Итни реформски приоритети – втор пат!

 

 

Екс премиерот Никола Груевски пред два дена ја даде следнава изјава:

Државните институции се целосно фокусирани на првите предлози што треба да дојдат и како пакет во наредните денови и недели во делот на исполнување на итните реформски приоритети согласно барањето на извештајот на Европската Унија или наречен Извештајот на Прибе…Во повеќе области, тргнувајќи од областа судство, медиуми, администрација, областа на безбедноста и други, институциите со полна фокусираност, со сите капацитети работат да ги подготват првите чекори, драфтови и сето она што е потребно за да се започне еден процес на исполнување на овие барања, кои генерално ќе бидат добри и за Република Македонија заради зајакнување на државата и институциите во истата…

[ИзворТелеграф – Датум, 01.06.2016]

 

 

ОБРАЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски, во изјава за медиуми, одговарајќи на новинарско прашање, даде недоследна изјава дека Владата со сите сили почнува да работи на итните реформски приоритети за Република Македонија, кои и беа побарани од страна на Еврпската унија во јуни минатата година, откако беа прецизирани сите слабости во системот што  доведоа до длабока политичка криза.

Изјавата ја оценуваме со недоследност, пред сè затоа што станува збор за второ тврдење од ист вид, од истата личност во период од точно една година. Имено, реформски приоритети што беа утврдени и посочени од ЕУ, а прифатени од Владата, требаше да бидат веќе во тек во изминатите 11 месеци, откако беа усвоени на седница на Влада.

Притоа, многу прецизно беше кажано  што недостасува во системот и зошто се преземаат реформите:

Дејствуваме за потребите и интересите на сите граѓани, за достигнување и унапредување на европските стандарди и почеток на заслужените преговори за членство во ЕУ. На вчерашната седница усвоивме План за нови реформи за европската интеграција. Покрај постоечките реформи кои континуирано ги спроведуваме, ова е нов обемен и амбициозен план за кој верувам дека ќе овозможи дополнителен напредок. План базиран на нашите разговори со ЕУ и препораките на европските институции и експерти, фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата. Прецизно, со конкретни мерки, рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат. Ангажман на цела Влада и ангажман на посебен тим на министри кои неделно ќе се среќаваат неколкупати со цел да ги подготвуваат и реализираат евро-реформите, напиша премиерот Груевски (на неговиот ФБ профил- н.з.).

Од тие напори на Владата од тоа време, последната активност беше во 2016 година кога по одржана јавна расправа, Секретаријатот за европски интеграции при Владата го постави роковникот и мерките за исполнување на тие приоритети, наречен Нацрт план – работна верзија.

Во текот на есента и зимата минатата 2015 година, Владините активности се сведуваа на бавно и проблематично спроведување само на оној дел што директно се однесуваше на Договорот од Пржино, кој пак е компатибилен со дел од итните рефорсмки приоритети, но е само еден мал дел. За тоа сведочат и неколкуте извештаи од мониторингот на спроведеното, што ги изготвуваше Мрежа 23, односно коалиција од 23 граѓански организации што го набљудуваа процесот, што може да се види од еден примерок во даден временски сегмент.

Актуелниот премиер Емил Димитриев, во изјава дадена еден ден пред изјавата на Груевски, потврдува дека Владата со сета сила ќе се концентрирала на итните реформски приоритет, при што имаат огромна работа од стотици задачи:

Прецизира дека од акцискиот план призлегуваат неколку стотици мерки кои задираат во речиси сите области како што се правосудството, јавната администрација безбедносниот сектор, медиумите, меѓуетничките односи…

Еден поголем сет реформи се исправени пред нас, но убеден сум дека со силен ангажман од страната на Владата…ќе го завршиме процесот онака како што се бара, бидејќи е од огромно значање за членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, рече Димитриев

 

Премиерот, дури и најде оправдување зошто досега не било сработено или било сработено многу малку, а причината за тоа била предвидените избори во земјата според Договорот од Пржино: „Во периодот кога беа распишани изборите, ваквите активности не одеа со динамиката која беше посакувана“

Но, дури и да почнат позабрзано некои активности, дел од експертите укажуваат на опасноста од „техницизирање“ на реформските приоритети, односно нивно спроведување само формално и на хартија – измена на закон колку да се каже дека се исполнило тоа што се барало, а далеку од „суштината на промените што се барани со извештајот на Прибе“ [Симонида Кацарска, програмски координатор на невалдината ЕПИ, во дебатата Топ тема на ТВ Телма (од 19.03 – 22,30 мин.)]

Бидејќи станува збор за клучни, суштински и длабоки реформи, кои Владата уште под диригентската палка на стариот премиер се нафати  да ги спроведе, а бидејќи во меѓувреме од истите е спроведено многу малку, додека политичката криза е уште повеќе продлабочена од јуни 2015, изјавата на Груевски дека „државните институции се целосно фокусирани за спроведување реформите“, ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Теофил Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *