Иванов гледа економски раст кој едноставно го нема
Во 2009 година и во 2012 година Македонија не само што немаше ниту највисок економски раст, ниту меѓу наголемите во Европа, туку овие две години економијата забележа пад
Во 2009 година и во 2012 година Македонија не само што немаше ниту највисок економски раст, ниту меѓу најголемите во Европа, туку овие две години економијата забележа пад
Претседателот Ѓорге Иванов минатата недела даде интервју за Хрватската телевизија. Еве го оној дел од интервјуто кој би сакале овде да го провериме во смисла на неговата вистинитост:
ИВАНОВ: „Македонија без членство во НАТО и ЕУ во услови на најголема глобална економска криза, која почна во 2008 година, покажа.. Македонија имаше економски раст, највисок… меѓу најголемите во Европа.“
НОВИНАР: „Колкав?“
ИВАНОВ: „Доаѓаше над 4 проценти раст…“
(Извор: ХРТ/Македонија24, датум: 7. април, 2017 – 32:16-32:34)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Најпрвин да видиме дали Македонија нависина имаше економски раст кој е „највисок… меѓу најголемите во Европа“. „Вистиномер“ за оваа тема има пишувано, проверувајќи слична изјава на поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески и компаративните податоци на Меѓународниот монетарен фонд покажаа дека ова не е вистина. Во никој случај.
Како што може да се види, во 2009 година и во 2012 година Македонија не само што немаше ниту највисок економски раст, ниту меѓу најголемите во Европа, туку овие две години економијата забележа пад. Подетални информации, покрај во горната табела, можат да се најдат во основниот текст, каде што оценета изјавата на Ставрески. Она што е доволно да се напомене е тоа дека кога имате економски раст кој е на 15-то место или 16-то место во Европа, во никој случај не може да се каже дека имате раст кој е меѓу највисоките во Европа.
После, претседателот вели дека во текот на светската рецесија „која почна во 2008 година“ економскиот раст „доаѓаше над 4 отсто“. Ова, исто така, е невистина. На долниот графикон јасно се гледа дека во период од 6 години по започнувањето на економската криза, од 2009 до 2014 година, економскиот раст на земјава никогаш не достигнал ни 4 отсто, а камоли, пак „над 4 проценти“.
Да нема забуна, економскиот раст во 2008 година изнесуваше 5,5%. Но, овој раст нема врска со светската рецесија зашто е резултат на економските движења пред нејзиното настапување. Ударот на економската криза врз светската економија се почувствува во последниот квартал од 2008 година, додека кај нас нејзините последици ги почувствуваме со почетокот на следната 2009 година, кога економијата од 5,5% падна на -0,4%. Дека Иванов не мисли на 2008 година покажува и фактот што тој вели „доаѓаше над 4 проценти раст“. Кога некој мисли на бројка од 5,5% не вели „над 4 проценти“.
ИЗВОРИ:
- Вистиномер – Ставрески: Која е вистината за македонскиот економски раст во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ – 09.03.2015, (проверено на 18.04.2017)
- Интервју – Иванов за ХРТ: Заев влезе во туѓа игра од која сега не може да излезе – 07.04.2017, (проверено на 18.04.2017)
- ММФ – World Economic Outlook Database, October 2014, (проверено на 18.04.2017)
- НБРМ – Основни економски показатели, 18.04.2017, (проверено на 18.04.2017)
Оцени: Владимир Петрески
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар