Иванов и Груевски синхронизирано заплашуваат со федерализација

 

Потпретседателката на СДСМ и пратеник во Собранието Радмила Шеќеринска во ТВ дебата на Алсат-М, меѓу другото ја даде и следната изјава што ја оценуваме како вистина:

Шеќеринска: …Тие (ВМРО-ДПМНЕ) денеска се полни со тези дека некој ќе правел пуч во Македонија. Единствените пучисти во државата се луѓето кои не дозволуваат трансфер на власта. Затоа велам, пропагандата е моќна и ќе нè убеди во работи кои никој никаде не ги споменува. Значи, никој во моментов, освен Груевски и Иванов, не зборуваат за федерализација. Никој, освен Груевски и Иванов, не зборува за кантонизација. Никој, освен Иванов и Груевски не ја доведува во прашање унитарноста на државата. Ама, тоа е тој отров што се сервира во редовни дози и јас се согласувам дека е проблем…

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на потпретседателката на СДСМ и пратеник, Радмила Шеќеринска, е дел од ТВ дебата емитувана на Алсат-М на 20.04.2017 и таа, ако се отстранат формализмите при толкувањето, е вистина.

Под формализми се мисли дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и некои експерти и аналитичари што во јавноста важат блиски до партијата ги зборуваат истите работи, но, всушност, станува за повторување на ставовите кои најнапред биле искажани од лидерот на партијата Никола Груевски или од претседателот Ѓорге Иванов и кои континуирано се повторуваат во некоја слична временска дистанца.

Да потсетиме од каде и кога интензивно почнаа заплашувањата дека СДСМ, заедно со партиите ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА, ќе ја кантонизирале, федерализирале, поделеле Македонија.

Ширењето на овие тези започна само два дена откако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успеаја да договорат коалиција за идната влада по 20 дневно преговарање, кога дури утредента ВМРО-ДПМНЕ сооопшти кратко, без да ги наведува причините дека не успеале да се договорат и дека тие излезот сега го гледаат во нови избори.

Откако, повикувајќи се на уставната пракса и праксата во повеќето земји членки во демократските системи, СДСМ и другите партии побараа добивање мандат на другите партии во парламентот и откако стана јасно дека тие намери се сериозни и ќе се успее во формирање мнозинство, започнаа изјавите, најпрво од Иванов, а потоа од Груевски, и тие се повторувани многу често и во домашната и во меѓународната јавност.

Започна Иванов со изјавата од 01.02.2017, кога после консултациите со сите политички партии постави два услова за давање мандат на некоја друга партија освен ВМРО-ДПМНЕ, при што вториот услов беше гаранција за унитарноста…

Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета:
Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата.
(Иванов – изјава на 01.02.2017)

Откако стана јасно дека мнозинствo ќе има и ќе го предводи СДСМ, се јавува Груевски со првата отворена порака дека државата била загрозена.

Главната причина за целата операција од некои надворешни центри кон Македонија е промена на името на државата и промена на идентитетот…Секундарно е ова што сега го слушаме со двојазичноста, со правење на Македонија бинационална држава. По двојазичноста веројатно ќе следуваат и други работи. Можеби ќе се оди, и веројатно ќе се оди кон федерализација и кантонизација, итн, но клучното заради кое што е започната операцијата, е промената на името… (Груевски – интервју на 26.02.2017) 

Потоа следи повторно изјава на Иванoв дека не го дава мандатот затоа што имало две пречки, од кои првата е формална, но втората била загрозеност на државата и нејзина потчинетост на центри од надвор:

Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени. (Иванов – изјава на 01.03.2017)

Потоа, пак следи Груевски, како поткрепа на Иванов:

Најголем број гласови на Македонците ги доби ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ беше поразена, иако имаше голем број на гласови, дел од нив македонски, дел албански, сепак тие немаа мнозинство. Така што со оваа коалиција, не некој начин, Македонците во РМ, мнозинството Македонци, ќе бидат во опозиција. Мнозинството Албанци ќе бидат на власт…

…Не смее да се дозволи СДСМ и ДУИ да формираат влада, зашто со имплементирањето на платформата се крши уставот и унитарноста на земјата, и насила се воведува бинационалност во мултиетничко општество. (Груевски – интервју, 05.03.2017)

По две недели повторно се јавува Груевски со истите тези за загрозеноста:

Се спроведува план за двоојазичност на цела територија, бинационалност, федерализација и конечно промена на името и идентитеотот

Тоа е еден план кој единствено народот може да го спречи. Јас кажав државата е нападната, ВМРО има само 51 пратеник, нема 61 или 63 како што посакувавме и не можеме сами да ја одбраниме во парламентот, потребно е народот да си ја одбрани својата држава затоа што може да ја нема. И да не испадне дека не сум го кажал ова, го кажувам и го повторувам: државата може да ја нема, ако се остави на овој човек (Заев н.з.) и неговите сценаристи да го истераат својот план. (Груевски – Интервју, 19.03.2017)

Па повторно Иванов, веќе следниот ден:

Платформата била договорена во Тирана, Албанија, со посредство на албанскиот премиер Еди Рама. Со оваа платформа, Република Македонија се доведува во состојба на потчинетост и се загрозува нејзиниот суверенитет и независност. Се работи за пост-изборна платформа, за која граѓаните немаа можност да се изјаснат на предвремените парламентарни избори, и која ги доведува во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани. (Иванов – Интервју, 20.03.2017)

Списокот продолжува и во април, но веќе е беспредметно да се должи оваа проверка на факти во изјавата на Шеќеринска. Тврдењето дека само Груевски и Иванов гледаат загрозеност на државата, федерализација, кантонизација, итн, е вистина, т.е. докажливо е со факти дека приказната потекнува само од нив двајца и со континуирно јавување во јавност на седум до десет дена, на таа приказна ѝ се долева погонско гориво.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Теофил Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *