скопје во својот буџет има предвидено средства за опремување на училиштето во кое учениците ќе можат да следат настава  за повеќе образовни профили во рамките на здравствената, градежно-геодетската, угостителско-туристичката, економско-правната и трговската струка, како и во личните услуги

Наредниот месец (октомври 2015) средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари почна со настава. Заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски  беше во посета на училиштето за да ја утврди состојбата и да се увери дека наставата се одржува.Тој  тогаш кажа  дека со поддршка на Град Скопје, е обезбеден наставниот и административниот кадар.

Новото средно училиште „Шаип Јусуф“ се споменува во реализираните проекти во  Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија” (стр.296) и во Отчетот  на Трајановски за минатата година (стр.17).

Инаку, овој објект почна да се гради во февруари 2009 година (во претходниот мандат на Трајановски ), а според  тогашните прогнози требаше да биде готов „најдоцна  за девет месеци“ ( до крајот на 2009 година).

Имајќи ја  предвид горенаведената хронологија, ова изборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ, го оценуваме како  исполнето, со забелешка дека  реализацијата на проектот се развлече од 2009 година.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција