Иванов можеше и порано да го даде мандатот, германската амбасадорка не ширела лажни информации

 

 

Во интервјуто за ТВ Нова, претседателот Ѓорѓе Иванов, вечерта по доделувањето на мандатот за премиер на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го изјави следново:

Спомнавте германското МНР. Мислам, такво соопштение да даде германско Министерство за надворешни работи покажува дека нивниот амбасадор тука се служи со лажни вести. И не е првпат. И за бегалската криза имавме иста ситуација, па канцеларката Меркел мораше да се извинува јавно во Брисел кога имавме за бегалската криза за неточни податоци кои ги добивала од нивната амбасада тука. Така што, па еве, апел до Германија, после еден Ханс Лотах Штефан, кој беше амбасадор на Германија, кој ја напиша најбрилијантната студија за Македонија во последниве децении, вакво ниво на дипломати да ни праќате е навреда. Треба да размисли Германија кои дипломати ги праќа во Македонија, затоа што ова е недозволиво на лажни информации да темелат соопштение кое го дава германско Министерство за надворешни работи. Како порано да се даде мандатот? Да го кршам Уставот? Како да биде изведено ова што денес го изведовме? Со насилство?

[Извор: Интервју на Ѓорге Иванов, ТВ Нова, датум: 17.05.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Овој исказ на Иванов е проблематичен по два основа – пред сè, тој претставува негативен дипломатски преседан во кој шеф на држава обвинува дипломат на друга држава дека зборува невистина, без за тоа да понуди никаков аргумент, а вториот е неговото тврдење дека не можел порано да го додели мандатот за состав на влада на СДСМ без да го прекрши Уставот, што не кореспондира со вистината.

Претседателот Иванов во интервјуто објасни дека, наспроти искажаниот став на германското МНР, тој не можел пред 17 мај да го додели мандатот, а да не го прекрши Уставот на Република Македонија. Притоа, отворено посочи дека загрижува квалитетот на делот странски дипломати во Македонија и дека тоа што германската амбасадорка во РМ, Кристине Алтхаузер, испраќала лажни информации за состојбите во Македонија до Министерството за надворешни работи на Германија го испровоцирало остриот тон на соопштението на германската дипломатија, дека тоа се случувало и порано за што добил и извинување од германската канцеларка Ангела Меркел, за на крајот да праша дали можеби требало мандатот да го даде порано и по цена на кршење на Уставот.

Изјавата на Иванов беше директно поттикната од соопштението на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија со кое се поздравува давањето на мандатот на Зоран Заев, притоа нагласувајќи дека Иванов „по долго размислување, донесе вистинска одлука и се откажа од блокадата“, но и дека „оваа одлука требаше одамна да се случи и конечно, го рефлектира исходот од изборите во декември 2016 во земјата“. За Иванов, ваквиот став на германската дипломатија бил предизвикан од тоа што добивале лажни информации.

Иванов не дообјасни во која прилика и кога Меркел точно му се извинила, но на ова тврдење на Иванов ден подоцна следеше и демант од портпарол на министерството дека имало било какво извинување до Иванов од канцеларката Меркел.

За оваа недипломатска изјава на македонскиот претседател веднаш се огласи Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија со соопштение во кое се вели дека:

обвинувањата против германските дипломати и дипломати на други пријателски држави се неумесни… Познато е дека оценките кои се доставуваат во земјата-домаќин, секогаш се прават во тесна соработка меѓу Министерството за надворешни работи и самата Амбасада.

Самата амбасадорка Алтхаузер вака го искоментира дипломатскиот гаф на Иванов, со кого, како што изјави имала добра соработка: Колку поголем непријател, толку поголема чест за мене”.

Ставот искажан во соопштението на германското МНР од 17 мај, всушност, се совпаѓа со искажаните ставови на Европската унија, САД и НАТО, кои преку изјави на свои претставници во повеќе наврати отворено го повикуваа македонскиот претседател да ја испочитува јасно изразената волја на македонските гласачи, како и односот на силите во македонското Собрание и, во склад со Уставот да му го додели мандатот на претседателот на СДСМ, партија која успеа да обезбеди мнозинство пратеници во Парламентот. Повеќе од два месеца откако одби да му го даде мандатот на Заев, Иванов имаше средба со високиот претставник на Стејт Департментот, Хојт Ји, после кое следеше одредено омекнување на неговиот ригиден став во однос на недавањето на мандатот, а кое дотогаш го оправдуваше со наводната загрозеност на унитарноста на државата, изјавувајќи дека пречките се надминливи, па дури побара помош од САД во отстранувањето на пречките и

да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот.

Изјавата на Иванов, меѓутоа, не е проблематична само од аспект на меѓународниот углед на Македонија и повреда на дипломатскиот бонтон, туку и бидејќи неговото тврдење дека немал кога порано да му го даде мандатот на Заев и на новото парламентарно мнозинство да формираат влада, бидејќи тоа ќе подразбирало „кршење на Уставот“, не е вистинита.

Еве како во македонскиот Устав е уредена улогата на претседателот на државата во однос на давањето мандат за состав на нова влада:

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. (Устав на РМ, Член 90)

Од ова произлегува дека Уставот не му остава на претседателот мандатот да го доделува по свое наоѓање и проценка, туку е употребен императивот „должен е“ да го довери мандатот на партијата односно на партиите кои оформиле мнозинство од вкупниот број на пратеници во парламентот. Реномираниот професор по уставно право, Светомир Шкариќ вака објасни зошто, според неговото мислење Иванов грубо го прекршил Уставот:

Со тоа што не го довери мандатот на партијата која обезбедила парламентарно мнозинство шефот на државата го минира и девалвира конституционалниот акт. Не е негово право, туку обврска да го даде мандатот на претседателот на СДСМ штом има поддршка од 67 пратеници и како мандатар да формира Влада,

додавајќи дека со тоа што не го дава мандатот, Иванов станува

генератор на кризата, обидувајќи се со уцени да оди против волјата на граѓаните.

Претседателот Иванов во неколку наврати потврди дека нема намера да му го даде мандатот на Заев, образложувајќи го тоа со одбрана на државните интереси, кои според него се загрозени од таканаречената Тиранска платформа:

И да се избере претседател на Собрание, мандат за формирање влада лидерот на СДСМ, Зоран Заев, нема да добие без да се откаже од Тиранската платформа,

изјави претседателот Ѓорѓе Иванов во интервју за хрватската национална телевизија.

Иванов отворено го обвини лидерот на СДСМ дека

прифати платформа која е донесена во кабинетот на премиерот на друга држава. Ако дадам мандат на некој кој прифатил платформа на туѓа држава, согласно нашиот Кривичен закон, членот 308, јас ја рушам независноста на државата. Таму изричито стои, тој што би ја довел државата во подредена состојба и зависност од друга држава се казнува до пет години,

односно дека 67-те потписи на новото парламентарно мнозинство биле добиени под уцена на албанските партии кон Заев, но притоа ниту тој, ниту пак, било претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои јавно го обвинуваа Заев дека извршил предавство на државата, не обелоденија конкретен доказ дека овие тврдења имаат основ, односно дека навистина постои било каква причина шефот на државата да не го испочитува она што му го налага Уставот како највисок правен акт во државата.

Она што набргу по своето објавување беше наречено „платформа на Албанците“, па потоа „платформа од Тирана“ или „Тиранската платформа“ е, всушност, политичка декларација изготвена од ДУИ и потпишана од БЕСА, Демократската партија на Албанците и Алијансата на Албанците која требаше да послужи како заедничка платформа на албанските партии за преговори за состав на новата влада по предвремените парламентарни избори во декември 2016 година. Таа ги содржи ставовите на партиите на Албанците за клучните прашања за Албанците во Македонија, со јавно достапна и позната содржина, од која не може да се заклучи дека навистина ја загрозува независноста на Македонија. Нема ниту еден аргумент за таквото тврдење на Иванов. Во ниту еден дел од Декларацијата не стои такво нешто.

Нема никакви платформи, туку само заедничка програма на идната влада,

порача лидерот на СДСМ, Заев, презентирајќи ја програмата на идната македонска Влада, составена од Социјалдемократскиот сојуз и неговите коалициони партнери од редовите на партиите на Албанците.

Според тоа, тврдењето на претседателот Иванов дека не можел порано од 17 мај да го даде мандатот за состав на идната влада на Зоран Заев, е невистинито.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *