Иванов гледа генерализација каде што ја нема

Доследно-недоследно...Фото: Веб сајт на Претседател на РМ

Претседателот Иванов во вечерните часови на 28.11.2017 ѝ се обрати на јавноста во врска со настаните од почетокот на денот, прииведувањето на неколку десетини осомничени лица за настаните од 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија, кои се познати и како „Крвавиот четврток“, при што се забележуваат неколку недоследности од кои издвоивме две

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во говор одржан на 28.11.2017, искажа неколку реченици кои во најмала рака можат да се оценат како недоследност:

Изјава: За политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, да се почитува презумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела.

Ја поддржував и сега ја поддржувам граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која повеќе од два и пол месеци на мирен и достоинствен начин ја искажуваше грижата за националните интереси на Република Македонија. Граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација.

Секојдневно до мене пристигнуваат информации и загрижен сум за политичкиот реваншизам што е видлив на повеќе нивоа, од јавната администрација, до судско-полициските случаи. Со ова се внесува страв и несигурност што доведува до состојба на тензии и политичка дестабилизација…

[Извор: Веб страница на Претседател на РМдатум: 28.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот Иванов во вечерните часови на 28.11.2017 ѝ се обрати на јавноста во врска со настаните од почетокот на денот, прииведувањето на неколку десетини осомничени лица за настаните од 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија, кои се познати и како „Крвавиот четврток“, при што се забележуваат неколку недоследности од кои издвоивме две.

Иванов говорот го започнува со констатација дека: за политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има... Но, одговорноста не смее да се генерализира.

Потоа, објаснувајќи дека тој и тогаш и сега ги поддржувал активностите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кажа: граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација.

На 28.11.2017 година, по наредба на Обинителството за гонење на организиран криминал и корупција при Основното јавно обвинителство беа приведени во скопскиот кривичен суд над дваесетина лица. За тоа сведочат и извештаите и репортерските јавувања во текот на целиот ден, но и соопштението од ОЈО:

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка.

По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик.

Од погоре посочените извори – медиумите и ОЈО, сосема е јасно дека во судот се донесени поединци, меѓу кои има и неколкумина кои биле дел од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. А, колку што може да се констатира од медиумските архиви, повеќе стотини граѓани секојдневно јавно излегуваа на протести.

Оттука, за какво генерализрање зборува претседателот Иванов? Станува збор за кривично-правна постапка во која има неколку десетини осомничени лица за тешко кривично дело. Овие неколку десетини, не се сите од граѓанска иницијатива, напротив, само помалиот дел од приведените и веќе притворените се дел од неа. Тие, исто така, не може да влезат ниту во вториот дел од недоследната изјава на Иванов – судско полциски случаи поттикнати од реваншизам. Ниту, пак, во јавноста досега, освен опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, постои таква перцепција дека во општеството се случува политичкиот реваншизам што е видлив на повеќе нивоа, од јавната администрација, до судско-полициските случаи, како што вели Иванов.

А, доколку тој располага со квантифицирани и документирани случаи, можеби било дослeдно и во истиот овој говор, или евентуално во друг, да ги посочи и да предупреди посебно на тоа.

Поради погоре искажаните аргументи, делот од изјавата на Иванов, кој што го издвоивме на почетокот од текстот, го оценуваме како недоследен.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција