Иванов, без мудрување, е должен да го даде мандатот за состав на влада

Фото: Мета

Професорот по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје, би требало добро знае дека нема аргументи за одлуката да не му го даде мандатот на Заев и дека Уставот по ова прашање е дециден. Членот 90 од Уставот јасно кажува дека претседателот е ДОЛЖЕН да му го даде мандатот на оној што има мнозинство во парламентот. Значи, не му остава простор на Иванов да размислува, да мери и премерува, да оценува и да поставува дополнителни услови, туку мора да го испочитува Уставот и сакал тој, или не, да го додели мандатот

Професорот по право и политикологија на  Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје, би требало добро знае дека нема аргументи за одлуката да не му го даде мандатот на Заев и дека Уставот по ова прашање е дециден.   Членот 90 од Уставот  јасно кажува дека претседателот е ДОЛЖЕН да му го даде мандатот на оној што има мнозинство во парламентот. Значи, не му  остава простор на Иванов да размислува, да мери и премерува, да оценува и да поставува дополнителни услови, туку мора да го испочитува Уставот и сакал тој, или не, да го додели мандатот

 

Пишува: Оливера Војновска

 

 

Претседателот Ѓорѓе Иванов  на први март (2017) во своето обраќање до граѓаните на Република Македонија образложувајќи ги причините поради кои одлучил да не му го даде мандатот за составување нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и покрај тоа што добил поддршката од 67 пратеници,  ја даде следата изјава во која има извртување на вистината.

Спин: Пред два дена, на 27 февруари, ми беше доставен доказ дека е создадено мнозинство во Собранието на Република Македонија. Во таа прилика им честитав на партиите кои успеале да создадат мнозинство бидејќи тоа е важен чекор кон излез од кризата.

Денеска го поканив лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, господинот Зоран Заев на консултативна средба во однос на одлуката за доделување мандат за состав на Влада на Република Македонија.

На средбата го запознав за сите правни мислења за кои вчера разговарав со компетентни правни експерти. Според нив, во согласност со член 90, мнозинството е постигнато и тоа е основа за да се додели мандатот за состав на Влада.

Сепак, според правните експерти, проблем се роковите.  Имено, за да се испочитува член 90 од Уставот на Република Македонија останува исполнувањето на роковите кои се утврдени со Устав. Почитувањето на роковите е неопходно за трансферот на власта да биде легален и легитимен. Разговаравме за повеќе решенија како да се надмине проблемот со роковите и да се додели мандатот, а притоа одлуката да не биде во спротивност со член 90 од Уставот.

Ова прашање е лесно надминливо и за тоа постојат решенија, особено сега кога е веќе создадено и обезбедено мнозинство во Собранието. Во спротивно, мојата одлука за доделување на мандат без запазување на рокот од 10 дена даден во член 90 може да биде оспорена.

На господинот Заев му предложив да изврши консултации и да ме извести за нивниот став за понудените решенија….

Покрај оваа формална-правна пречка, постои и  многу посуштествен проблем… …Втората, суштинска забелешка е дека разговарање за содржината или преговарање за платформа на туѓа држава е спротивно на Уставот на Република Македонија…

[Извор: Локално, датум: 01.03.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

 

Контраспин: Повикувајќи се на свечената изјава – заклетва, со која пред Собранието се обврзал дека совесно и одговорно ќе ја врши претседателската функција, шефот на државата Ѓорѓе Иванов (01.03.2017) на македонската јавност ѝ  соопшти :  „ниту Уставот ниту совеста не ми дозволуваат да дадам мандат на секој оној кој го руши суверенитетот и независноста на Република Македонија.“.  Притоа, Иванов  посочи два проблема поради кои нема да му го даде мандатот на Зоран Заев:  „прво, дека има формална-правна пречка, односно дека не биле запазени роковите од десет дена и второ, но пресудно, постизборната политичка платформа која е изработена и потпишана во туѓа држава“. Ваквата негова изјава ја сметаме за груб политички спин ставен во фунција да се одбрани неодбранливото.

Професорот по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје, би требало добро да знае дека нема аргументи за одлуката да не му го даде мандатот на Заев и дека Уставот по ова прашање е дециден. Членот 90 од Уставот  јасно кажува дека претседателот е ДОЛЖЕН да му го даде мандатот на оној што има мнозинство во Парламентот. Значи, највисокиот законодавен акт во државата не му  остава простор на Иванов да размислува, да мери и премерува, да оценува и да поставува дополнителни услови, туку мора да го испочитува Уставот и сакал тој или, не, да го додели мандатот:

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
(Член 90)

Универзитетскиот професор, Светомир Шкариќ во изјава за порталот „Фактор“  вели дека  Иванов  ја злупотребил позицијата претседател, го прекршил Уставот и може да заработи импичмент.

Со тоа што не го довери мандатот на партијата која обезбедила парламентарно мнозинство, шефот на државата го минира и девалвира конституционалниот акт. Не е негово право, туку обврска да го даде мандатот на претседателот на СДСМ штом има поддршка од 67 пратеници и како мандатар да формира Влада.

Иванов прави уставен преседан и генерира уште подлабока криза. Свесно или не тој ја вовлекува земјата во хаотична и деликатна состојба. Тој станува генератор на кризата, обидувајќи се со уцени да оди против волјата на граѓаните, а во истовреме го маргинализира Собранието. Претседателот се грижи за унитарноста, а Законодавниот дом има надлежност за сувереност и уставноста,  објаснува проф. Светомир Шкариќ,

Тој дополнува и дека

се обезбедени сите елементи за формирање на Влада која би имала парламентарното  мнозинство и затоа е неопходно веднаш да се свика седницата на која ќе изберат претседател на Собранието, а потоа да преминат кон формирање на Владата.

Професор Шкариќ предлага веднаш да се свика Собранието, да се формира Собраниска комисија за избори која ќе номинира спикер. Тој не исклучува и Импичмент за Иванов, ако парламентарците го отворат прашањето за негова одговорност поради крешење на Уставот.

Во слична насока е и ставот на професорот по правни науки на Универзитетот ФОН, Осман Кадриу, кој за порталот „Плусинфо“ изјави дека Иванов не смее да се повикува на дискреционо право за доделување на мандатот.

Без никакви услови Иванов треба да го даде мандатот на претставник на партија или коалиција која ги исполнува условите, а тоа е обезбедено парламентарно мнозинство од 61 пратеник  (Кадриу)

Со оглед на тоа што Иванов не го додели мандатот, според професорот Кадриу:

Во најмала рака сега треба да се бранат државата и институциите. Иванов не постапи по уставната определба, останува да се видат другите опции кои Уставот ги нуди. Влада треба да се избере, целата надлежност и одговорност сега преминува во Парламентот, сега фактички се заобиколува функцијата претседател и Собранието треба да смогне сили и да се состане. Има коалиција, има парламентарно мнозинство, и сега останува парламентарното мнозинство да бара свикување седница на Собранието  (Кадриу)

И универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски смета дека постојат уставни приоритети и дека сега таков приоритет е формирањето влада. Фрчкоски  за Плусинфо вели:

Давањето мандат не е конститутивен елемент на формирањето на владата, туку е пропратен елемент. Ако не може од некои причини да го даде мандатот, процедурата мора да оди понатаму. Има регионални преседани, во Словенија, на пример, каде Данило Турк бил претседател, понормален од нашиот, па одмолчел кога Јанез Јанша влада направил со мнозинството. Влада се конституира во Собрание, тоа е друга власт. Иванов не може да го оспори елементот на формирање на таа власт. Тоа е државен удар или кршење на уставната поделба на власта ако се попречи тоа. Сега се работи само за обид на тоа. Тоа може да биде проследено со немири на улици, но тоа е друга работа. (Фрчкоски)

Тврдењето на Иванов, пак, дека со неговата одлука да не му го додели на Заев мандатот за составување на влада, покажува грижа за „суверенитетот, интегритетот и независноста на државата“, е, исто така, чист политички спин. Во член 2 од Уставот на РМ е јасно наведено од каде доаѓа и кому му припаѓа суверенитетот:

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување. (Член 2)

Заев му достави на Иванов потписи од 67 демократски избрани претставници, Иванов не ја испочитува нивната волја, а погазувајќи го нивниот избор тој го погази и суверенитетот.

И конечно, која е гаранцијата дека во случај да се оди на нови вонредни парламентарни избори и во кои, во една претпоставена ситуација, повторно би имало ист или сличен распоред на силите (на што укажуваат анкетите), Иванов би ја почитувал народната волја. Напротив, сите елементи укажуваат на тоа дека многу поверојатно е дека повторно би ја погазил.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција