Истражување: Само една третина од граѓаните веруваат во институциите

Горан Свилановиќ, ген-сек на RCC на прoмоција на истражувањето. Фото: RCC

Сериозно и големо регионално истражување „Балкански барометар 2016“ покажува недоверба и песимизам во функционалната поделба на власта, владеењето на правото и законите и незадоволство од тоа како се одвиваат работите во земјата. Сепак, за разлика од другите балкански народи, во Македонија сè уште постои верба и нивна поддршка со нешто над една третина, што е највисок резултат на Западен Балкан

Сериозно и големо регионално истражување „Балкански барометар 2016“ покажува недоверба и песимизам во функционалната поделба на власта, владеењето на правото  и законите и незадоволство од тоа како се одвиваат работите во земјата. Сепак, за разлика од другите балкански народи, во Македонија сè уште постои верба и нивна поддршка со нешто над една третина, што е највисок резултат на Западен Балкан

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Граѓаните на Република Македонија генерално имаат слабо мислење за институциите, иако тоа, сепак, не е онолку лошо, ниту онолку добро, како што тврдат политичарите од опозицијата и власта. Ова го покажуваат резултатите од сериозно регионално истражување спроведено од Советот за регионална соработка (RCC), интервладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа(SEECP), со седиште во Сараево, а кое беше презентирано неделава.

Истражувањето се спроведува веќе втора година под името „Балкански барометар“ и ги опфаќа земјите од поранешна Југославија, минус Словенија, а плус Албанија, иако во текот на овогодинешното истражување е опфатена и Молдавија, но резултатите за оваа земја се претставени во посебна глава од публикацијата. Сериозноста на истражувањето ја потврдува и бројката опфатена со анкетата – 7.000 граѓани,  или за секоја земја по 1.000, плус 1. 400 претставници на компании, или за секоја земја по 200 (овие бројки се однесуваат на Западен Балкан).

 

ЧЕТИРИ ПРАШАЊА

Во главата Перцепција за јавните институции и сервиси има повеќе прашања според кои се одредува вкупниот впечаток, а меѓу другите, групирани се и следниве четири прашања:

  • Дали се согласувате дека административните процедури во јавните институции се ефикасни;
  • Дали се согласувате дека законот се спроведува и се применува ефикасно;
  • Дали се согласувате дека судскиот систем е независен од политичко влијание;
  • Дали се согласувате дека законот се применува подеднакво за сите;

На ниво на Западен Балкан бројките се следни – 56 отсто од граѓаните не се задоволни со ефикасноста на администрацијата, 75 отсто од граѓаните сметаат дека законите не се применуваат ефикасно и целосно, значи нема владеење на правото, 78 отсто сметаат дека судскиот систем е зависен од политиката, а дури 83 отсто од граѓаните ценат дека законите не се применуваат подеднакво на сите, т.е. дека има „еднакви“ и малку „поеднакви“ од другите, што би рекол Џорџ Орвел.

 

Довербата е сведена на најминимално ниво, под 30 отсто во просек. Графика: RCC
Довербата е сведена на најминимално ниво, под 30 отсто во просек. Графикон: RCC

ГРАЃАНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА СО ПОГОЛЕМА ВЕРБА ОД БАЛКАНЦИТЕ

Во анкетата од овие четири прашања детално се претставни две, многу важни за довербата во институциите и правната држава.

На прашањето „Дали се согласувате дека законот се применува подеднакво за сите?“, 64 отсто од испитаниците во земјава рекле дека тоа не е така. Специфицирано, 34 отсто тотално не се согласуваат со таквата констатација, додека 30 отсто се повеќе склони да не се согласат, односно влегуваат во категоријата на луѓе што сметаат дека законите не важат подеднакво за сите. Меѓутоа, дури 27 отсто од испитаниците веруваат дека законите, сепак, се применуваат на сите, а 7 отсто се целосно уверени дека тоа е така, што е вкупна бројка од 34 отсто или над една третина. Само 2 отсто од испитаниците не знаат или одбиле да одговорат на ова прашање.

Ако се земат предвид бројките во другите земји, произлегува дека граѓаните на Македонија имаат најдобра од сите лоши перцепеции за еднаква примена на законот врз граѓаните, споредено со земјите од Балканот. Најлоша перцепција имаат граѓаните од Босна и Херцеговина, бидејќи таму дури 87 отсто не се согласуваат со тврдењето дека законите важат за секого подеднакво.

Untitled2
Извор RCC

На прашањето дали верувате во независноста во судскиот систем, односно дека тој е независен од политиката, 62 отсто од граѓаните на Македонија сметаат дека тоа не е така, односно дека судството е зависно. Поспецифицрано, 29 отсто се целосно убедени во тоа, а 33 отсто би се согласиле со мислењето дека судството е зависно. Но, исто како и за погорното прашање за законите, 28 отсто од испитаниците се склони кон верувањето дека тоа не е така, а 7 отсто се целосно сигурни дека судството е независно, со што 35 отсто спаѓаат во групата што веруваат во независноста на судството. Исто како и погоре, 2 отсто од испитаниците или не знаат или одбиле да одговорат на тоа прашање.

Ако се споредат овие бројки со просекот на Западен Балкан, повторно се гледа дека граѓаните во земјава се помалку скептици, бидејќи дури 78 отсто од балканците веруваат во зависноста на судството, за разлика од 62 отсто граѓани на Македонија.

Извор RCC
Извор RCC

На прв поглед ова ја покажува големата поделеност и поларизираност во земјава по партиска основа и цврстината на поистоветувањето на партијата со државата, но, секако, за ова треба попрецизно да се произнесат експерти за јавно мислење кои би можеле најсоодветно да ги објаснат наодите.

 

ЗАЧМАЕНОСТА И ПЕСИМИЗМОТ СЕ ГОЛЕМИ

„Балканскиот барометар 2016“ покажа уште една карактеристика за Македонија која во овој поглед е малкју поразлична од другите држави на Балканот каде се спроведуваше ова истражување.

Речиси 80 отсто од граѓаните на Македонија се или незадоволни или неутрални за тоа како се движат работите во општеството!

На прашањето за степенот на задоволство од состојбите во Македонија, 20 отсто одговориле дека се целосно незадоволни, 25 отсто дека се генерално незадоволни, 33 отсто дека не се ниту задоволни, ниту незадоволни, додека 23 отсто се задоволни или многу задоволни. На ниво на Западен Балкан состојбата е исто така лоша. Песимистички расположени околу состојбите во нивните држави се над 60 отсто од граѓаните, а неутрален став зазеле 23 отсто, додека задоволни се само 9 отсто.

Не изостанува и безнадежноста. Дури 75 отсто од граѓаните на Македонија мислат дека во следните 12 месеци ситуацијата ќе остане иста или ќе се влоши, додека позитивни очекувања негуваат 23 отсто од граѓаните.

Истражувањет покажа дека  невработеноста, економската состојба и корупцијата се главните проблеми во Македонија, а иста е состојбата и со другите држави од Западен Балкан.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција